Достапни линкови

Заедничкиот балкански пазар не смее да биде замена за ЕУ


Еврокомесарот Јоханес Хан

Идејата за создавање заеднички пазар на земјите од Западниот Балкан е добра и може да му помогне на бизнисот, но тоа не смее да биде замена за членство во ЕУ, велат упатените.

Предлогот за постигнување договор за заеднички пазар на Балканот е добра можност за проширување на економската соработка на земјите, но не треба да ни го нудат како замена за патот кон ЕУ. Ова го велат економистите по изјавата на комесарот за проширување Јоханес Хан дека ЕУ се надева на договор за заеднички пазар на Балканот што може да заживее во рок од една година.

Поранешниот пратеник на СДСМ Марјанчо Николов потсети дека станува збор за идеја на германската влада за промовирање мини Маршалов план во кој една од целите е да се формира регионален пазар за да може земјите од Балканот да се развиваат економски и побрзо да го достигнат нивото на економскиот развој на земјите од ЕУ. Како што вели Николов, за реализација на тој план се предвидени пари кои пред сè би биле насочени кон изградба на инфраструктура заради олеснување на трговијата.

„Како идеја треба да се сфати сериозно зашто и претходната традиција пред растурањето на поранешната држава покажува дека земјите во регионот беа еден пазар и многу од компаниите опстануваа на таков пазар, бидејќи опфаќаше голем број на потрошувачи. Но, треба да се внимава овој план да не биде наметнат како замена за патот кон членство во ЕУ, туку само како помош на тој пат во побрзо подигнување на животниот стандард и на економската моќ на земјите и да ни дадат можност што побрзо да ги стигнеме нивните стандарди“, изјави Николов.

Обиди за таква соработка има и сега, преку постоечкиот регионален договор за слободна трговија ЦЕФТА, но според Николов, царинските бариери и дополнителните давачки кои се наметнуваат биле едни од пречките за подобро искористување на овој договор.

„Ако сега се утврдат јасни правила на игра, да нема привилегирање и дискриминација на одредени земји, постои добра можност да се прошири економската соработка на земјите“, вели Николов.

Фатмир Битиќи од Стопанската комора на северозападна Македонија изјави дека повеќе комори кај нас разговарале оти административните и царинските бариери кои се појавуваат може да се надминат само со формирање на поширока економска зона и смета дека дека тоа е можност за поширок пазар на компаниите и за зголемена конкурентност.

„Во принцип на малите пазари тоа е потешко да се направи. Вие немате можност да иницирате иновации и конкурентност на помал пазар зашто мотивот на самите компании е помал. Едно зашто немаат можност да пласираат евентуални нови продукти, а цената на чинење е иста“, вели Битиќи.

Тој ја пофали идејата за договарање заеднички пазар на Западен Балкан и подвлече дека за нејзино спроведување е потребна и политичка волја.

„Претпоставувам дека сите земји, ако вистински тоа го сакаат, е возможно да се направи имајќи ги предвид политичките бариери и предрасуди кои постојат, но има еден добар аргумент дека тоа е увертира пред да пристапaт кон ЕУ. Од економска страна сметам дека за сите, можеби не во краток рок, но за среден рок, ќе даде и тоа како добри резултати за секоја земја“, вели Битиќи.

Деновиве еврокомесарот Хан изјави дека Европската унија се надева оти лидерите од државите од Западен Балкан на Самитот во Италија на 12 јули ќе постигнат договор за формирање заеднички регионален пазар. Со политичка волја, тоа може да го направиме за една година, додаде Хан.

Тој најави дека Европската комисија ќе го помогне ваквиот процес.

Тоа е обид да се создаде позитивна атмосфера на Балканот и да се создадат нови бизнис можности што треба да биде остварливо, нагласи европскиот комесар.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG