Достапни линкови

Напори за заеднички енергетски пазар на Западен Балкан


Заедничка фотографија на министрите за надворешни работи од Западен Балкан и од Европската унија.
Заедничка фотографија на министрите за надворешни работи од Западен Балкан и од Европската унија.

Министрите за надворешни работи од Западен Балкан и од Европската унија денеска во Скопје потпишаа два важни договори за енергетска ефикасност и зелен развој. Целта е олеснување на трговијата со електрична енергија меѓу државите и намалување на емисиите на штетни гасови, велат тие.

На состанокот кој се одржа во македонското Министерство за надворешни работи присуствуваше и Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Министрите, освен за енргетиката и инфраструктурното поврзување, разговараа за низа прашања за соработка меѓу земјите од Балканот и Европската унија.

На прес-конференцијата по состанокот, еврокомесарот Хан се осврна и на прашањето за формирањето влада во Македонија. Тој изјави дека е важно новата влада да се формира на солидна и широка основа, истакнувајќи дека во Скопје е дојден да ги ислуша лидерите на политичките партии и да ја пренесе неговата порака, оти земјата има постигнато многу од пред две години.

Според еврокомесарот Хан, новата влада треба да биде изградена на солидна основа и да ја следи европската перспектива.

„Јас нема да давам никакви предлози на партиите за тоа како да продолжат. Што поголемо мнозинство има во Парламентот, тоа подобро. Крајната одлука треба да ја донесат политичарите во оваа земја и тие ја имаат одговорноста пред гласачите. [...] Сега задача на политичарите е да формираат влада, која ќе ја предводи земјата во наредните 4 години, а демократските одлуки треба да ги почитуваат сите партии“, рече Хан.

Во однос на потпишувањето на двата финансиски договори за енергетска ефикасност, Хан истакна дека јавниот и приватниот сектор во државите од Западен Балкан од ЕУ ќе добијат кредити од 50 милиони евра за енергетски проекти, со што корист ќе имаат и домакинствата.

„Предвидените финансии треба значително да му помогнат на јавниот и приватниот енергетски сектор во шесте држави и да придонесат за заштеда на енергија и намалување на емисиите на штетни гасови“, рече Хан.

Со овие дополнителни средства, вели Хан, земјите од Западен Балкан ќе можат да постигнат 1,6 терават часови електрична енергија годишно.

„Тоа е еквивалентно на четиримесечната потрошувачка на енергија на Албанија. Значи со овие активности можеме да заштедиме една третина од потрошувачката на Албанија годишно, може да се намали емисијата на штетни гасови на годишно ниво во голема мерка што би значело на пример една година да не се возат автомобили во Црна Гора“, истакна Хан.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски изјави дека е направена мапа и цели кои земјите потписнички треба да ги исполнат, истакнувајќи дека прогресот на земјите ќе го следи заедничкото тело и Енергетската заедница со седиште во Виена. Пешевски нагласи дека во ооднос на енергетската инфраструктура, поврзувањето и правната регулатива, сите шест држави направиле прогрес.

„Се прават големи чекори за заеднички пазар за електрична енергија на овие шест држави. За тоа прво е потребно да се хармонизира правната рамка, но постојат и низа други работи како олеснувањето на трговијата со електрична енергија меѓу државите, но тие ќе треба да исполнат и други цели до Самитот во Трст оваа година“, вели Пешевски.

Министерот за надворешни работи и вицепремиер, Никола Попоски, изјави дека на средбата, освен за енергетското и инфраструктурно поврзување, било разговрано и за воспоставување на временска рамка за членството на земјите од балканот во ЕУ, било дискутирано за владеењето на правото и корупцијата во земјите и за воспоставувањето на системот за регистрација на ЕУ, за кој е извесно дека ќе бидат засегнати и граѓаните од Балканот.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG