Достапни линкови

Димитров - Коѕиас: „Прво запознавање, па танцување“


Никола Димитров и Никос Коѕиас се заложија за зајакнување на соработката за побрзо решавање на името. Коѕиас остана на ставот дека Грција бара да се реши името пред приемот во НАТО и ЕУ, а Димитров побара поддршка за евроатлантските интеграции порачувајќи дека од нив ќе има придобивка и Грција.

Патот за решавање на името е долг, но со конструктивни разговори и мерки за подобрување на заедничките врски ќе стигнеме до решение, изјавија денеска во Атина шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас. Димитров на првата официјална средба во грчкото Министерство за надворешни работи потенцираше дека бара поддршка од грчката влада и грчката јавност за Македонија да може исправено да чекори по нејзиниот европски пат. Грчкиот министер, пак, посочи дека Грција ја поддржува Македонија и нејзината желбата за членство во ЕУ и НАТО, но со предуслов да се најде прво решение за името.

„Ја барам поддршката на грчката влада и грчката јавност, нас ни треба еден поттик исправено да зачекориме по патот на кој сакаме да одиме. Бевме неподвижни неколку години, немаме скриени агенди и сакаме да бидеме пријател со вашата земја“, истакна Димитров, додавајќи дека задачата на дипломатите е да ги решаваат проблемите, да отвораат врати и да градат мостови.

„Знаеме дека нашиот сосед сака да биде член на повеќе регионални организации, ние сме отворени да ги поддржиме нивните напори под услов прво да се реши прашањето за името. Ова е услов на кој можеме и мораме да работиме, за постигнување компромис прифатлив за двете страни за да им помогнеме на нашите општества, бидејќи ќе има многу повеќе корист ако се надминат историските пречки и ако не инсистираме на конфликти кои не водат никаде“, изјави Коѕиас.

Министрите разговарале за мерките за градење доверба, а Коѕиас бил информиран за приоритетите на новата македонска влада и нејзината заложба за градење европска иднина. Притоа, добил и покана наскоро да го посети Скопје. Обајцата министри посочија дека не очекуваат од оваа прва средба да доведе веднаш до решение за името, но сметаат дека создава позитивна клима и рамка за во иднина да се најде заеднички прифатливо решение со кое ќе се надмине спорот. Грчкиот министер забележа дека се задоволни од разговорите и заложбите на новата македонска влада и посочи дека иако со разговорите не се заменуваат преговорите, сепак тие стануваат попријатни. Посочи дека Грција има предложени конктретни решенија и дека е неопходно билатералните односи да се унапредуваат, бидејќи тоа ќе помогне да се решат поголемите проблеми.

Во оваа насока Димитров посочи дека за новата влада е прироритет да биде што е можно подобар сосед и пријател со сите нејзини соседи и држави во регионот. Истакна дека Македонија ќе се заврти кон иднината и ќе работи на оживување на интеграциите во ЕУ и НАТО, интеграции кои, забележа, ќе бидат корисни и за Грција, но и за затворање на политичкиот спор.

„Ќе продолжам да давам аргументи и со зборови и со дела дека е во интерес на нашиот поголем и повлијателен јужен сосед ние да бидеме европска демократија што ќе влезе во НАТО и ќе ги почне преговорите за членство со ЕУ. Отворањето на патот може да придонесе за да се затвори и главното прашање“, изјави Димитров.

На новинарско прашање што ќе направи новата влада околу спомениците од Скопје 2014, името на автопатот и аеродромот Александар Македонски, кои се трн во грчкото око, Димитров упати порака дека новата влада нема иредентистички тенденции.

„Сакам да ве уверам дека сме фокусирани врз границите кои ги имаме, сакаме да си ја спасиме државата, премногу долго чекаме во чекална во регион кој не е во моментов во идеална кондиција. Јас не сум од оние кои им придаваат значење на склуптурите, имињата, мислам дека тоа им наштети на нашите односи и им помогна на оние кои не сакаат да имаме добри односи“, потенцираше Димитров.

На прашањето што конкретно разговарале Димитров изјави:

„Кога ќе се сретнете со некого прв пат, не танцувате веднаш“

Министерот Коѕиас се фокусираше и на фактот дека Македонија и останатите држави од западен Балкан кои сакаат да станат дел од ЕУ и НАТО мора да ги прифатат европските вредности и да ја развијат европската култура на компромиси.

„Претходната влада воопшто не практикуваше постигнување компроми и прашањето за името, од географски, го претвори во идентитетски проблем“, изјави Коѕиас.

Порача, Македонија да не ги гледа официјалните позиции на Грција како непријателски, бидејќи секоја страна се бори да ја одбрани сопствената позиција во рамките на надворешната политика.

По средбата со Коѕиас, Димитров се среќава и со претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, а подоцна ќе има средба и со Јоргос Кумуцакос, одговорен за надворешна политика во Нова демократија.

Подготви: Миркица Поповиќ

XS
SM
MD
LG