Достапни линкови

СДСМ и ДУИ се повикуваат на планот 3-6-9 и за законот за јазиците


Архивска фотографија-седница на Собранието на Македонија на која беше избрана новата влада.

Откако Зијадин Села од Алијансата за Албанците се закани дека ако не се усвои законот за јазиците во првите сто дена ќе излезе од владата, од ДУИ и од СДСМ посочуваат дека тој е предвиден во владиниот план за првите три месеци.

Пратениците од владините коалициони партнери СДСМ и ДУИ за законот за албанскиот јазик се повикуваат на владиниот план за реформи именуван 3-6-9. Во планот, што го објавија пред една недела премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Бујар Османи, во првите три месеци се предвидува усвојување на предлог-закон за употреба на јазиците од страна на Владата, кој потоа, како што пишува, ќе биде доставен на консултации во Венецијанската комисија.

Третиот владин коалициски партнер Зијадин Села од Алијансата за Албанците пак рече дека ако во првите сто дена не се изгласа законот за албанскиот јазик тој ќе ја напушти владата.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ Ејуп Алими вели дека Владата работи заедно со Собранието и дека плановите за реформи се заеднички.

„Законот за јазиците е предвиден за првите три месеци во планот на Владата 3-6-9 кој беше усвоен на владината седница на која беше и еврокомесарот Јоханес Хан“, вели Алими кој нагласува дека важно е што овој закон е влезен во итните реформски приоритети.

Правецот и насоките се јасни - во пакетот закони кои се дел од реформите е и законот за јазиците и ние тој пакет договорен во владата го очекуваме во Собранието, вели координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев.

„Во моментот штом ќе пристигнат во Собранието, ние ќе ги разгледаме во собраниска процедура како што е и вообичаено. Инаку не гледам зошто само овој закон би бил исклучок во однос на сите други кои значат реформи предвидени во владината програма 3-6-9 “ вели Тунтев.

Но, она што засега останува нејасно е колку ќе се чека на мислењето на Венецијанската комисија, бидејќи во планот се предвидува прво Владата да го усвои, па потоа да го испрати за консултации во тоа меѓународно тело. Ако се чека мислењето за да се најде на собраниска седница тогаш усвојувањето би можело да се одолжи. Вицепремиерот Османи деновиве рече дека одлуката законот да помине во Венецијанската комисија била донесена по барање на меѓународната заедница во случај законот во иднина да се оспори пред Уставниот суд.

Политичкиот аналитичар Алајдин Демири пак, смета дека за законот за јазиците досега калкулирале сите политички структури, односно ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и партиите потписнички на платформата.

„Сите калкулираат и поентираат за да се обидат да добијат политички поени. СДСМ се обидува да го одолжи, односно што подоцна да го изгласа, а политичките партии на Албанците што е можно поскоро“ вели Демири.

Инаку, коалицијата Алијансата за Албанците што ја предводи Села има три пратеници и заедно со другите од СДСМ и ДУИ го составуваат владиното мнозинство од 62 пратеника. Тој и Сурија Рашиди се од неговата партија - Движење за реформи на ДПА, а Весел Мемеди е од Национална демократска преродба. Според Мемеди, албанскиот јазик е апсолвиран, а остануваат само техничките работи да бидат дел од дневниот ред на собраниската седница.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG