Достапни линкови

Македонија безбедна, граѓаните да не се грижат за заканите од ИД


Ирачки војници го држат знамето на милитантната група ИД во знак на победа.

Аналитички обработените податоци и сознанија со кои располага УБК упатуваат на оценка дека безбедносната состојба во Република Македонија е мирна и стабилна, велат од МВР. Според експертите, граѓаните не треба да бидат загрижени.

По заканите упатени од милитантната група Исламска држава дека нема да го заборават Балканот, од МВР велат дека ја следат ситуацијата и дека граѓаните немаат причина да стравуваат за својата безбедност. Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски вели дека во рамки на законските надлежности се преземаат континуирани превентивни и оперативни тактички мерки за навремено попречување на закани и ризици од можен терористички напад.

„Аналитички обработените податоци и сознанија со кои располага Управата за безбедност и контраразузнавање упатуваат на оценка дека безбедносната состојба во Република Македонија е мирна и стабилна. Но, постојано се следат какви било закани од овој вид“, вели Ангеловски.

Професорот по безбедност Стојан Славески вели дека Македонија е дел од антитерористичката коалиција предводена од САД и со самото тоа, земјата е цел на милитантната група. Но, според него, заканата кон Македонија во споредба со другите западноевропски земји не е на исто рамниште, меѓутоа не треба ни да се исклучува.

„Со самото тоа што и дел од граѓаните на Република Македонија заминуваат на боиштата во Ирак и во Сирија и некои од нив се враќаат во земјава постои потенцијална опасност тие да се радикализираат и евентуално да преземат некоја акција. Меѓутоа во овој момент јас не мислам дека таа безбедносна закана е на такво рамниште да мора граѓаните да бидат загрижени“, смета Славески.

Според него, земјата треба повеќе да биде загрижена од одредени криминални групи кои за парична корист може да направат инциденти и да ја дестабилизираат состојбата.

„Такви групи постојат во регионот. Постојат центри на моќ на коишто не им одговара стабилна и западно ориентирана Република Македонија и во таа смисла може тие групи за одреден паричен надомест да направат некакви инциденти и тука пред се јас би ги насочил оние активности кои треба да ги преземат безбедносните служби за да ги превенираат таквите групи“, додава тој.

Славески посочува дека сите треба да се соочат оти светот не е на истото безбедносно ниво како во минатото и дека се повеќе ќе се намалуваат одредени слободи на сметка на зголемување на безбедносните мерки.

Српскиот министер за одбрана, Зоран Ѓорѓевиќ по повод заканите изјави дека ситуацијата во неговата земја е под контрола и дека граѓаните можат да бидат спокојни. Од српското МВР, соопштија дека ја следат ситуацијата, подготвени се да одговорат на сите закани и дека соработуваат со другите земји.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG