Достапни линкови

Чоловиќ Лешоска – Парите од еколошки такси да се трошат токму за животна средина


Чоловиќ Лешоска – Парите од еколошки такси да се трошат токму за животна средина
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:12 0:00

Чоловиќ Лешоска – Парите од еколошки такси да се трошат токму за животна средина

По основ на еколошки такси во Македонија се собираат огромен број на средства кои завршуваат во централниот буџет, но само мал дел завршуваат за заштита на животната средина вели Ана Чоловиќ Лешоска од граѓанската организација „Еко-свест“ во неделното интервју за Радио Слободна Европа.

Госпоѓо Чоловиќ Лешоска, со оглед на присутните проблеми со аерозагадувањето во земјава, какви се вашите очекувања за претстојната зима? Верувате ли дека ќе дишеме поквалитетен воздух или ситуацијата ќе биде иста како минатите години?

Со оглед на тоа што минатите години не се преземаа мерки кои ќе резултираат со долгорочно решавање на проблемот со аерозагадувањето, моето очекување, а верувам и на сите граѓани е дека ќе ја имаме истата ситуација како минатата зима, во зависност од временските услови. Во секој случај сметам дека нема да има никаква промена доколку не се направат некои порадикални, да речеме храбри мерки за справување со овој проблем.

Има ли време за такви радикални мерки?

Има мерки коишто може да се преземаат во случај кога загадувањето ги преминува границите и тоа е нешто што може да се прави на локално ниво, од страна на општините. Тие мерки секако се краткорочни, го решаваат можеби проблемот само делумно на одредени локации, но на долг рок, самиот начин на водење на политиките на државно ниво треба видно да се измени за да може да очекуваме дека ефектите врз квалитетот на воздухот ќе се појават.

Во однос на справувањето со проблемот со таканаречените 16 жешки точки во земјава, меѓу кои и дислокацијата на пестицидот линдан во Скопје за што, според научните докази, се потребни околу 50 милиони евра за најбезбедното решение. Може ли Министерството за животна средина да решава проблеми од ваков тип со буџет од само неколку милиони евра?

Во принцип тие индустриски жешки точки се наследени и тие сега ѝ припаѓаат на државата. Да сметаме дека Министерството во рамките на својот буџет ќе го реши тоа е залажување и тоа не може да се случи поради тоа што буџетот на Министерството е конкретно предвиден за функционирањето на администрацијата. Она што е позитивно е што се направи чекор да се потпише тој договор со ГЕФ за да се обезбедат средствата, значи има мечинг фондови од двете страни. Според нас, владата треба да ги обезбеди средствата од централниот буџет, токму поради тоа што тие обврски ѝ припаѓаат на самата држава, односно владата би требало да ги реши за доброто на сите граѓани. Не би го издвојувала тоа како некој проблем со кој треба да се занимава исклучиво Министерството за животна средина поради големината на проблемот.

Кога станува збор за буџетот, барањата на граѓанскиот сектор се да биде формиран Фонд за животна средина. Очекувате ли дека ќе биде направено тоа?

По основ на еколошки такси во Македонија се собираат огромен број на средства кои завршуваат во централниот буџет, по основите како горива, регистрација на возила, цигари, отпад од пакување, казни итн. Голем број на такси со еколошки предзнак влегуваат во централниот буџет. Само дел од нив, односно само дел од регистрацијата на возила реално завршува во буџетот на Министерството за животна средина. Сите останати се влеваат во централниот буџет и не им се знае трагот, значи не знаете дали некоја такса собрана по основ заштита на животната средина на крај била употребена за изградба на пат, канализација или нешто трето кои би било можеби спротивно на заштитата на животната средина. Заради тоа сметаме дека треба да се соберат сите такси по основ на заштита на животна средна, да се направи Фонд на средства кои може да се користат за голем број на работи кои навистина треба да се случат во Македонија, а некои предвидувања зборуваат дека се потребни од две до четири милијарди евра за Македонија да ги достигне европските стандарди и директиви, кои треба ги транспонираме и имплементираме во нашето законодавство.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG