Достапни линкови

Растат тензиите откако Северна Кореја истрела ракета над Јапонија


Жителите на северната јапонска префектура Хокаидо изутрината сирените ги предупредија дека Северна Кореја истрелала ракета која може да погоди области од овој остров. Тоа се случило околу 6 часот по локално време.

Ракетата била истрелана две минути пред шест часот, прелетала преку Хокаидо и по десетина минути паднала во водите во близина на островот.

Тоа е за прв пат по 2009 година Северна Кореја да истрелува ракета кон Јапонија.

Се наведува дека ракетата била истрелана од место блиску до севернокорејскиот главен град Пјонгјанг.

Јапонската војска не се обидела да ја уништи, но според некои извештаи таа пред да падне во водите се распарчила на неколку делови.

Ова е најпровокативната акција на Севрена Кореја откако нејзиниот лидер Ким Џонг Ун во изминативе денови се чинеше дека се повлекува од планот за истрелување ракети, меѓу другото и кон американскиот остров на Пацификот, Гуам.

Тоа дојде, како што оцени Вашингтон, по заканите на претседателот Доналд Трамп дека Северна Кореја ќе се соочи со „оган и гнев“ доколку продолжи со ракетните закани.

По најновата провокација јапонскиот премиер Шинзо Абе телефонски разговарал со претседателот Доналд Трамп.

„Јапонија и Соединетите држави целосно се согласија за натамошно зголемување и засилување на притисокот врз Северна Кореја“.

Според Абе, станува збор за неприфалива, сериозна и опасна закана за мирот и безбедноста во регионот.

„Претседателот Трамп исто така изјави дека САД се 100 проценти со нивниот сојузник Јапонија и изрази подготвеност да ја брани Јапонија“.

Премиерот Абе побара итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации кој неодамна воведе нови построги санкции врз Пјонгјанг откако изведе две ракетни проби.

Инаку, Соединетите држави иЈужна Кореа изведуваат годишни воени маневри на кои остро се противи Северна Кореја.

САД и Јужна Кореа се технички се уште во војна со Северна Кореја, бидејќи нивниот конфликт од 1950 до 1953 година заврши со примирје, но не и со мировен договор.

Северна Кореја постојано повторувадека нема да се откаже од нејзините нуклеарни и ракетни програми.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG