Достапни линкови

На Русија ѝ пречи македонската ориентација кон Западот


Илустрација.

Во услови кога Македонија покажува јасна западна ориентација, според експерти, разбирливи се последните реакции на руското Министерство за нaдворешни работи.

Македонија се наоѓа во зоната каде што се судираат интересите на Истокот и Западот и затоа нормални се реакциите на моќните држави во однос на случувањата во земјава, вели професорот Беким Кадриу од Правниот факултет на Универзитетот во Тетово.

Коментарите на експерти доаѓаат откако руското Министерство за надворешни работи соопшти дека ја демантира објавената информација на британската новинска агенција „Блумберг“ од интервју на македонската министерка за одбрана Радмила Шеќеринска, наведувајќи дека обвинувањата на сметка на Москва за наводно мешање на Русија во внатрешните работи на Македонија се фабрикувани и неосновани.

„Република Македонија се обидува да покаже јасен интерес кон западната ориентација, за европската ориентација, за вклучување во НАТО и ЕУ и на некој начин врти грб кон Русија, меѓутоа разбирливи се реакциите на Русија во овој правец, во смисла дека влијанието во Македонија и пошироко на Балканот тие можеби го сметаат како стратешки интерес и нормални се веквите реакции“, вели Кадриу.

Портпаролката на руското МНР Марија Захарова по интервјуто на Шеќеринска за „Блумберг“ изјави дека во тие инсинуации се гледаат обиди од страна на непријатели на Русија и Македонија дополнително да ги искомплицираат традиционално пријателските односи меѓу двете држави.

Руското МНР во реакцијата наведува оти очекува појаснување од македонска страна во врска со автентичноста на забелешките кои и се припишуваат на министерката за одбрана на Македонија Радмила Шеќеринска.

Од Владата денеска посочија дека остануваат на истиот став кој Министерството за одбрана вчера го даде за медиумите, односно дека министерката за одбрана нема намера да ги бара транскриптите од интервјуто на британската новинска агенција „Блумберг“, бидејќи нема намера да се меша во работата ниту на домашните, ниту на странските медиуми.

„Позициите на Владата и на министерката Шеќеринска за стратешката цел за членство во НАТО и добри односи со партнерските земји во меѓународната заедница како и со Русија се единствени, јасни и недвосмислени“, соопштија од Министерството за одбрана.

Кадриу коментира дека ставовите на Шеќеринска, како министер за одбрана, се јасни во однос на Македонија, односно дека земјата има интерес да се зачлени во НАТО.

„Оваа Влада ќе се обиде да ја зачлени нашата држава во НАТО, тоа се разбира на Русија не и се допаѓа, исто како што не и се допаѓаше членството на Црна Гора, особено што таму имаше некои подиректни влијанија и обид за пуч, како што тоа го интерпретираа властите на Црна Гора, а сега има и кривични постапки. Фактот што оваа Влада јасно ја сврти Република Македонија кон Западот, кон ЕУ и НАТО, реакциите на Русија се разбирливи“, вели Кадриу.

Тој додава дека САД и Русија во моментов се обидуваат да го наметнат сопственото влијание, кое особено било видливо во текот на политичката криза кога, како што вели, Македонија се наоѓала на крстопат.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG