Достапни линкови

Антикорупциска ги одби приговорите, Андонов не се враќа во Јасен


Архивска фотографија - Оливер Андонов

Државната комисија за спречување на корупцијата на седницата го одби приговорот за разрешување на вршителот на должност директор на „Јасен“ Оливер Андонов како неоснован. Андонов вели дека до Комисијата се приложени фалсификувани документи.

Државната Комисија за спречување на корупцијата го одби приговорот на Оливер Андонов кој три месеци беше директор во јавното претпријатие „Јасен“ со образложение дека одлуката за негово разрешување е донесена на 5- ти август, односно еден ден пред распишувањето на локалните изборите. Тој во неговиот приговор навел дека е разрешен спротивно од членот 8а од Изборниот законик, односно по распишувањето на изборите на 6- ти август. Од Комисијата ,исто така, рекоа дека не се надлежни да постапуваат за овој случај и дека има други органи каде Андонов треба да поведе постапка. Андонов кој имаше многу кусо искуство и како министер за внатрешни работи, изјави дека ќе инсистира правдата да излезе на виделина, тврдејќи дека до Комисијата се приложени фалсификувани документи

„Во однос на тоа кога е донесена одлуката јас имаат документ со датум кога ми е врачена одлуката за разрешување. Пишува тука оваа одлука важи од 11 08 . А дали ќе поведам постапка тоа јас ќе одлучам. Ќе инсистирам правдата да излезе на виделина. Никаде во одлуката за мое разрешување не стои 5, туку стои датум 11. 08, кога сум ја примил одлуката за разрешување“, изјави Андонов.

Инаку тој наведе дека немал намера да остане во претпријатието по завршувањето на неговиот мандат како в.д. директор, кој истекувал во октомври и оти не сака да се врати во „Јасен“. Андонов рече дека во тие три месеци додека бил на функцијата никого не вработил, освен едно лице кое било ангажирано со договор на дело на место на лице кое се откажало од договорот.

„Нема намера да се вратам во Јасен и да ми понудат, туку сакам да се почитува правото за тоа дали некој ќе биде разрешен и во која процедура. Оливер Андонов е универзитески професор и сакам да се вратам на Универзитетот, да ја работам работа која ја работам во областа на безбедноста и одбраната“, рече Андонов.

Државната комисија за спречување на корупцијата на денешната седница освен приговорот за разрешување на поранешниот вршител на должност директор на „Јасен“ Оливер Андонов како неоснован го одби и приговорот на Лидија Богдановска, поранешен в.д. директор на Службата за просторен информативен систем, орган при Министерството за животна средина во Битола.

Приговорите на двајцата поранешни вршители на должност беа одбиени поради тоа што одлуките за нивно разрешување биле донесени пред денот на распишувањето на локалните избори.

„Чинот на рaзрешување e пред донесувaње на одлукaта за распишување на изборите на 6 август“, изјави претседателот на Државната комисија за спречување корупција Игор Тантуровски.

Претседaтелот на Антикорупциската комисија дополни дека се уште не се пристигнати одговори и документи во врска со веќе отворените случаи за разрешувања, дисциплински постапки и откази по распишувањето на локалните избори 2017.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG