Достапни линкови

Ќе има ли одговорност за „неодговорните“?


Јавното обвинителство на Република Македонија.

Владата и министерствата постојано објавуваат информации за злоупотреби на претходната власт, но засега нема никаква постапка за одговорност. Упатените велат дека треба да се почека јавното обвинителство, но и да се внимава оти вака се создава впечаток дека се работи за популизам.

Грешки во проектирањето на автопатот Кичево-Охрид, огромни трошоци од државни картички за јадење и пиење, скапи цени плаќани за ангажмани на фирми блиски до пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и стотици вработени кои не оделе на работа, а земале плата. Со последната објава, како што тврди владата, лани бил оштетен државниот буџет за 830.000 илјади евра.

Сево ова досега беше објавено од владата и министерствата за работата на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, но засега нема никаква одговорност.

Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски вели дека за да почнат истраги за овие случаи треба да се почекаат смените во јавното обвинителство, бидејќи тие имаат најмногу надлежности за испитување на индициите изнесени во јавноста за незаконско работење. Јавниот обвинител може сам, без да чека да биде поднесена кривична постапка од кој било државен орган, особено од Министерството за внатрешни работи да поведе постапка, појаснува тој.

„Меѓутоа не е се само оставено на јавниот обвинител. Тоа може да го направат и други државни органи, прво органот каде што се утврдени злоупотребите може да поднесе извештај, а тоа може да го сторат и инспекциските органи и МВР. Но, сепак сметам дека се уште е рано да се донесе заклучок дека нема реакција од надлежните “ вели Трпеноски.

Во меѓувреме, сè се сведува на објави на социјалните мрежи, соопштенија, прес конференции, деманти од ВМРО-ДПМНЕ и контраобвинувања дека владата има некоја друга крајна цел со ваквите посочувања. Но, според Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии, вака кај граѓаните се добива впечаток дека се останува на ниво „рекла-казала“ односно се сведува само на меѓусебни обвинувања без да профункционира државниот систем и институциите на власта.

„Во таква состојба ниту граѓаните нема да имаат доверба дека некој нивен личен проблем или лична мака ќе може системот да им ја реши, а тоа всушност е предуслов да имаме зголемена корупција, злоупотреби на системот итн“, вели Трајкоска.

Таа додава дека тоа што граѓаните го очекуваат од новата влада е да покаже дека државниот систем и институциите на власта функционираат како што треба и еднакво за сите. Трајкоска напоменува и дека власта треба да го напушти начинот на кој функционираше кога беше опозиција, односно само да објавува за злоупотребите, туку треба да се процесуираат наодите во институциите на системот. Се друго останува на ниво на популизам и на подготовка за локалните избори, додава таа.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG