Достапни линкови

Дали Грција бара влакно во јајцето?


Средба на министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија, Коцијас - Димитров.
Средба на министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија, Коцијас - Димитров.

Атина ќе се обидува да го искористи и најбенигниот настан за да докаже дека Македонија ја крши Времената спогодба. Важно е како се однесува македонската власт, а не македонските иселеници, велат поранешни дипломати.

Грција ќе го искористи секој случај, без разлика колку и да е банален, како изговор дека Македонија ја крши Времената спогодба, велат поранешни дипломати по грчката реакција на присуството на македонскиот генерален конзул во Торонто, Јовица Палашевски, на настан, кој според Атина е иредентистички.

Конзулот учествувал на Илиденски пикник во организација на македонските иселеници во Канада, каде што одржал говор. Во позадина на подиумот, од кој што зборувал Палашевски, според грчкото МНР, имало иредентистички симболи - карта на голема Македонија, која вклучува и грчки територии, и сонцето од Вергина. Од грчкото МНР велат дека тоа е уште едно прекршување на Времената спогодба во која се исклучуваат секакви територијални претензии.

Поранешниот македонски амбасадор во Грција Љупчо Арсовски вели дека македонската дијаспора во целиот свет со децении организира Илинденски собирања и оти македонската дипломатија секогаш го одбележувала тоа со свое присуство и со пригоден говор. Не постои никаква одговорност кај македонскиот конзул, дециден е Арсовски.

„Конзулот од Македонија се појавил на настанот, бил поканет и одржал говор. Тој не е автор на целата иконографија, ниту ги испраќа поканите, ниту е организатор. Со тоа мислам дека завршува дел од одговорот до јужниот сосед кој беспредметно се наметнува. Зад ова мислам дека стои нивниот обид по секоја цена да се прикаже дека македонската страна ја крши времената спогодба“, вели тој.

Арсовски посочува дека токму Грција, со блокирањето на членството на Македонија во НАТО, е таа што ја прекршила Времената спогодба за што има и пресуда од Хашкиот суд. Затоа по секоја цена ќе се трудат да докажат дека и Македонија ја крши спогодбата.

Поранешниот дипломат Благој Зашов се согласува дека ова е само повод за Грција повторно да укаже дека Македонија продолжува да поддржува иредентизам.

„Вакви сцени ќе има и понатаму во дијаспората, но најважно е што овде владата размислува и како се однесуваат Македонците овде и дека е свртена една страница во односите со Грција и ќе се работи на тоа да има добрососедска соработка и барање решение за името“, вели Зашов.

Грчкото МНР го осуди учеството на македонскиот генерален конзул во Торонто, Јовица Палашевски на Илинденскиот пикник во Канада.

„Новата влада на ПЈРМ тврди дека се стреми кон нов почеток во односите со Грција. Сепак, и покрај промената на власта, се чини дека иредентизмот и понатаму е доминантна државна идеологија и секојдневна политичка практика во нашата соседна земја“, стои во соопштението на Министерството за надворешни работи на Грција.

Македонското МНР, пак, сè уште работи на расчистување на случајот и кога ќе се соберат сите податоци и потребни детали, ќе објави и официјална реакција и дообјаснување за она што навистина се случило.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG