Достапни линкови

Зврлевски и Самитот во Трст во фокусот на медиумите


Собранието расправа за разрешување на Јавниот обвинител Марко Зврлевски

Разрешувањето на државниот обвинител Марко Зврлевски и самитот „ЕУ – Западен Балкан“ во Трст се најзастапени теми во дневниот печат и на интернет порталите.

Собранието конечно ја почна расправата по предлогот од Владата за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски. Вечер наведува дека за расправата се пријавиле над 80 пратеници, а го цитира и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, дека иницијативата за разрешување на Зврлевски претставувало класичен пример на партиски реваншизам. Нова Македонија во насловот го цитира Зврлевски:

„Во изминатите четири години работев одговорно и совесно“, а во друг наслов Шилегов од СДСМ: „Зврлевски им служеше на криминалците“, дополнувајќи ја изјавата со тоа дека негативните оценки за работата на Јавното обвинителство Македонија ги добивала во скоро сите извештаи од релевантни институции, од Европската комисија, ОБСЕ и од Стејт департментот.

Слободен печат со шегобијна фотографија на Зврлевски на берберски стол со насапунета брада има наслов: „Почна бричење со паузирање“. Во врска со паузите во Собранието на седницата, Вечер го цитира претседателот на законодавниот дом, Талат Џафери: „За секој час пауза, продолжение по 18 часот“.

Втора најзастепена тема во дневниот печат и на порталите е самитот „ЕУ – Западен Балкан“, на кој учествуваа премиерите од државите на Западен Балкан, највисоките претставници на Унијата и лидерите на повеќе западноевропски земји. Сите печатени медиуми ги пренесуваат информациите за основната тема – економското поврзување на овие земји и изјавите на премиерот Заев.

Вечер излезе со наслов: „Заев – Самитот во Трст испраќа пораки дека ќе се приближиме кон Европа“ и дека „ЕУ ќе ја финансира изградбата на пруга од Јадранот преку Македонија до Бугарија“.

Порталот Плусинфо пренесе: „Заев го објави градењето на Коридорот 8“ и неговите зборови дека „Железничкото поврзување на Македонија со Бугарија е пример колку ние сериозно гледаме на оваа агенда за поврзување на регионот“. Нова Македонија го цитира Заев: „Ќе соработуваме за напредок на Регионот и за перспективите кон ЕУ“.

Медиумите информираат и за билатералните средби на македонскиот премиер во Трст со српската премиерка Брнабиќ и со колегата од Албанија, Рама, а од неговата средба со германската канцеларка Меркел, Слободен печат пренесува дека „Меркел изрази голема поддршка за новата Влада на Македонија и за нејзината определба за суштински реформи и за интеграција на РМ во ЕУ“.

Нова Македонија го цитира министерот за информатичко општество и за администрација, Дамјан Манчевски дека во ребалансот на Буџетот се обезбедени средства за укинување на радиодифузната такса и за нормално функционирање на јавниот радиодифузен сервис.

Сите медиуми ја објавија веста дека група наши студенти биле измамени во врска со посредувањето за работа во Германија преку агенцијата Венера Кемаловски со седиште во Битола и канцеларии во Скопје и уште во неколку градови во земјава.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG