Достапни линкови

Реформите, покрај спорот за името, клучни за преговорите со ЕУ


Владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев се сретна со Високaтa претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини во Брисел. 12, јуни, 2017

Потребна е целосна деполитизација на правосудството, јавната администрација, борбата против корупцијата со цел препораката за преговори за членство во ЕУ да биде условена само со решавање на спорот со името како што беше пред 2015.

Македонија не може да се надева на отстранување на условената препорака за членство во Европската унија доколку не ги заврши итните реформски приоритети, оценуваат домашните аналитичари.

Директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска, потсетува дека препораката за членство во ЕУ беше условена со решавање на спорт за името уште од 2009 година, но дека во 2015-та година таа добива уште неколку дополнителни услови.

„Во 2015 година имаме дополнителен услов, што во пракса ја замрзна препораката, односно политичката криза којашто на некој начин беше крунисана со договорот од Пржино, е практично дополнителниот услов. Односно, во 2015 година препораката покрај оригиналното условување со решавање на прашањето за името, е условена дополнително со видливи резултати од договорот од Пржино, реализација на изборите и итните реформски приоритети“, изјави Кацарска.

Она на што сега треба да се фокусира идната влада е остварување на видливи резултати во однос на препораките на Прибе, вели Кацарска.

„Потребни се реформски напори во однос на деполитизација на правосудството, јавната администрација, борбата против корупцијата, следење на комуникациите. Доколку дел од овие мерки бидат исполнети, ние наесен или напролет би ја вратиле препораката во оригиналната форма пред 2015 година, односно таа би била условена само од решавањето на прашањето за името“, вели Кацарска.

Условеноста е врзана со примената на договорот од Пржино, реформите од извештајот на Прибе и неколку суштински подобрувања на функционирањето на системот, се согласува и Андреа Стојковски, претседател на Евротинк, Центар за европски стратегии.

„Судството е една од клучните области на кои треба да се работи. Потоа да се обезбеди владеење на правото во државата, одговорност на политичарите и носителите на јавни функции за сите сторени злоупотреби или повреди на законите. Тоа е една од суштинските услови со кој ќе може да се покаже дека судството во државата се ослободува. Ќе треба да се работи и на подобрување на функционирањето на парламентот и на зајакнување на неговата контролна улога“, дециден е Стојковски.

Спроведувањето на изборите, како еден од условите со кој беше условена минатогодишната препорака, не значи дека годинава повторно изборите нема да бидат тест за нашата подготвеност за почнување на преговорите, смета Стојковски.

„Одржувањето на локалните избори ќе треба да покаже дека Македонија има капацитет за организирање на избори без оглед колкаво е вниманието на меѓународната јавност, избори коишто ќе бидат фер, демократски и кредибилни и ќе овозможат еднакви услови за сите учесници во изборите“, вели Стојковски.

Негов став е дека се работи за одложена препорака, односно дека ние формално се уште ја немаме добиено препораката.

Во меѓувреме премиерот Зоран Заев изјави дека првиот логичен чекор е да се тргне условеноста на препораката, таа да опстои и да отпочнеме преговори со Европската унија.

„Се надевам дека тоa брзо ќе се придвижи. Секако, зависи многу од реформите, но зависи и од нашите соседи, пред се од Грција, но зависи и како што знаете и од Бугарија заради непотпишаниот договор. Работиме во тој правец, се со конечна цел час поскоро, ден поскоро, да може да се одблокираат ваквите процеси“, изјави Заев.

Вчера Европскиот парламент ја усвои резолуцијата за Македонија на словенечкиот европратеник Иво Вајгл. Европратениците ја повикуваат новата Влада да ги продолжи напорите кон интеграција во ЕУ и на целосна заложба кон обемните реформи во областите на владеење на правото, правдата, корупцијата, основните права, добрососедските односи.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG