Достапни линкови

Македонската револуционерна борба, од партиски агол


Одбележување на 23 Октомври, Положување цвеќе пред споменикот на основачите на ВМРО, Скопје, 23.10.2016

Македонија го слави 23 Oктомври - денот на основањето на Македонската револуционерна организација. Таа тогаш се бореше за автономија на Македонија, а денеска кога земјата се соочува со политичка криза, ВМРО-ДПМНЕ повикува на борба за зачувување на државата, а СДСМ на борба за слобода.

Создавањето на Македонската револуционерна организација започнало во деведесетите години на 19-тиот век, кога меѓу македонските интелектуалци и македонското граѓанство се јавило струење од кое потоа произлегло групирање на револуционерните сили. Нивните основни мотиви биле насочени против пропагандните активности во Македонија, особено против узурпирањето на автономните локални самоуправи од страна на Бугарската егзархија, и кон зачувувањето на народното единство.

Во 1892-та година учителите и останатите истакнати граѓани во Солун, биле поделени на два кампови: едниот бил за егзархијата, а другиот против неа, односно како што рекол Ѓорче Пертов „против нејзините аспирации да ги централизира црковно-школските општински работи во свои раце.“

Ова се податоци од изданието од 1962 година: „Историјата на македонскиот народ“ на Институтот за национална историја во Скопје, во кое се вели дека борбите меѓу општините и егзархијата се воделе секаде во Македонија.

Во солунската гимназија бугарски учители им се потсмевале на македонски учители и ги обвинувале за слаб бугарски патриотизам. Тоа била причината, како што рекол солунскиот книжар Иван Хаџиниколов, некои македонски патриоти да заклучат дека само една тајна револуционерна организација може да им го пресече патот на странските пропаганди во Македонија.

Тоа го принудило Хаџиниколов да ја шири идејата за револуционерна организација и да бара истомисленици меѓу граѓаните и учителите, кои биле против егзархискиот централизам, и за зачувување на управувањето на општините. Така, тој се сретнал со Петар Попарсов, Христо Татарчев и со Димитар Цонев.

Даме Груев во 1892 година рекол дека меѓу редовите на македонската студентска младина во Софија се појавила идеја за револуционерна организација во Македонија, поради страв од српската пропаганда, бидејќи се смтало дека треба да се побрза со поставување на прашањата за ослободување на Македонија, пред српската пропаганда да успее да го подели народот.

Се дебатироало на сите овие прашања и, пред се, расположението меѓу младите околу 1890 година било против владиките, општините, егзархиските учители, службеници и еснафот, против аспирациите на егзархијата неконтролирано да владее со школските и црковните работи во земјата. Ѓорче Петров тоа го окарктеризирал како рекација против долгогодишното настојување на егзархијата да го концентрира во свои раце „управувањето со општествениот живот“, и како прв чекор кон самостојни активности во земјата.

Пред создавањето на Македонската револуционерна организација, тешките социјално – политички услови довеле до спонтано групирање меѓу жителите. Групи биле создадени во околината на Битола, мариовскиот крај и Крушево и тие се организирале за самоодбрана. Во 1890 година меѓу учениците во солунската гимназија е создаден револуционерниот кружок кој го водел Гоце Делчев. Студентите Македонци во Софија преземале иницијатива за „самообразование и меѓусебно влијание“, а идејата за револуционерна организација растела, при што била формирана „Македонската студентска дружба“ чии иницијатор бил Даме Груев, а нејзини главни членови биле Петар Попарсов, Христо Попкоцев, Никола Дејков и други.

Условите во Бугарија не дозволувале „Дружбата“ да развие поголеми активности, а Даме Груев бил уапсен отако во центарот на Софија бил убиен бугарскиот министер за финансии Христо Белчев. По неговото излегување од затвор во 1892 година тој се префлра во Битола каде работи на подготовките за претстојните револуционерни активности.

Иван Хаџиниколов разговарал со Татарчев, Ботанџиев, Попарсов и со други за создавање на револуционерна организација во Македонија и во 1892 година отишол во Софија каде се сретнал со Гоце Делчев, кој во тоа време учел воена академија. За основањето на организацијата Делчев рекол дека таа треба дејствува внатре во Македонија, за Србија и Грција да не ја сметаат за оружје на бугарската влада; нејзините основачи да бидат луѓе кои живеат во Македонија; политичката парола на организацијата да биде автономија на Македонија, организацијата да биде тајна и самостојна и да не влегува во врски со владите на соседните земји; од македонската еманципација во Бугарија и од бугарското општество да се бара само морална и материјална поддршка за борбата на македонските револуционери.

Во тек биле подготовките за претстојните револуционерни активности со цел ослободување на Македонија и потребен бил последниот чекор за формирањето на организацијата, се вели во изданието од 1962.

Основањето и носењето на Уставот

Во таа насока биле направени повеќе разговори и на 23 октомври 1893 година кај солунскиот книжар Иван Хаџиниколов се одржува првата средба на која е основана Македонската револуционерната организација. Освен Хаџиниколов, присуствувале и Даме Груев – професор од Смилево, Христо Татарчев – лекар од Ресен, Петар Попарсов – професор од Богомила, Антон Димитров – учител од село Ајватово кај Солун и Христо Ботанџиев – од Јениџе Вардарско. Основната тема на состанокот била идната политичка работа во Македонија и неопходноста од општествени активности во неа. Тие се согласиле дека треба да придобиваат нови луѓе и членови.

„Историјата вели дека пред 123 години, на 23 октомври според стариот календар односно на 4 ноември според новиот, е формирана Македонската револуционерна организација која си поставила за цел извојување на автономија на Македонија во рамките на Османлиската империја, при што автономијата ја сфаќале како етапа за создавање на независна македонска држава. Највисок дострел од борбата на оваа организација е Илинденското востание кое беше сурово задушено“, вели професор Ванчо Ѓоргиев од Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје.

Резултатите кои биле постигнати до крајот на 1893 година биле доста охрабрувачки, па следната година основачите повторно се сретнале во Солун, каде се дискутирало за поставување на целите на организацијата, за името на организацијата, а на овој состанок било одлучено да се подготви Устав. На некоја од следните седници Уставот бил усвоен и врз основа на него бил конституиран првиот централен комитет. Христо Татарчев е избран за претседател на организацијата, а Даме Груев за секретар – благајник.

Професорот Ѓоргиев посочува дека организацијата и нејзините водачи на македонското население му дале поттик и стимул во борбата за самостојна држава, цел која на крајот се остварува со Народноослободителната борба.

Во модерна Македонија партиите со своја борба

Во плурална Македонија, 23 октомври се празнува од 2007 година, кога Парламентот го донесе новиот закон за државни празници. Македонија денеска се наоѓа во политичка криза која трае скоро две години. Во меѓусебната конфронтацијата двете најголеми политички партии од македонскиот блок повикуваат на борба. ВМРО – ДПМНЕ повикува на борба за зачувување на државата, бидејќи како што велат опозицијата сака да ја продаде. СДСМ, пак, повикува на борба за слобода. Но, се чини дека главната борба треба да биде за национално помирување.

Професорот Никола Дујовски од универзитетот „СВ. Климент Охридски“ во Битола вели дека Македонија се наоѓа во период кога повиците на борба можат различно да се рефлектираат во јавноста.

„Владејачката партија се определи да повикува на зачувување на државата, а пред сè постојано зборуваат за името, интегритетот и така натаму, а од друга страна повикувањето на опозицијата на борба за слобода, навистина во ваков период се можеби повеќе од рекламен карактер да ги привлечат граѓаните“, вели Дујовски.

Денот на Македонската револуционерна борба се одбележува со обраќање на државни функционери и историчари и со положување на цвеќе на спомениците на револуционерите.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG