Достапни линкови

Образованието и „Тврдокорните“ во фокусот


Архивска фотографија: Ученици во основно училиште во Кичево

Интервјуто со професор Енвер Ајдини од Наставничкиот пленум, во кое тој зборува за наталожените проблеми во образованието и протестниот марш на „Тврдокорните“ се најкоментирани содржини од нашите читатели.

На почетокот на новата школска година на површина испливуваат со години натрупаните проблеми во нашето образование за кои зборува и професор Енвер Ајдини, еден од основачите на Наставничкиот пленум во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Ајдини - Незадоволни сме од СОНК, можеби ќе формираме нов синдикат

Тој, покрај другото, кажува и дека неговата фела е незадоволна од гранковиот синдикат, за кој Никола Стамков на нашата веб-страница коментирал дека СОНК е диригиран синдикат, односно, како што постирал, „партиска испостава на ВМРО-ДПМНЕ“. Рубин Ристески со подетална анализа објаснува дека образовниот систем бара коренити промени и дека во Финска, на пример, нема Кембриџ-програма, почнуваат да ја модернизираат програмата за образование која е застарена за развојот на учениците. „Но тоа овде не може ни да се замисли, а камоли да се дискутира“, песимистички поентира Рубин Ристески. Бобан Ончески, како да е против мислењето на професорот Ајдини, пишува: „Офофоф, и тука ќе јадете живи луѓе, уште тоа ви остана?“

Маршот на „Тврдокорни“

​Кога сме кај „јадењето живи луѓе“, оваа фраза многу добро ги отсликува рекордните 135 постови и сигурно уште толку реплики по информацијата за протестниот собир на таканаречените „Тврдокорни“, пред некој ден пред Соборниот храм во Скопје, кои бараат „аболиција за уставобранителите“ на крвавиот 27 април во македонското Собрание, кои, според нив, не биле виновни туку биле патриоти. Авторите на коментарите буквално се јадат живи меѓу себе, мешајќи србомани, бугарофили, македонштина, Албанци, закон за јазици, патриотизам, но со невиден јазик на омраза и непримерени постови. Меѓу коментарите може, меѓутоа, да се прочитаат и здраворазумни зборови, како на пример на Налка Трајковска: „Патриотизам ли е тоа да го соголиш до гола кожа сопствениот народ?“ Албан Гергури постирал: „Патриоти? Срам за Македонија, тепаат цивили, жени во Собрание“, а за волја на вистината и провоцира: „Ако сте толку јаки, поминете го Камени Мост“. Љупчо Јакимовски ги прашува „тврдокорните“: „Каде бевте бре идиоти кога монструмот крадеше, затвораше, убиваше?“

И малку култура

Нашата информација за муралот на 160 квадратни метри на францускиот уметник Векс ван Хилик на една зграда во Скопје, дел од проектот за разубавување на градот, го инспирирал Ситизен Скопје да искоментира: „Валентина вакви за добра пара прави“, па ставил широко насмеан Смешко, а потоа допишал: „Нашите уметници политичари изигруваат, немаат време за вакви нешта. Браво!“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG