Достапни линкови

Граѓанскиот сектор побара надградба на владиниот план 3-6-9


Марко Трошановски и Уранија Пировска ја презентираат надградената верзија на Предлогот на граѓанските организации за итни демократски реформи
Марко Трошановски и Уранија Пировска ја презентираат надградената верзија на Предлогот на граѓанските организации за итни демократски реформи

Граѓанскиот сектор понуди документ за надградба на владиниот план 3-6-9 за итните реформски приоритети. Оттаму освен промена на планот за реформи на Владата, предлагаат и мерки за реформи во Парламентот и судството.

Понудениот документ е надградба на предлогот на граѓанските организации за итни демократски реформи, таканаречениот „Блупринт“, изработен во јули минатата година врз основа на областите опфатени во извештајот на Прибе, велат од невладините организации, истакнувајќи оти тој годинава е дополнет со предлози за реформи во уште неколку области. Оттаму потенцираат дека документот ќе го испратат до сите државни институции надлежни за спроведување на мерките за реформи.

„Освен областите јавни финансии, правосудство, избори, граѓанско општество, Собрание, животна средина, образование и млади, оваа година во овој документ се застапени и социјалната заштита и оддржливост, културата и здравството. Овој документ, за разлика од владиниот документ наречен план 3-6-9, има поинаква динамика, односно приоритетите и мерките кои ги утврдивме се предвидени во квартали, односно 3-6-9-12 и ја следат динамиката на изготвување на Извештајот за напредокот на Македонија на ЕУ“, вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија.

Претставниците на граѓанскиот сектор очекуваат Владата да организира состанок на кој ќе разговараат за усогласување на предлозите и мерките за реформи.

„Веруваме дека со објавувањето на овој документ и доставувањето до Владата, ќе имаме простор за натамошни средби, односно воспоставување координација за заедничка работа меѓу граѓанските претставници и претставниците на различните министерства, кои заедно ќе работат во различни области“, вели Пировска.

Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ потсети дека документот бил изработен поради ниската доверба во институциите во државата и квалификацијата „заробена држава“ во Извештајот за напредокот на Македонија на Европската унија.

„Владата е потребно да формира консултативно тело кое што ќе ги спроведува овие реформи, кое ќе се занимава со препораките во документот 3-6-9, но кое ќе ги земе во предвид и препораките вклучени во овој наш план. Со ова тело треба да претседава претседателот на Владата и во него да членуваат претставници на надлежните министерства за реформите, но и претставници на граѓанските организации“, вели Трошановски.

Тој додава дека во рамки на консултативно тело кое го предлагаат треба да бидат формирани тематски групи од граѓанското општество, надлежните институции, експерти, институции во судството кои координирано би ги унапредиле демократските процеси.

Претставниците на невладините организации истакнуваат дека во документот главниот фокус е ставен на Владата како главен двигател на реформските иницијативи, но дека реформи треба да спроведат Собранието и надлежните институции во судството.

Инаку Владата на почетокот на месецов најави реформи што треба да се спроведат во наредните 3, 6 и 9 месеци, а кои како што рече премиерот Зоран Заев, се сериозен пробив на патот кон Европската унија.

Владата најави демократски Парламент, реформи во судство, во медиумите, борба против корупцијата, реформи во администрацијата, реформи во безбедносните служби, услови за фер избори и друго.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG