Достапни линкови

Интерпелациите во функција на локалните избори


Архивска фотографија - Премиерот Зоран Заев со членовите на владата

Интерпелациите за министрите се со цел водење дебата за дневнополитички теми во корист на предизборна кампања, велат поранешни пратеници. Тие сметаат дека на ваков начин опозицијата ќе ја дефокусира јавноста и од нивните внатрепартиски проблеми.

Опозицијата бара политичка и професионална одговорност од шест министри кои се дел од новата влада и се уште не дале отчет за сработеното во првите 100 дена. На опозицискиот список за интерпелација се најдоа министерката за труд Мила Царовска, министерот за земјоделство Љупчо Николовски, министерот за финансии Драган Тевдовски, неговиот колега за надворешни работи Никола Димитров, како и министрите за култура Роберт Алаѓозовски и за животна средина Садула Дураку. Според документите доставени до Собранието од пратениците на ВМРО- ДПМНЕ, заедничка особина на овие министри е неспособност, неодговорност кон сопствената држава и непознавање на проблематиката која треба да ја решаваат.

Потписници на интерпелацијата за министерот за земјоделство Николовски е поранешниот министер од овој ресор Љупчо Димовски заедно со уште четворица пратеници, додека на интерпелацијата на министерот за надворешни работи Димитров е неговиот претходник Никола Поповски.

Колку за споредба, за работењето на претходните министри од 2010 година па до лани, тогашната опозициска СДСМ поднела вкупно осум интерпелации за министри, од кои два пати биле поднесени за исти, односно поранешните министри Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески два пати одговарале пред пратениците за нивната работа.

Дел од аналитичарите велат дека ова е лицемерен обид на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да бараат политичка одговорност од министри кои не поминале 100 дена во кабинетите.

Поранешниот пратеник Насер Зибери објаснува дека овие интерпелации се поднесени со цел да се отвори дебата во пресрет на локалните избори и да се фрли сенка врз активностите на Владата и последните законски измени кои ќе ја зацврстат позицијата на Владата.

„Овие активности одат и во прилог на Груевски, кој во последно време сè повеќе се соочува со барање на промена на врхушката на ВМРО-ДПМНЕ и со ова се обидува да ги стиши тие гласини“, вели Зибери.

Тој додава дека интерпелација се поднесува за тешка повреда на законите кои може да имплицираат и кривична одговорност, но во овој случај очигледно е дека не се работи за тоа.

За поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, ваквите барања за интерпелација пред истек на сто дена од Влада го девалвира самиот Парламент, правејќи од него карикатура.

„Па веројатно сакаат да имаат теми пред локалните избори и за тоа да ја напаѓаат Владата. Тоа се дневнополитички цели и го злоупотребуваат Парламентот. Фактички со ова го прават Парламетот пачавра, му го одземаат угледот“, вели Андов.

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ министерот за земјоделство Николовски покажал несериозен пристап во справување и гасењето на пожарите, не ги координирал институциите и не одговорил зошто и по која процедура побарал да се ангажираат авиони за гасење на пожар од Бугарија и Турција.

Опозицијата бара интерпелација за Царовска поради предлог стратегијата за интеграција на бегалци и странци, која ВМРО-ДПМНЕ ја толкува во јавноста како обид за масовно населување на мигранти, иако таа се однесува на интеграција на странците кои имаат регулиран статус во земјава, кои побарале азил или кои имаат признаен статус на бегалец.

Договорот за добрососедските односи со Бугарија и нетранспарентните разговори со Грција се причините кои ги наведува опозицијата во интерпелација за Димитров, посочувајќи дека тој ја ставил Македонија во подредена улога во однос на соседите со направените стратегиски грешки. Опозицијата тврди дека крајната цел на Димитров и премиерот Заев, е уривање на темелите на македонската држава за на крајот да се промени името на државата.

Димитров на ваквото барање им одговори со 30 страници во кои наведува дека договорот со Бугарија како и неговата досегашна работа има за цел подобрување на добрососедските односи, ги застапува националните интереси и придонесува за трасирање на патот кон ЕУ и НАТО.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG