Достапни линкови

Младите во приватни фирми со плата од државата


Илустрација
Илустрација

Премиерот Зоран Заев вчера најави проект со кој по завршувањето на образованието младите одредено време ќе може да работат во приватниот сектор, а државата ќе им дава плата. ВМРО-ДПМНЕ смета дека има премногу нејаснотии во најавата и оти Заев ретерира од предизборните ветувања.

Помош за вработување на младите - за власта, релативизирање на предизборните ветувања - за опозицијата, е мерката „Младинска гаранција“, која вчера ја најави премиерот Зоран Заев. Таа предвидува младите да се вработат во приватни фирми, а државата извесен период да им дава плата.

Заев рече дека во ребалансот на буџетот за оваа мерка се предвидени 500 милиони денари, односно околу 8 милиони евра до крајот на годината, а догодина ќе бидат предвидени три или четири пати повеќе пари.

„Младинската гаранција значи државата во одреден период директно да финансира пари за бруто плати на млади луѓе коишто завршиле образование и се подготвени да се впуштат во тренинг или во свое трајно вработување. За бизнис заедницата тоа ќе значи бесплатно практично подготвување на овие млади луѓе коишто теоретски се обучени, со намера, ако вредат и навистина се подготвени, трајно да ги задржите, истовремено нема да имате трошоци околу нив, а ќе може да искористите дел од потенцијалот којшто младите луѓе го носат. На крајот, конечна цел ќе биде луѓето да ни останат овде, младите да останат овде и да планираат свои семејства и деца токму овде, во Македонија“, рече Заев пред бизнисмените на вчерашниот деловен појадок во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ реагира дека тие не може да ги пронајдат овие 500 милиони денари во буџетот. Тој додава дека Заев едно ветувал пред изборите, а сега се обидува да ретерира.

„Тоа што Заев вчера го најави е со 300 запирки и загради, односно оградување колку ќе трае тоа, за кого ќе важи, колку ќе важи итн. Не, ние во Собрание ќе им поднесеме закон ако тие заборават, онака како што го пишува во изборната програма на СДСМ и онака, точно до реченица, како што беше изговорено од господинот Заев за време на експозето, а ние со внимание го издвоивме тој дел. Нема да дозволиме релативизирање на ветувањата, разводнување на ветувањата и поигрување со граѓаните“, вели Димовски.

Во предизборната програма на СДСМ пишува дека со проектот ќе се овозможи „секој млад човек да добие понуда за вработување, можност да го продолжи образованието, да добие пракса или тренинг за подготовка за вработување, во период од четири месеци по завршување на школувањето, пред стекнувањето статус на невработен“.

Во Министерството за труд и социјала велат дека со ребалансот се обезбедуваат околу 500 милиони денари за Агенцијата за вработување(АВРМ) за активни мерки за вработување.

„Министерството за труд и социјална политика, заедно со АВРМ, подготвува измени и дополнувања на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд за 2017 година. Овие мерки, кои ке бидат промовирани по усвојување на ребалансот на Буџетот, ќе бидат објавени и достапни за јавноста, по што ќе се објавуваат и повици за нивно искористување“, велат во Министерството.

Универзитетскиот професор Зоран Ивановски вели дека се работи за добра мерка за вработување на младите.

„Имајќи предвид дека за образование на секој високообразован кадар државата издвојува по најмалку 100 илјади американски долари додека дојде до диплома, на овој начин ќе се намали одливот и фактички ќе се намалат загубите за македонската економија. Сметам дека тоа е изводливо, а исто така е многу добро што младите ќе бидат насочени кон реалниот сектор, а не да ја бараат среќата и иднината, како досега, претежно во јавната администрација, која секако е веќе преполна“, вели Ивановски.

Според податоците на Државниот завод за статистика, на крајот на март годинава, невработеноста кај младите била 44,3 отсто. Тоа е една од највисоките стапки на младинска невработеност во Европа. Според податоците на Светската банка од 2016 година, поголема невработеност на млади во Европа има само Босна и Херцеговина.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG