Достапни линкови

Неделниците пишуваат за спорот за името и членство во НАТО


Грчко и македонско знаме на грчкото МНР во Атина за време на посетата на шефот на дипломатијата Никола Димитров на Грција на 14 јуни 2017
Грчко и македонско знаме на грчкото МНР во Атина за време на посетата на шефот на дипломатијата Никола Димитров на Грција на 14 јуни 2017

Неделникот Република прашува што ѝ ветил премиерот Зоран Заев на меѓународната заедница, а крие од народот во однос на спорот за името, Фокус го анализира руското влијание при евентуално зачленување во НАТО, а Капитал дека раст на економијата од 5 отсто е остварлив.

Република - Што ѝ ветил Заев на меѓународната заедница, а крие од народот?

Насловна тема на Република е прашањето: „Што ѝ ветил Заев на меѓународната заедница, а крие од народот?“ Веројатно инспирирана од текстовите во влијателните Фајненшл тајмс, Гардијан и Тајмс во врска со решавањето на грчкиот проблем со уставното име на Република Македонија. И тврди дека само по десетина дена од формирањето на, како што вели, „квинслишката влада“, македонската јавност можела јасно да види дека клучната „реформа“ на Заев којашто навистина ќе донесла „нов живот“ ќе била промената на името. Бидејќи, влијателните весници пишувале дека „Македонија размислува за усвојување ново име во обид да го омекне грчкото противење на нејзиното членство во НАТО“, го цитира Република лондонски Тајмс. Како аргумент за, цитирам, „упорното лажење на Заев дека ќе ја внесе државата во НАТО под привремената референца“, неделникот наведува дека од Брисел од Алијансата ни стигнале јасни пораки дека единствен начин за брз прием во нејзино членство е компромисно решение, а дека во Атина дообјасниле што значело компромис – дека без променето име „нема што да бараме во ЕУ и во НАТО“. Република наведува дека веќе кон крајот на летото македонската јавност ќе го дознаела одговорот на тоа што ветил Заев, а не знаела јавноста затоа што од свои дипломатски извори дознала дека лично шефот на Стејт департментот Рекс Тилерсон ќе ја посетел Македонија, а дека цел на посетата ќе биле токму името и членството на Македонија во НАТО.

Фокус - Руската мечка ќе ’ржи и во спорот за името

„Руската мечка ќе ’ржи и во спорот за името“ е насловен текстот во Фокус во кој се анализира однесувањето на Москва во врска со зачленувањето на Македонија во НАТО и евентуалното компромисно решение за името со Атина. „Иако го загуби Груевски“, вели авторот на текстот, „може да се очекува дека како и во минатото, и овој пат, Москва ќе ги охрабрува антизападните, националистичките, проруски сили во Македонија, но и оние во Грција, за да ја заоструваат реториката и да не дозволуваат разумен компромис за името, за да се спречи нашето членство во НАТО“. И токму поради тоа, смета Фокус, важно е да се има предвид дека офанзивата на новата македонска Влада за брз прием во НАТО, силно поттурната од САД и Германија, без оглед на дизајнираната агенда, желбите, ентузијазмот и очекувањата, „во одреден момент нужно ќе се соочи со руската мечка која својата ’мека моќ‘ ќе продолжи да ја пумпа на Балканот и во Македонија дури и во услови на јасно евроатлантски и реформски ориентирана Влада, каква што е актуелната на Зоран Заев“, пишува покрај другото Фокус.

Капитал – Раст на економијата од 5 отсто е остварлив

Капитал ги анализира најавите дека македонската економија ќе порасне до 5 отсто. Авторот смета дека тој проектиран раст е остварлив и дека мора да стане врвна и стратешка политичка цел на новата Влада. Основно е, продолжува авторот на анализата, расправите за растот на македонската економија да се симнат на земја, оти растот реално се генерира и произведува низ улиците и калдрмите на македонските градови и села. Луѓето, фирмите и банките го креираат растот. А за тоа се потребни сосема нови компании, нова вредност, нова економија. Потребни се посебни нови програми на Владата, не само за поддршка на постојните компании, туку програми за стимулирање на нови инвестиции од страна на новите претприемачи... Оние домашни херои кои ќе се одважат и ќе инвестираат, порачува Капитал.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG