Достапни линкови

logo-print

АУДИО: СДСМ со четврта„бомба“ за спрегата медиуми-власт


Macedonia - Press conference of Zoran Zaev, SDSM leader, Skopje, 20.02.2015.

Macedonia - Press conference of Zoran Zaev, SDSM leader, Skopje, 20.02.2015.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, објави шест прислушувани разговори, кои, како што рече, ја разобличуваат спрегата премиер-УБК-медиуми. Заев рече дека за некои новинари, меѓу кои и загинатиот уредник на Фокус, Никола Младенов, се правени и досиеја.

Повеќе од 100 новинари биле прислушувани од Управата за безбедност и контраразузнавање, рече денеска претседателот на СДСМ Зоран Заев. Следени и прислушувани се и новинари од провладините медиуми, но и професионални новинари, кои критички ги опсервираат состојбите во Македонија, вели Заев. Тој објави шест прислушувани разговори, кои, како што рече, ја разобличуваат спрегата премиер-УБК-медиуми. Заев рече дека за некои новинари, меѓу кои и загинатиот уредник на Фокус, Никола Младенов, се правени и досиеја. Заев рече дека сега нема да се објавуваат детали за Малденов, но не ја исклучува таквата можност во иднина.

Првиот емитуван разговор, како што рече Заев, е меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и шефот на кабинетот на премеирот Никола Груевски, Мартин Протуѓер, во кој тие се договараат како медиумски да пласираат одредена тема.

Втората снимка, според Заев, е меѓу министерката за култура Елизабета Канческа Милеска и уредникот на Сител Драган Павловиќ Латас, во кој таа нарачува прилог што треба да оди на вестите, на што машкиот глас, кој според Заев е на Латас, одговара дека од кај премиерот има толку многу порачки што вестите станале „пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ“.

Третиот разговор, според Заев, е меѓу министерката Јанкулоска и портпаролот на МВР Иво Котевски, во кој разговараат дека на МТВ нема да има емисија што ним не им се допаѓа.

Четвртиот разговор, според Заев, е меѓу директорот на УБК Сашо Мијалков и уредникот на Сител, Драган Павловиќ Латас, во кој, според Заев, шефот на тајната полиција бара од уредникот во кој термин на бидат емитувани вестите посочувајќи дека „го средил Велија“ за да им ја зголеми гледаноста.

Петтиот разговор, според Заев, е меѓу Мијалков и министерката Јанкулоска, во кој разговараат како да „се средат“ медиумите на МПМ.

Шестиот разговор што го емитуваше Заев е, како што рече, меѓу премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт и врски, во кој премиерот бара АЕК да плати 500 илјади евра за документарци, односно парите да бидат префрлени за некој документарец „за македонската борба за слобода и независност“.

Ова е четврта прес-конференција на претседателот на СДСМ на која тој објавува делови од прислушуваните разговори на државно-владиниот врв. Во петокот Заев објави седум телефонски разговори на кои се слушаше договарање околу омаловажувањето на Љубе Бошкоски во медиумите , уништување на неговата партија, бркање на кадрите од Обединети за Македонија од работа во државните институции. Заев нагласи дека тие телефонски разговори се доказ дека процесот е политички монтиран, а дека шефот на УБК Сашо Мијалков однапред знаел на колку ќе биде осуден Бошкоски. Претходната т.н. бомба на опозицијата беше насочена кон спрегата меѓу судството и извршната власт, а на првата прес-конференција Заев објави дека службите под, како што рече, контрола на Груевски и Мијалков, прислушувале повеќе од 20 илјади граѓани во Македонија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG