Достапни линкови

Партиите да не го злоупотребуваат прашањето за бегалците


Архива - Бегалци и мигранти ја поминуваат границата од Грција во Македонија. 30.08.2015

Во Македонија досега имаше фер политика за прашањето за бегалците, тие не беа употребувани во политичките препукувања и тоа ниво на етика и политика треба да се задржи, велат претставници на граѓански организации откако партиите деновиве меѓусебно се обвинуваат за новата стратегија за бегалците.

Стратегијата за интеграција на бегалци во Македонија 2017 – 2027 година сè уште е во процес на изработка, таа генерално е во ред и воопшто не се основани обвинувањата на опозицијата дека земјата е загрозена, ниту од финансиски, ниту пак од безбедносен и демографски аспект, вели активистот Јасмин Реџепи од граѓанската организација „Легис“ кој со своите соработници работи на терен со бегалците.

Реџепи објаснува дека новата стратегија е работена заедно со УНХЦР, а на невладините организации и на другите засегнати субјекти им бил даден рок до 8 август да дадат свој импут во неа.

„Имајќи предвид дека е донесена заедно со УНХЦР и имајќи предвид дека ја разгледаа нашите експерти и имавме само неколку примедби, во глобала, сметаме дека Стратегијата е добра и не претставува никаква опасност ниту за државата ниту за граѓаните. Воопшто не е тоа за што обвинува сегашната опозиција“, вели Реџепи.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, вчера, поради стратегијата во Собранието, поднесе интерпелација за министеркта за труд и социјална политика Мила Царовска.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев изјави дека граѓаните и општините не биле консултирани и запознаени со стратегијата на Министерството, наведувајќи оти Македонија од транзитна земја ќе стане крајна дестинација за бегалците и дека земјата ќе има енормни трошоци за сместување и градење на згради и населби за мигрантите.

СДСМ реагираше дека поднесената интерпелација поради Нацрт – Стратегијата за бегалци, која веќе била донесена во 2008 година од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, е апсурдна. Од партијата истакнуваат дека Стратегијата нема обврзувачки карактер, дека Македонија е транзитна земја за бегалците што значи нема да остануваат во земјава и нема да се даваат државјанства за бегалци.

Во однос на обвинувањата дека исполнувањето на стратегијата ќе бидат одвоени пари од државниот буџет, Реџепи вели дека таа нема да биде на терет на државата и граѓаните, а парите ќе бидат обезбедени од донации од страна на меѓународната заедница, Европската унија, амбасади и друѓи интернационални организации кои ќе го финасиираат проектот.

Во однос на тврдењата дека во Македонија ќе останат десетина илјади бегалци, Реџепи вели дека Стратегијата не го предвидува тоа и дека таа е напредната верзија на претходната во која, како што вели, начинот на интеграција бил покомплициран.

„Во изминатите десет години, посебно од 2015 до 2017 година, немаме забележано бегалци коишто сакаат да останат во Република Македонија, освен неколку кои од различни причини побараа право на заштита. Ние не сме таргет земја на бегалците и мигрантите. Кога Европа во 2016 година ја затвори Балканската рута, во Македонија останаа 1500 бегалци кои беа заглавени и без можност да отидат понатаму. Сепак тие најдоа начин да влезат во Србија и продолжија понатаму, а другите се вратија во Грција. Никој од нив, освен тројца, не остнаа во државава“, вели Реџепи.

Реџепи истакнува дека како невладина организација гледаат само кон интересот на бегалците и регуларните мигранти. Тој упатува повик до сите политички партии да не го ставаат бегалското прашање во нивните дневно-политички препукувања, бидејќи како што вели, во Македонија досега имаше фер политика во однос на тоа прашање.

Во Стратегијата за интеграција на бегалци и странци во Македонија 2008-2015, потпишана од тогашниот министер за труд и социјална политика Џељал Бајрами, е наведно дека на Македонија сè уште и недостига сеопфатен политички документ за нејзината политика за интеграција на имигрантите.

Некои од целите на стратегијата е да се овозможи брза интеграција на различни целни групи, да им се даде поддршка во интегрирањето и да им помогне на повеќето бегалци и странци, доколку сакаат, да ги исполнат условите за добивање на државјанство на Република Македонија.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG