Достапни линкови

Локални избори со непостоечки мигранти


Транзитниот центар за мигранти во Табановце.

Неколку општини веќе донесоа одлуки за спроведување референдум против изградба на мигрантски кампови, иако владата негира дека воопшто ќе се градат. Премиерот Зоран Заев вели дека ќе ги поддржат референдумите за да ја покажат апсурдноста на опозициската кампања.

Демантите на Владата дека нема да има населување на мигранти, ниту пак ќе се градат станови за нив, не ги предомислија советите на неколку општини да донесат одлука да се одржат референдуми за прашањето за населување на мигранти и тоа на истито ден кога ке се одржат и локалните избори.

Имено жителите на Штип, Кавадарци, Битола, Гевгелија и скопските општини Гази Баба, Аеродром и Карпош ќе гласаат на референдум кој се планира да се одржи на денот на локалните избори, 15 октомври. Домашните аналитичари објаснуваат дека токму темите кои се очекува да предизвикаат голема емоционална реакција кај луѓето се дел од предизборната стратегија на партиите кои немаат што реално да им понудат на гласачите.

„Форсирањето на една ваква тема само покажува дека ВМРО-ДПМНЕ е свесна како партија дека во моментот не може да излезе со реални резултати затоа што се очигледни фактите кои зборуваат за уназадување на Македонија во скоро сите области и затоа се обидуваат да ги концентрираат емоциите на луѓето околу вакви прашања кои ги бришат или ги стават на трето, четврто ниво сите останати потреби. Значи основата идеја со којашто се оди е да го развијат чувството на загрозеност, а кога човек е загрозен не се важи или стануваат помалку важни сите секојдневни проблеми и барања“, вели професор Мирјана Најчевска.

И социологот Хасан Јашари вели дека проблемот е непостоечки. Непотребна е, вели Јашари, секоја дебата околу еден проблем кој е апстрактен.

„Целта на опозицијата е да ја напаѓа Владата, што е и легитимно. Но, не е во ред да се настапува пренагласено и агресивно. Во кампањата ќе има и други теми кои ќе ги отвора ВМРО-ДПМНЕ, но теми како што е ова со мигрантите се одбираат поради религиозниот момент на бегалците кои доаѓаат од Блискиот Исток, па со тој факт го подгреваат адреналинот кај граѓаните“, вели Јашари.

Најчевска нема дилема дека ова прашање, кое како што вели, го развива чувството на загрозеност кај луѓето, ќе биде една од главните теми во изборната кампања на опозицијата. Кога станува збор за вакви елементарни емоции, многу често рационалниот начин на размислување е потиснат на второ ниво, додава Најчевска.

„Немаат вистинска тема која би можела да го привлече вниманието на граѓаните. За другите теми може да се вадат аргументи, за или против, да се влезе во разговор, за оваа тема тие создаваат почва за отфрлање на каков било разговор и играат на картата на стравот“, децидна е Најчевска.

Дека ова прашање ќе биде едно од главните теми во предизборната кампања на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, неодамна потврди и портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски.

„Секако, тоа е една од темите кои ги засегаат сите граѓани“, ни изјави Котевски.

Целата оваа кампања на опозицијата и на граѓанската иницијатива „Будење“ која собира потписи против, како што велат, доселувањето на мигрантите, повеќепати е демантирана од претставници на Владата со тврдење дека Предлог стратегијата за интеграција на бегалци и странци ‎2017 – 2027 е всушност продолжение на онаа што ја донела владата на ВМРО-ДПМНЕ и дека во ниту еден случај не се предвидува населување на мигрантите.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска од самиот почеток тврди дека се работи за манипулација и дека во Македонија нема да се населуваат бегалци, ниту да се градат станови.

„Не, нема воопшто да се градат станови за бегалци. Македонија во моментов нема ни предвидено буџетски средства за градење на објекти каде што ќе се сместуваат бегалци“, рече Царовска во неодамнешното неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Став на премиерот Зоран Заев е дека референдумите од неколку општини за изградба на станови за бегалци најавени за денот на локалните избори се политичка манипулација за дефокусирање на вниманието на граѓаните во пресрет на изборите. Тој најави дека и тие ќе ги поддржеле референдумите и ќе гласале акцентирајќи ја баналноста и апсурдноста на политиката на нивниот партиски ривал.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG