Достапни линкови

Можна ли е воена акција на САД против Северна Кореја?


Само неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер порача дека „разговорот не е одговор“ во решавањето на проблемот со ракетните проби на Северна Кореја, секретарот за одбрана Џејмс Матис изрази спротивставено мислење. Во меѓувреме, Москва побара од САД да се воздржат од воена акција.

Секретарот Матис на состанокот во Вашингтон со министерот за одбрана на Јужна Кореа Сонг Јунг Мо рече дека Соединетите држави никогаш не биле надвор од дипломатските опции.

„Не, ние никогаш не сме надвор од дипломатски решенија, ние продолжуваме да работиме заедно, а министерот и јас ја делиме одговорноста да обезбедиме заштита на нашите народи, на нашето население и на нашите интереси“.

Претходно, претседателот Доналд Трамп исклучи секакви дипломатски преговори со Северна Кореја, порачувајќи дека Соединетите држави 25 години разговараа со Северна Кореја и оти „разговорот не е одговор“.

Во вторникот Северна Кореја лансира уште една ракета која може да носи нуклеарна боева глава, овојпат директно насочена над Јапонија.

На овој потег се гледа како на покажување инат од страна на лидерот Ким Џонг Ун во врска со претходната порака на претседателот Трамп кој го предупреди дека доколку продолжи со ракетните проби ќе се соочи со „оган и бес“.

Во меѓувреме, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров побара од Соединетите држави да се воздржат од воена акција против Северна Кореја.

Тој имал телефонски разговор со американскиот државен секретар Рекс Тилерсон. Лавров, како што соопшти руското министерство за надворешни работи, му рекол на Тилерсон дека секаква американска воена акција против Северна Кореја ќе биде „полна со непредвидливи последици“.

Тој исто така му порачал на Тилерсон дека евентуални натамошни санкции врз Северна Кореја ќе бидат контрапродуктивни. Јапонија по лансирањето на ракетата врз нејзинот северен остров Хокаидо побара дополнителни санкции врз Северна Кореја.

Советот за безбедност во вторникот на итната седница го осуди Пјонгјанг, но не побара нови санкции.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG