Достапни линкови

Планот на Џафери тешко остварлив


Претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Од СДСМ велат дека неконструктивноста на опозицијата е причина зошто до одморите е можно да не се реализира планот на претседателот на Собранието за седници. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, го обвинуваат мнозинството.

Пратениците и од владејачкото мнозинство и од опозицијата не се убедени дека планот на претседателот на Собранието Талат Џафери за тоа што сè треба да се заврши во следниве две недели ќе се реализира. За причините зошто планот може да не успее од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ се обвинуваат меѓусебно.

Џафери во интервју за МИА најави дека планира пратениците да заминат на одмор во првата недела од август. Дотогаш, како што рече, очекувал да бидат завршени продолженијата на седниците за избор на неколку функционери, за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлески, да се донесат измените на Кривичниот законик, да се отвори дебата за точка на предлог на опозицијата и да се изгласа ребалансот на Буџетот.

Во овие приоритети на Џафери не слушнавме ниту еден од нашите предлози, вели Илија Димовски, координатор на една од десетте пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, ова било и показател за односот на владејачкото мнозинство кон нив и потврда зошто требало да формираат толку пратенички групи.

„Јас не би рекол дека ова е план, туку се амбиција, желби и приоритети на владејачкото мнозинство. Во моментов има седум точки предложени од нас на дневен ред на седниците на Собрание ниту една не е почната да се дискутира досега“, вели Димовски.

Наивно е да се верува дека опозицијата одеднаш ќе почне да се однесува конструктивно, вели координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев. Тој ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ за опструкции преку десетте пратенички групи и се надева дека опозициските пратеници, како што вели, виделе дека мнозинството има конструктивен пристап.

„Теоретски да, има шанси да се изменаџираат и да се реализираат прекинатите седници, но како и да е, се надевам и очекувам дека во овие преостанати дваесетина дена до годишните одмори ќе вроди со плод тоа што го започнавме и се обидуваме да го реализираме како конструктивен пристап“, вели Тунтев.

Во однос на локалните избори Џафери најави дека ќе бидат распишани на 6 август, па пратениците ќе заминеле на одмор, а по него од 25 септември кога треба да почне кампањата за локалните избори, Собранието требало да донесе триесеттина закони. Во меѓувреме, продолжуваат седниците на комисиите за финансирање и буџет и труд и социјална политика. На првата тема е ребалансот на буџетот, а на втората предлог закон за дополнување на законот за исплата на платите, поднесен од дел пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG