Достапни линкови

Светот бара решение за севернокорејската закана


САД разгледуваат воени опции како одговор на шестиот најсилен нуклеарен тест на Северна Кореја. Кина и Русија бараат дипломатско решение. Советот за безбедност ќе расправа за нови санкции против Пјонгјанг.

Јужна Кореја денеска соопшти дека е подготвена за нови воени вежби со Соединетите Држави и оти ги ставила во состојба на готовност балистичките одбранбени ракети како одговор на вчерашниот шести и најсилен досега нуклеарен тест на Северна Кореја.

Според Сеул, има индиции дека Северна Кореја планира нови тестирања на балистички проектили.

ОН најавуваат заострени санкции

Советот за безбедност на Обединетите нации ќе расправа за нови санкции против Северна Кореја, а американскиот претседател Дондалд Трамп побара консултации за сите можни воени опции како одговор на оваа провокација.

Северна Кореја соопшти дека тестирала хидрогенска бомба од долг дострел, што предизвика предупредување од САД за масовен воен одговор.

„Ние не бараме тотално уништување на Северна Кореја, но имаме повеќе опции“, изјави американскиот секретар за одбрана Џим Матис, по средбата со претседателот Трамп и тимот за национална безбедност.

Но, и покрај остриот речник, првичните меѓународни реакции се очекува да бидат заострени економски санкции против Пјонгјанг. Премиерите на Јужна Кореја и на Јапонија се согласиле денеска на заострување на санкциите против Северна Кореја и со тоа да ја принудат на дијалог.

По вчерашниот тест, меѓународните сеизмички агенции регистрираа земјотрес во близина на местото на тестирањето.

Русија и Кина - единственото решение е дипломатијата

Кинеското министерство за надворешни работи повтори дека е против севернокорејските нуклеарни проби и оти се потребни преговори за решавање на проблемите на Корејскиот Полуостров. Австралија, пак, побара од Кина да изврши посилен притисок врз Пјонгјанг.

Русија смета дека единствено решение за кризата на Корејскиот Полуостров е дипломатијата и оти секоја воена акција може да предизвика голема експлозија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG