Достапни линкови

Ваши коментари - Предвремен старт на изборната кампања


Кандидатите за градоначаници на Град Скопје потпишаа Кодекс за фер и демократски избори.

Фановите на РСЕ на Фејсбук коментираат за тоа што изборната кампања почнала пред време, коментираат за непотизмот во Владата и за изборните ветувања, а многу родители реагираат и на информацијата за проблемите на основците со читање и математика.

Политички аналитичари и експерти велат дека предизборната кампања за локалните избори почнала уште пред нејзиното официјално објавување, а тоа се забележува и по коментарите на нашата ФБ страница. ВМРО-ДПМНЕ, на пример, по пресот на владиниот портпарол кога наведе дека сегашната опозиција потрошила 38 милиони евра за, како што рече, пропаганда и кампањи објавувани на електронски и печатени медиуми, се брани дека тие имале едукативна и информативна функција.

За Кирил Василев тоа биле „Големи лаги за да биде нападната ВМРО и да се претстават како лажачи и крадци“, а Љупчо Панев пишува: „Со народни пари му продаваше патриотизам на народот што му ја даваше довербата 11 години. Епа, време е народот да ги казни!“

Столе Шопов ги коментира постовите во кои има оправдување за вледеењето на сегашната опозиција, па вели: „Што глуп народ сме, па после ДПМНЕ или СДСМ ни биле криви. Сами сме си криви и никој друг“.

Има коментари и по изјавата на премиерот и лидер на СДСМ Заев, по враќањето од Њујорк, кој, покрај другото, рече дека „перспективите ни се на дланка, а сè зависи од нас“. Јусуф Јашари смета дека тоа се „надежни зборови“, а Мимоза Станковска дека се „лажги со опашки“.

Има огромен број коментари и постови по информацијата за најавата на Груевски за нов пристап на партијата и за најавата дека заменик на Коце Трајановски ќе биде Албанец, на промоцијата на кандидатите за градоначалници.

Никола Велевски постирал: „Гледаме во каква иднина со вас дотуркавме!“ Има голем број реакции и по информацијата за однесувањето на генералниот секретар на Владата, Рашковски: За Рубин Ристески „тие две партии се со истите луѓе кои се шетаат од една во друга партија само од КОРИСТ!“ А Наташа Ангеловска со резигниран хумор постира: „Како не бев баба или кумашинка на Рашковски?“

По информацијата дека нашите основци имаат проблем со читањето и математиката, реагираат еден куп родители од нивното лично искуство. За многумина виновна е Кембриџ програмата и бараат таа да се укине, како и за Драге Исаески на пример, а Сашка Попоска Тренеска напишала:

„Со новата програма заборавија да воведат закон и ние родителите да добиваме свидетелства! Бидејќи и ние учиме, дури и повеќе отколку што треба од нашите деца. Ги направивме децата паразити, не можат ни да научат ни да напишат нешто без нас...“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG