Достапни линкови

Владиниот план 3-6-9, подлога за реформи


Архивска фотографија-премиерот Зоран Заев го презентираше планот за реформи, 06.07.2017

Ден откако владата го престави планот за реформи дел опозициски партии критикуваат, а за невладините организации планот за реформи именуван 3-6-9 е само подлога за идни сериозни реформи

Дел опозициски партии критикуваат, некои засега молчат, а невладините организации се воздржани за планот за реформи именуван 3-6-9, кој го презентираше премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи.

Фатон Фазлиу од Беса вели дека партијата на планот гледа како на копирана и рециклирана стратегија од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Планот покажува дека владата на Заев нема намера сериозно да ги решава проблемите на Албанците, вели Фазлиу, кој главниот проблем го лоцира, во, како што нагласува, недоволните мерки за таа етничка група.

„Кога се гледа од седум страни презентиран план, нема ниту седум реда што ги тангираат проблемите на Албанците“, вели Фазлиу.

Во владиниот план, во делот на спроведувањето на Охридскиот договор се наведува дека во духот на кохезијата Владата се договорила за унапредување на имплементацијата на легислативниот елемент. Конкретно во овој дел пишува - усвојување на Предлог-закон за употреба на јазиците од страна на Владата, кој потоа ќе биде доставен на консултации во Венецијанската комисија, што е, како што велат од Беса, недоволно, бидејќи тој веќе требало да биде усвоен па тие немале да чекаат и ќе реагирале постојано.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека Зоран Заев и СДСМ ветувале брз влез во НАТО и ЕУ под времената референца, без да се задира во идентитетските прашања и да се прават договори на товар на мкедонскиот народ и дека тоа ќе се случело за 3 или 6 месеци.

„Таканаречениот план во најголем дел е препис на акциските планови усвоени на седници на Влада пред повеќе од една година. Голем дел од таканаречениот план е веќе реализиран" велат од ВМРО-ДПМНЕ. Како реализирана ја споменуваат специјална единица за борба против трговија со луѓе и криумчарење на мигранти.

Симонида Кацарска од Институтот за европска политика, невладина организација чии претставници беа на консултациите на кои повика премиерот Зоран Заев, на планот гледа како на подлога за поголеми реформи кои би биле спроведени на подолг рок. Ние самите реформи во овој план не може да ги видиме, но ова е разбирливо бидејќи СДСМ доаѓа на власт по 11 години и треба време да се процени тековната состојба, додава таа.

„Владата можеше да има два пристапи, да се фокусираше да две прашања за кои можеше да направи суштински подетален план во однос на содржината, или, да ги адресира сите области од експертската група на Прибе и да понуди свои идеи и дискусии за истите. Тие од она што може да го видиме го одбрале вториот пристап“ вели Кацарска.

Според Алберт Муслиу, чија организација Асоцијација за демократски иницијативи исто така беше на консултациите во влада, токму тоа што се опфатени повеќе области е добар почеток.

„Темите се главните што беа во извештајот на Прибе, а јас не ни очекував дека за три месеци целиот тој систем ќе се деинсталира“, вели Муслиу.

Инаку, владата предложи мерки за подобрување на работата на Собранието, за кохабитација со претседателот, изборите, охридскиот рамковен договор, соработката со граѓанското општество, медиумите, јавната администрација, судските реформи, разузнавачките и безбедносните сили, борбата против криминалот и корупцијата и миграциите.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG