Достапни линкови

Минимални шанси за раст на минималната плата


Вработени во комунално претпријатие чистат снег по скопските улици.
Вработени во комунално претпријатие чистат снег по скопските улици.

Минималната плата која изнесува 10.080 денари не е доволна ниту за неопходните потреби за нормален живот. Околу 40 проценти од вработените земаат плата помалa од 200 евра, а потрошувачката кошница за четиричлено семејство е околу 520 евра. Според некои истражувања, износот на минималецот може да се зголеми само на 11.300 денари месечно, сè над него ќе дејствува на зголемување на невработеноста.

Mинималната плата во Македонија изнесува точно 10.080 денари. Но на некои вработени, како оние во одделите на производството на текстил, облека и кожа им се исплаќа минимум од 9.000 денари. Овој износ не е доволен ни за задоволување на неопходните потреби за нормален живот, како плаќањето на сметки, храна и превоз, велат економистите. За споредба, единствено пониска сума од загарантирана минимална плата од 162 евра во Македонија, земаат вработените во Косово и Албанија каде таа изнесува 130 евра, односно 150 евра.

И оние кои, кога немаат работа, решаваат да најдат алтернативен начин за заработка, се сведени на истите примања. Четириесет и осум годишниот Јовица Костовски кој завршил како технолошки вишок, својот леб го вади на пазар, каде продава лук и црвени пиперки. Но, вели дека и претходно примањата му биле мали, а и сега кога е сам свој газда заработува колку за да преживее.

„Не е тоа заработувачка, тоа е за еден гол живот, некои поситни трошоци да се покријат, да се закрпи нешто, за толку стасува само“, вели Костовски.

Според последниот годишен извештај на Светска банка околу 330 илјади Македонци или приближно една шестина од вкупното население во земјава е сиромашно и живее со 225 денари на ден. Последната публикација на Државниот завод за статистика на вработени и нето плати од 2014 година покажува дека околу 43 проценти од вработените лица земаат плата помала од 200 евра. Тешко дека минималната плата може да ги задоволи најосновните потреби на едно семејство, вели економскиот аналитичар Висар Адеми. Според него, трошоците постојано се зголемуваат, а минималната плата не го следи тој тренд.

„Ние сме увозно зависна држава, ние и прехрамбените производи ги увезуваме во Македонија. Минималната плата воопшто не ги задоволува тие потреби. Трошоците одат нагоре, а кај платите имаме маргинално покачување“, вели Адеми.

Податоците на Сојузот на синдикати покажуваат дека на едно четиричлено семејство за преживување месечно му се потребни околу 520 евра. Најголем дел од парите одат на храна и пијалоци и за одржување на домот, односно речиси 400 евра. Во сумата влегуваат и трошоците за хигиена, потоа превоз, облека и обувки, култура и одржување на здравјето. Економскиот аналитичар Слободан Најдовски коментира дека минималната плата треба да биде поврзана со месечните трошоци на граѓаните.

„Мора да се изнајде начин минималната плата да не биде пониска и да биде поврзана со од потрошувачката кошница.“

И Адеми тврди дека висината на минималната плата треба да биде во сооднос со трошоците за живот.

Претседателот на Синдикатот за рударство, енергетика и индустрија Пеце Ристески вели дека во Македонија има реални услови за повисока минимална плата и поголемиот дел од фирмите може да си дозволат и плати до 16 илјади денари. Но, според него, многу фирми го прекршуваат законот, бидејќи се уште има работници кои земаат и помалку од минимумот. Тоа, според него е едниот дефект кој не се санкционира, а другиот е што работодавачите бараат од вработените да им вратат назад дел од платите.

„Добар дел од претпријатијата солидно работат, но и таму имаме прекршување. Значи на вработените да им се исплати на рака и луѓето да враќаат пари, а има и случаи кога самиот работодавач располага со банкарските картички на вработените. Значи, такво јавување имало кај нас како Синдикат, меѓутоа тоа е тешко докажливо, бидејќи работникот за да не го загуби работното место тоа го премолчува пред надлежните органи“, вели Ристески.

Донесувањето на Законот за минимална плата ги поттикна некои од компаниите да го злоупотребуваат неговото спроведување со тоа што ги намалија реалните плати, смета претседателот на Конфедерација на работодавачи, Миле Бошков.

„На тој начин некои од компаниите ја видоа можноста дека можат да ги намалат реалните плати, односно легалните плати според законот за минимална плата и понатаму да ја изигруваат државата со тоа што ќе исплаќаат плата во плик или да користат други начини за исплаќање на надоместокот“, вели Бошков.

Најдовски смета дека во одредени сектори во стопанството има реални можности за покачување на платите. Но, според него владата е директниот виновник за исплата на платите под минимално ниво. Тој објаснува дека јавните претпријатија можат да ги зголемат минималните плати само ако подобро се организираат и го ограничат бројот на вработените според потребите на компаниите, а не на партиите.

„Јас мислам дека голем дел од стопанствениците ја злоупотребуваат ситуацијата на големата невработеност и од тој аспект, посебно за ниско образованите кадри, исплаќаат ниски плати“, вели Најдовски.

Политичките партии за време на изборните кампањи ветија повисока минимална плата за неколку илјади денари. СДСМ ветува минимална плата од 12 илјади денари следната години, а до 16 илјади до крајот на нивниот мандат. ВМРО-ДПМНЕ, пак, откако прво оцени дека тоа е нереално, потоа вети дека минималната плата до 2020 треба да достигне 14 илјади денари. Но, како што посочува Адеми повеќе се работи за популизам, отколку реална мерка. И тој како и Најдовски вината ја гледа во политиката на привлекување странски инвестиции со која се промовира евтина работна сила.

„И да не е популистичка, една политичка партија ќе треба да потроши најмалку три до четири години, еден мандат, за малку да го подигне приватниот сектор и да има домино ефект во самата економија. Мислам дека тука има политички популизам за да добијат на избори. Во оваа консталација во која зависиме од задолжувања од надвор, јас мислам дека е нереално.“

Неодамнешна анализа на Институтот за економски истражувања и политики Finance Think покажува дека зголемувањето на минималната плата е важно за да го подобри животниот стандард на најниско- платените работници и да им помогне да излезат од сиромаштија. Но, статутарното зголемување на минималната плата може да го стави работодавецот пред предизвикот да го отпушти вработениот, ако компанијата не може да го издржи тоа зголемување. Според анализата во Македонија има простор за зголемување на минималната нето плата до износ од околу 11.300 денари месечно. Над овој износ, минималната плата ќе дејствува врз зголемување на невработеноста.

Ако минималната плата не е доволна за преживување во Македонија, тогаш дали е и социјалната помош која минатата година 2016 во просек била 4.927 денари, а постојаната помош изнесувала 6228 денари. Плановите на ЕУ унија по ова прашање се да се воведе обврска сите земји членки да воведат минимална плата за работниците и социјална помош за невработените. Тоа е во рамките на справувањето на растечката социјална нееднаквост и сиромаштијата.

Минималната плата во ЕУ и во Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:33 0:00

Работниците во ЕУ и гарантираната минимална плата

Членките на Европската унија мора да воведат минимална плата за работниците и социјална помош за невработените. Тоа е во рамките на справувањето на растечката социјална нееднаквост и сиромаштијата. Гоце Атанасов

Европската комисија сака сите членки на Европската унија да воведат минимум приходи и за вработените и за невработените. Иако Комисијата има ограничени права во областа на социјалната политика, таа подготвува ревидирање на целите на Европската унија. Притоа сака повеќе да биде вклучена во решавањето на социјалните и економските неправди. Токму ваквите направди често пати успешно се експлоатирани од десничарските евроскептични партии во 28 членки на Европската унија.

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер вели дека реформирањето на социјалната политика на Европската унија би требало да почне во рамките на еврозоната што ја сочинуваат 19 земји. Тие и онака веќе имаат заедничка валута и заедничка фискална политика.

„Мислам дека би требало, насекаде во Европа, во сите наши земји членки, почнувајќи од еврозоната, да има минимална плата. Секоја работа заслужува да биде платена. Каква и да биде таа работа неопходно е да постои минимална плата во секоја земја на Европската унија. Не станува збор за иста минимална социјална плата насекаде, туку за принципот минимална социјална плата што е од клучна важност“.

Дваесет и две од 28 те членки на Унијата, според свропскиот завод за статистика Еуростат, имаат минимална национална плата. Јункер, кој порано беше премиер на Луксембург, смета дека секоја земја би требало сама да решава колкава би била таа минимална плата.

„Тука во Европа постои ниво на гордост што треба да го почитуваме. Оваа минимална плата не треба да биде иста во сите наши земји. Би било апсурдно да се бара тоа“.

Јункер додаде дека сепак минималните социјални плати и гарантирани примања ќе донесат поголема социјална правда во Европа. Животниот стандард и трошоците за живот се различни низ Европа. Во некои нејзини земји, посебно во јужна Европа страдаат од виско ниво на невработеност.

„Ако сите компании го почитуваат истото ниво на минимална плата ќе ставиме крај на „социјалниот дампинг“ што го кородира нашето општество“.

Под „социјален дампинг“ се подразбира или вработување на евтина работна сила во што најчесто се вклучени мигранти или преселба на производството во земји со помали плати. Европската комисија треба да ги презентира реформите пред самитот во Рим на 25 март годинава.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG