Достапни линкови

Локални избори со национални теми


Архивска фотографија, втор круг од локални избори 2013.

Ред позитивна, ред негативна изборна кампања не очекува за нешто повеќе од еден месец, велат аналитичарите. Тие очекуваат дека покрај локалните теми, на изборното мени и годинава ќе се најдат големите политички и етнички прашања со цел мотивирање на гласачкото тело.

Изградени или недоградени локални патишта и канализации, спроведени локални проекти или законот за јазиците, договорот со Бугарија, истрагите на Специјалното јавно обвинителство. Која од овие теми ќе се најде на врвот во изборната кампања која не очекува за нешто повеќе од еден месец? Дел од политичките аналитичари сметаат дека годинава локалните избори ќе поминат во знакот на ред позитивна, ред негативна кампања. Аналитичарот Џељал Незири објаснува дека со изборната кампања политичарите ќе се обидат да ги задоволат желбите на жителите за подобро секојдневие, но и за оцрнување на противникот од другата политичка провиниенција.

„Не се исклучува можноста да бидат искористени за сатанизирање на противникот на теми кои не се баш во корелација со локалната власт, како што се прашањето за името, или договорот со Бугарија, или албанската платформа, или законот за јазиците и слично. Но, мислам дека тоа нема да носи поени за тие партии кои ќе играат на таа карта на изборите. Јас мислам дека граѓаните се доволно свесни за да препознаат манипулација и пропаганда од вистински проект достоен за гласање“, вели Незири.

Политикологот Соња Стојадиновиќ очекува опозициската ВМРО-ДПМНЕ која досега ги контролира повеќето општини во Македонија да не води кампања која ќе биде само од доменот на локалните избори.

„Ќе мешаат закон за јазици, ќе мешаат договор со Бугарија. Ќе мешаат се што владата на СДСМ од позиција донесе и ќе ставаат на маса се што ќе може да се употреби против СДСМ. Не би било чудно ако фингираат меѓуетнички инциденти за да поентираат на таа карта, затоа што и досега многу често пред избори имало меѓуетнички инциденти“, вели Стојадиновиќ.

Таа додава дека овие локални избори ќе бидат последното упориште на опозицијата во обид да задржи дел од власта и да го зголеми своето влијание. Од друга страна пак, Стојадиновиќ вели дека позитивната кампања ќе се врти околу исполнети или неисполнети проекти, околу она што СДСМ го ветуваше како враќање на животот во земјава. СДСМ својата негативна кампања ќе ја врти околу резултатите на претходната власт.

„Почнувајќи од градежната мафија, корупцијата, од партиските вработување во сите сектори кои се под локална капа како образование, и за сето тоа што ВМРО-ДПМНЕ го направи досега како проблемот со автопатот Охрид – Кичево кој испадна во медиумите како голема афера“, вели таа.

Незири смета дека граѓаните се веќе презаситени од кампањи во кои се изнесуваат идеолошки матрици и со кои се постигнува етничко гласање, туку сакаат да слушнат решенија за нивните секојдневни проблеми.

„Не верувам дека повеќе ќе може да се изманипулираат гласачите со памфлети, со пропаганда, со идеолошки теми кои немаат никаква врска со локалните избори. Тоа што ќе биде карактеристика на овие избори е дека ќе се оди чекор понапред во тоа што се вика неетничко гласање, гласање за конкретни решенија и за луѓе, а не за идеолози“, додава Незири.

Политичките партии треба да понудат кадри кои ќе покажат дека знаат подобро да ги водат општините, а помалку ќе се интересираат за дневна политика, велат аналитичарите. Тие очекуваат партиите да понудат кадри кои на локално ниво ќе придонесат со нови искуства и ќе покажат поголема функционалост во општините и во одбрана на интересите на граѓаните.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG