Достапни линкови

Законот за јазиците на прво читање во Собранието


Илустрација-собрание на Република Македонија

Првиот ден од собраниската расправа за предлог законот за употребата на јазиците поминува во тензична атмосфера со постојани барања за повлекување на предлогот и паузи од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Со тензии, расправии, довикувања, тропања почна првиот ден од расправата на пленарната седница на предлог-законот за употреба на јазиците во прво читање. До таквата ситуација дојде по повторно барање пауза од Илија Димовски, координатор на една од пратеничките групи на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Тој испорача три нивни барања - владејачкото мнозинство да не дозволело на ваков начин да се прекршел Охридскиот рамковен договор, да се остранeле процедуралните прекршувања во процедурата и да се организирала широка јавна расправа за предлог-законот во која ќе биле вклучени сите стручни и засегнати лица.

„Заради тоа што овие барања имаат суштински карактер, суптилни се и значајни за понатамошната стабилност на државата Македонија, како заедничка држава со унитарен карактер и мултиетничко општество барам еден час пауза“, рече Димовски.

Пауза нема да добиете, го прекина излагањето на пратеникот, претседателот на Собранието Талат Џафери, наведувајќи дека тој побарал пауза по истекот на дозволеното време за говорење. По ова Димовски почна да извикува „вие сте должни да дадете пауза“, а околу местото на Џафери се собраа сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. По смирување на тензиите, кои траеја петнаесетина минути, иако како што рече е дискутабилно, бидејќи не побарал пауза за време на трите минути процедурално, Џафери даде пауза од еден час.

„Не може да се наметне одлука под притисок и закана, а кога 50 пратеници излегувате овде и ја правите истата грешка, тогаш тоа значи дека е насилно. Под уцена ни сега, ни утре, ни никогаш нема да прифатам донесување одлука. На ваков начин кога може да се слушаме јас ќе прифатам, поради тоа што јавно се договараме во моментов“, рече Џафери.

Инаку собраниската седница на која втора точка на дневен ред е предлог-законот за употреба на јазиците во прво читање, почна со задоцнувањето од најавеното, а пратениците и претходно, по дваесетина минути работа, отидоа на едночасовна пауза. Прва точка на денешниот дневен ред е предлог одлука за објавување јавен оглас за избор на член на Државната изборна комисија, потоа следува предлог-законот за јазиците, па измени на други закони и интерпелациите за неколку министри што ги поднесе пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Димовски веднаш бараше точката за предлогот за употреба на јазиците да се тргне од дневен ред поради две причини- направени се, како што рече, катастрофални крупни и свесни грешки во процедурите на собранието, а злоупотребено е и знаменцето на Европската унија. Второ нагласи тој не се консултирани релевантни инистуции како МАНУ, Институтот за македонски јазик и други.

Барањето да се симне точката од дневен ред, не помина откако за него гласаа 40 „за“ и 60 „против“.

Пред почетокот на пленарна седница денеска предлог-законот беше поддржан и од собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците. Милошоски таму рече дека законот вака како што е предложен води кон целосна двојазичност и федерализација на Македонија. Минатата недела поддршка за законското решение даде и собраниската Комисија за европски прашања. Во дебатата во таа комисија пратеникот од ДУИ Џеват Адеми го обвини Милошоски дека до 29 јануари, додека траеле преговорите за влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ истиот закон како што рече не бил противуставен за нив.

Инаку со предлог законот се предвидува и во сите органи на државната власт, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно со закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Македонија и неговото писмо. Со предлог законот се предвидува на целата територија на земјава и во нејзините меѓународни односи освен македонскиот јазик и неговото кирилско писмо службен јазик да биде и јазикот кој го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG