Достапни линкови

Законот за јазици - клучно прашање од Декларацијата на албанските партии


Архивска фотографија - Средба на лидерите на албанските политички партии.
Архивска фотографија - Средба на лидерите на албанските политички партии.

За ДУИ дел од програмските определби се веќе исполнети. Беса смета дека во Собранието треба да се дискутира за прашањата важни за Албанците. Едно од клучните прашања е Законот за јазици, ако не се изгласа, може да се влоши политичката клима.

Дел од програмските определби за кои се заложија партиите на Албанците во земјата се реализирани, додека за дел ќе треба повеќе време за да се исполнат, вели Артан Груби од ДУИ. Тој посочува дека се реализирани определбите за добри односи со соседите и за вклучување на Албанците во тие процеси, напоменувајќи дека преставници на Албанците беа вклучени во посетите на Атина, Софија и на Брисел. Што се однесува до економските прашања и постигнувањето на економска еднаквост, за тоа ќе треба повеќе време за се обезбедат повеќе пари за општините, но има Албанци во економските сектори кои работат на овие прашања.

Груби вели дека прашањето за Законот за јазиците е веќе хармонизирано со коалициониот партнер и треба за него да се дискутира на седница на влада, а потоа да биде предложен во Собранието. На оваа тема лидерот на ДУИ, Али Ахмети, неодамна во интервју за телевизија Алсат, изјави дека прашањето за јазикот е дел од договорот за коалицијата и дека наскоро предлог законот ќе влезе во собраниска процедура. Но, запрашан дали тоа ќе се случи пред локалните избори, тој не даде конкретен договор.

На покана на Ахмети, лидери на албанските партии разгледуваат до каде е спроведувањето на програмските определби содржани во декларацијата потпишана на 7 јануари. На средбата нема да присуствуваат преставници на Беса, оти сметаат дека за вакви теми треба да се дискутира во Собранието, а не на други места. Од партијата неодамна изјавија дека сè уште нема предлог закон за измени во Законот за јазиците и затоа тие имаат своја алтернатива за решавање на ова прашање. Од Алијансата на Албанците, кои ќе присуствуваат на состанокот, не успеавме да добиеме коментар.

Во Декларација се предвидени остварување на повеќе цели, а една од нив е постигнување целосна јазична еднаквост, употреба на албанскиот јазик на сите нивоа на власт и гаранција за неговата примена. Во документот нема рокови до кога треба да се решат, како што велат, нерешените прашања на Албанците.

Политичкиот аналитичар и поранешен пратеник, Насер Зибери, вели дека сега партнерите од власта имаат доволно простор да го исполнат зацртаното во договорот за коалицирање, затоа што, како што вели, политичката криза во голема мера е минато. Сега може да се разговара и за Законот за јазиците, кој е клучен елемент за албанските партии за учество во Владата, вели Зибери.

„Во спротивно, мислам дека одлагањето на изнаоѓање решение, односно изгласување на Законот за јазиците ќе ги ослабнат позициите на политичките партии на Албанците и ќе создаде простор да се прават дополнителни калкулации, кои сигурно нема да ја подобрат политичката клима, напротив може и да ја влошат, зошто Македонија се соочува и со други проблеми по однос на решение за соседските прашања, прашањето за името, за СЈО, но и други прашања со кои треба да се справи оваа влада“, вели Зибери.

Премиерот Зоран Заев, по средбата со еврокомесарот Јоханес Хан, на која владата го презентираше „Патоказот“ кој ги содржи итните реформски приоритети за влез во ЕУ, рече дека и Законот за унапредување на употребата на јазиците е дел од приоритетите од кои се состои документот. Заев вели дека ќе се заложи ова прашање да биде отворено и да се дискутира за него, штом ќе бидат завршени процедурите.

„За нас законот е алатка да се разбереме и апсолутно немаме никакви предрасуди“, рече Заев.

Тој ја повика и опозицијата да се вклучи во унапредување на тој закон.

Во експозето пред Собранието, Заев рече дека како влада се обврзуваат да се овозможи соодветна употреба на јазиците на заедниците, со што ќе се овозможи сите граѓани полесно и поефикасно да ги остварат своите уставни права, без притоа на каков било начин да биде загрозен македонскиот јазик.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG