Достапни линкови

Трамп - Крвопролевањето ќе заврши


Милитантите на Исламската држава ја презедоа одговорноста за нападот во Лондон во кој беа убиени седум луѓе, додека неколку десетици други беа ранети. Ова го јавија новинските агенции повикувајќи се на соопштението, постирано на интернет страницата која е поврзана со ИД.

Во соопштението се наведува дека нападот во Лондон бил извршен од ќелија на „борци на Исламската држава“.

Во меѓувреме, британската полиција соопшти дека уапсила 12 луѓе во Баркинг, источен Лондон, во врска со истрагата за нападот што се случи во саботата.

Тројца напаѓачи, најпрвин со комбе згазиле неколку пешаци, по што излегле од комбето и почнале со ножеви да напаѓаат луѓе пред да бидат убиени од полицијата.

Милитантите на Исламската држава кои трпат порази и ги губат освоените територии во Сирија и Ирак, по офанзивата на сојузниците предводени од Соединетите Држави, во саботата ги повикаа своите следбеници за време на муслиманскиот свет месец Рамазан да извршуваат напади со камиони, ножеви и огено оружје врз, како што е наведено, „крстоносниците“.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп за нападот во Лондон рече дека е „зол колеж“ и оти Соединетите Држави ќе сторат се да и помогнат на Британија во апсењето на одговорните.

„Ова крвопролевање мора да заврши. Ова крвопролевање ќе заврши“, рече Трамп.

Претходно и британската премиерка Тереза Меј изјави дека дојде време за конечно справување со тероризмот.

„Не можеме и не смееме да се преправаме дека работите можат да продолжат какви што се“, рече таа.

Тоа беше трет терористички напад во Британија во изминативе три месеци.

На 22 март се случи сличен напад во близина на британскиот парламент во Лондон, а на 22 мај самоубиец активира бомба на концеротот на американската поп пејачка Аријана Гранде.

Таа вчера во Манчестер одржа хуманитарен концерт за жртвите на бомбашкиот напад напад што се случи на нејзиниот концерт во тој град.

На концертот „Една љубов Манчестер“ на кој учествуваа повеќе музички ѕвезди присуствуваа околу 50 илјади луѓе.

Концертот мина без инциденти, а како што соопшти британскиот Црвен крст, притоа беа собрани над 13 милиони долари.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG