Достапни линкови

Хоџа - Ќе видиме дали ќе соработуваме со институциите големи должници


Новата влада треба да направи ревизија на тоа колку должи државата и кои институции колку должат за да можеме понатака да размислиме дали ние би влегле во преговори за соработка со некоја од тие институции, вели Неби Хоџа, претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Хоџа, колку изнесува долгот на владата кон фирмите? Очекувате ли новата влада да ги подмири обврските кои минатата власт ги остави зад себе?

Долгот на владата или на државата кон приватните компании, се шпекулира, дека е некаде околу една милијарда евра, меѓутоа тоа во сите држави е така, секаде државата му должи на приватниот сектор, но најбитниот фактор е тоа дека тие задолжувања да не бидат подолги од три месеци, затоа што во приватниот сектор секое задолжување е товар на за бизнисот. Во однос на тоа, нормално дека новата влада треба да направи ревизија на тоа колку тие долгови изнесуваат, за да можеме ние како бизнис сектор во иднина да имаме увид кои државни институции колку должат за да можеме понатака да размислиме дали ние би влегле во преговори за соработка со некоја од тие институции.

Очекувате ли новата влада да ги подмири обврските?

Тоа е обврска на државата кон приватниот сектор и мислиме за да може понатака да продолжи со задолжувања, тие мора да се исплатат, затоа што ние мислиме дека исто така тие задолжувања, тие инвестиции што ќе ги направи треба да бидат во интерес на бизнисот воопшто, во смисла на профитабилни инвестиции. Во овој случај ние имаме лошо искуство, каде што инвестициите биле непродуктивни и ние како бизнис сектор немавме некоја придобивка од таквите инвестиции, а во целина и економијата на државата повеќе беше насочена кон такви инвестиции повеќе политички, отколку економски.

Дали треба да продолжи субвенционирањето на странските инвеститори?

Странските инвеститори се многу битни за секоја држава, особено за Македонија, затоа што ние тежнееме кон ЕУ, значи ни требаат фирми од таков карактер. Меѓутоа странските инвеститори мораат да се обврзат, на некој начин, освен тие субвенции кои ги нудиме како држава или како власт, да бидат поттикнувачки и за домашните компании, за да може сите да имаме бенефит од тоа. Ние имаме домашни компании, од мали и средни претпријатија, кои можат тие странски инвеститори да ги внесат во тој синџир на снабдување, за да имаме и ние профит од тоа.

Може ли бизнис секторот да си дозволи зголемување на минималната плата, а просечната плата да се искачи на 500 евра?

Ние како стопанска комора подолго време го промовираме тоа дека митот на евтина работна сила во Македонија мора да се промени, поради тоа што со таква социјална политика ние не можеме да имаме некоја перспектива во однос на сите држави во опкружувањето. Во друг контекст гледајќи ние како стопанственици не можеме со таква евтина работна сила да ги држиме нашите капацитети или нашите човечки ресурси од повисок ранг. Во овој случај сите капацитети кои излегуваат од нашите универзитети, кои мислиме дека ќе бидат прифатливи за нашите компании, тие размислуваат да избегаат од државата. Со ваква просечната плата, каква што беше во минатото, мислиме дека нема да има некаков успех и ќе бидеме повеќе социјална политика, отколку економска политика.

Но, колку е тоа реално остварливо?

Тоа е реално остварливо, во подолг временски период, затоа што во случај, пример – ако некоја компанија зголемува плата на некој вработен за 10 евра, а ако во Македонија имаме 500 илјади вработени, значи ќе имаме пет милиони евра повеќе пари во рацете на граѓаните. Тие пари ќе се трошат пак во нашите компании и мислам дека ќе имаме поголем обрт на средствата и во тој случај и компаниите ќе имаат поголем бенефит од тие средства.

Целото интервју со претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија Неби Хоџа може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG