Достапни линкови

Името повторно ги разгорува страстите


Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас на средба во Атина. 14, 06, 2017.
Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас на средба во Атина. 14, 06, 2017.

Читателите на РСЕ најмногу коментираат по веста дека Атина ќе предложела име - „Вардарска Македонија“. Тие коментираат и за можноста просечна плата да изнесува 500 евра.

Болната точка на нашите граѓани – грчкиот проблем со уставното име на државава и најновите вести, според грчкиот весник Риал њуз, дека во грчко-македонските преговори Владата во Атина ќе го предложела името „Вардарска Македонија“ е темата околу која има најмногу коментари и ваши постови на ФБ страницата на Радио Слободна Европа.

Последните два коментара се можеби најкаректеристични дека за секоја тема не постои еден ист став. Рубин Ристески постирал: „Тоа се само спинови, не може. Знаат дека тоа има врска со историјата, после ќе останат и другите два дела, а еден е кај нив“. Додека Влатко Николов, пак, пишува: „Грција ќе го предложи, Бејли ќе го потврди, а Зајко ќе го потпише и така ќе влеземе во НАТО, па после ќе ни биде полесно до Голема Албанија“.

Виктор Стојановски потсетува дека „Грција има три имиња за употреба, а и самата не знае кое ѝ е правилното“, но Александар Бојан Кузмановски веќе отишол во песимизам: „Е зошто не по Црна Река. И онака повеќе ни одговара Црна Македонија“.

Киро Николовски вели: „Ама Вардар тече до Солун. И таму е Македонија“, а Шенол Салиу со малку цинична шега: „А Гостивар како главен град зашто Вардар извира од гостиварско“.

Во неделното интервју на РСЕ, претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, покрај другото, смета дека најавите на новата Влада за просечна плата од 500 евра се остварливи. Рубин Ристевски и тука коментирал: „Па се разбира дека може, тоа се докажа со РАСФРЛАЊЕТО на парите овие 10 години, како се даваше онаму каде што не треба, тоа не е ништо во однос на соседите, само дали може да се промени менталниот склоп на РОБ – кој размислува и му е всадено дека нема пари“. Но Мима Кузман му реплицира дека математиката не е баш така, и му дава пример со судовите или некои добростоечки фирми каде што имаат плати поголеми од 500 евра, „ама некои земаат и 180, 200 или 320 евра“, вели. „Или приказната: некој јаде месо, некој зелка, просечно се јаде сарма, што е многу убаво!“ Фатон Зимбери порачува: „Ако нема кражба ќе биде просечна плата 500 евра и минимална 20.000 денари, ако се продолжи како поранешната влада ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ никогаш нема да го видиме филмот ЗАДОВОЛЕН“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG