Достапни линкови

Околу 180 илјади луѓе во земјава живеат со четириесет денари на ден. Единаесет проценти од семејствата живеат во домови во кои прокапува кровот, една третина од семејствата немаат пристап до компјутер, а две третини од домаќинствата не можат да си дозволат месо ниту два пати неделно.

Кога 30 дена треба да ги поминете со двеста евра, од кои повеќе од половина треба да ги дадете за сметки, она што останува е многу малку. Колку и да се трудите да го наполните фрижидерот, тој никогаш нема да биде таков каков што посакувате. За облека, тешко дека ќе ви остане некој денар. Шопингот го одложувате за некој друг месец. Скоро и да е невозможно да заштедите нешто од таа сума. Оваа исповед на една скопјанка ја отсликува македонската реалност во која девет проценти од населението живее со помалку од два долари на ден.

Случајните минувачи во Градскиот трговски центар ги прашавме како го поминуваат месецот и дали платата или пензијата им е доволна за да ги задоволат егзистенцијалните потреби.

„Мене ми стигнува пензијата, оти син ми и снаата работат“, вели една пензионерка.

„И јас сум заедно со децата и така поминуваме, инаку да сум сама не ми стигнуваат.“

„Јас земам 11 илјади, малку се, за сметки, за храна, за деца. Прво плаќам сметки, па лекови, скромни сме.“

„Со административна плата се живее од први до петнаесетти, толку може, струја, вода, храна, толку стигнува петнаесет дена“, вели еден сограѓанин.

Можеби изгледа незамисливо, но реален е фактот дека околу 180 илјади луѓе во земјава живеат со четириесет денари на ден. Последните статистички бројки покажуваат дека релативната сиромаштија во земјава изнесува 25 проценти, а апсолутната девет.

Сиромаштијата во Македонија алармантна

Загрижува тоа што единаесет проценти од македонските семејства живеат во домови во кои прокапува кровот, една третина од семејствата немаат пристап до компјутер, а две третини од македонските семејства немаат за месо два пати неделно. Економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ предупредува дека сиромаштијата во Македонија е навистина алармантна.

„Причините зошто сиромаштијата е таква е што сите овие дваесет и пет години откако се распадна Југославија, ние водиме погрешни економски политики. Водиме економски политики коишто им одговараат на богатите, а не им одговараат на сиромашните. Економскиот раст е низок во оваа држава, изнесува околу 1 - 1,5 процент, меѓутоа ако се погледне како е распределен тој економски раст може да се види дека доходот на 99 отсто од луѓето стагнира сите овие години, а доходот на најбогатите еден посто расте. Значи ние имаме економски политики кои го фаворизираат доходот на најбогатите. Економскиот раст во оваа држава е сконцентриран кај најбогатите еден процент од населението“, вели Јовановиќ.

И нискиот економски раст, според Јовановиќ, е резултат на тоа што земјава води политика на лошо таргетирана социјална заштита. Социјалната помош во земјава изнесува 5.200 денари месечно, а со таа цифра невозможно е да се излезе од сиромаштијата, дециден е Јовановиќ.

„Знаете дека Владата постојано се фали дека се отвараат нови работни места. Работата е во тоа што во тие нови фабрики работните услови се многу лоши, а платите се многу ниски. Тие плати не се доволни за да ги извлечат луѓето од сиромаштија. Затоа економскиот раст завршува кај најбогатите, односно кај сопствениците на капиталот, а не кај работниците“, вели тој.

Друг фактор кој придонесува за високата стапка на сиромаштија се лошите работнички права. Упатените сметаат дека зголемените работнички права и повисоката социјална помош можат да ја променат состојбата, односно да немаме состојба во која доходот ќе завршува кај сопствениците на капиталот, а не кај работниците.

Со економски раст и образование против сиромаштија

Барајќи ги причините кои доведуваат до сиромаштија, професорката Марија Зарезанкова-Потевска вели дека тие водат корени од поранешна Југославија. И тогаш, вели таа, немавме високи деловни резултати во економскиот развој. По осамостојувањето, бројот на претпријатијата растеше, но не и бројот на вработените, вели Потевска и додава дека клучниот фактор за сиромаштијата е нискиот степен на економски раст.

„Доколку сакаме да излеземе со некој поголем економски раст, мора да се зголеми БДП-то повеќе од пет отсто неколку години по ред зада се почувствува некаков развој. Тоа ќе доведе до создавање социјални фондови, повторно вработување на сиромашните и нивно активно вклучување во економскиот живот, да создаваат добра иттн. Потребно е да се отворат социјални фондови кои ќе им помогнат на оние луѓе кои не можат да работат“, посочува Потевска.

Професорката додава дека една од мерките кои со сигурност ќе ја намалат сиромаштијата е доделување на мали заеми за самовработување на работоспособните граѓани.

„Значи мали заеми, пет до десет илјади евра. И не мора тоа да биде грант, туку заем под поволни услови да може да им се овозможи на работоспособните да работат. Тоа е единствениот начин да се создадат фондови. Кога се враќа тој заем со одредена мала камата од еден, два посто, се мултиплицира ефектот. Тоа е светска пракса, сугерира Потевска според која надлежните немаат доволно волја за да се направи нешто на тој план“, вели таа.

И според Јовановиќ постојат реални и лесно остварливи мерки за намалување на сиромаштијата.

„Долгорочно гледано, главна причина за сиромаштијата е и лошото образование, луѓето не ги едуцираат своите деца. Неопходно е зголемување на износот на пари што се одвојуваат за образование и подобрување на квалитетот на јавното образование и здравствениот систем, вели Јовановиќ. Исто така неопходно е воведување на политика на гарантиран минималн приходи, односно државата на домаќинствата да им го надополнува доходот што тие го имаат до одредено ниво“, изјави Јовановиќ.

Исто размислување дели и професор Потевска. И таа потенцира дека образовната компонента е еден од најважните фактори за намалување на сиромаштијата.

„Еве ви пример со Германија. Таму има средни училишта специјализирани за работа во стопанството. По завршувањето на такво средно училиште, тие се оспособени за работа. Добиваат звање мајстор, полагаат таков испит, одат во обучни центри каде то го усовршуваат занаетот и веднаш потоа кандидатот има убава подлога за работа во која било фабрика во Германија. Кажете ми дали ние имаме такви училишта, со исклучок на две, три? И затоа се жалиме дека немаме стручен кадар“, изјави Потевска.

Социјалната помош не ги извлече ранливите од дното

Веќе неколку години овој проблем е во фокусот на работата на Македонската платформа за борба против сиромаштијата. Од оваа организација сметаат дека високата стапка на сиромаштија е резултат на нефункционалниот закон за социјална заштита, кој според нив ранливата категорија граѓани не ги извлекува од дното на сиромаштија. Сашко Јованов од оваа организација смета дека законот мора да претрпи промени во делот на социјалната помош, односно да им гарантира минимум квалитетни услови за задоволување на основните потреби.

„Она што ние почнавме да го работиме од 2012 година е воведување на мерката адекватен минимален приход, што значи еден вид на социјална помош која ги држи граѓаните да не паднат под дното на сиромаштијата. Адекватниот минимален приход всушност треба да гарантира задоволување на човековите потреби на ниво коешто треба да ги одржува во текот на месецот и кое ќе им дозволи квалитетен живот и нормално вклучување на пазарот на трудот“, објаснува Јованов.

Оваа мерка според Јованов ќе им овозможи на ранливите категории дополнително стекнување на нови вештини и враќање на пазарот на трудот. Тоа нема да ги направи граѓаните мрзливи и незаинтересирани за работа, туку ќе ги вклучува во општокорисни работи и ќе ги става во функција на локалната власт, вели Јованов.

Од Македонската платформа за борба против сиромаштијата признаваат дека досега немало конкретен одговор од надлежните институции на сите нивни иницијативи, средби и истражувања. Очекуваат мерката за адекватниот минимален приход да влезе во собраниска процедура и на јавна расправа, со цел ваквиот европски модел на помош да се применува и во македонски услови.

Сè повеќе сиромашни во светот

Сè поголем број Европејци живеат во релативна сиромаштија, објави Меѓународната организација за трудот. Оваа организација истовремено предупреди и дека недостигот на квалитетни работни места во светот е опасност за повеќедеценискиот напор, но и за релативниот успех во намалувањето на сиромаштијата.

Гоце Атанасов

Иако сиромаштијата драстично е намалена во земјите во развој, таа се уште е вртоглаво висока во Африка и во најголемиот дел на Азија. Скоро две третини од Африканците и натаму живеат во екстремна или умерена сиромаштија. Ова се наведува во извештајот на Меѓународната организација на трудот под наслов „Перспективи на социјалното вработување во светот за 2016 година“. Инаку, оваа Меѓународна организација дефинира дека сиромаштија е кога едно семејство има примања под 60 отсто од просечените примања во една земја.

„Во земјите во развој имало апсолутно зголемување на сиромаштијата, особено во Европа“, вели шефот на Меѓународната организација за труд Гај Рајдер.

Во 2012 година, 22 отсто од жителите во развиените земји, или околу 300 милиони живееле во релативна сиромаштија. Од нив повеќе од една третина се деца. Ситуацијата е посебно драматична во Европската унија. Во европските земји во 2005 година имало 16 ипол проценти сиромашни додека тој процент во 2014 година, како последица на глобалната финансиска криза изнесувал 17,2 отсто.

Во Соединетите Држави во истиот период стапката на сиромаштија пораснала за еден процентен поен и сега изнесува 23,8 проценти. Ваквите сознанија се лоша вест по декадите драматичен глобален прогрес во намалувањето на сиромаштијата, главно во посиромашните земји во светот. Денес, скоро две милијарди луѓе живеат во екстремна сиромаштија. Тоа значи за помалку од два долара на ден. За умерена сиромаштија се смета кога човек има нешто над три долари на ден.

„Светот постигна значаен напредок во намалувањето на сиромаштијата“, вели Рајдер предупредувајќи дека ваквиот прогрес е нерамномерен и кршлив.

Главна пречка за искоренување на сиромаштијата, било во богатите или во сиромашните земји, е уништувачкиот недостиг на пристојни и сигурни работни места кои ќе гарантираат редовни плати и други работнички права. Колку за пример, скоро една третина од луѓето кои живеат во екстремна или умерена сиромаштија во земјите во развој, работат.

„Токму вработувањето е неопходен услов за крај на сите видови сиромаштија“, вели Рајдер, додавајќи:

„Во многу развиени економии социјалната заштита веќе не е во можност да ја пополни разликата во приходите на сиромашните работници“, вели тој.

Од глобалната економска криза во 2008 година, работните места на неопределно време бележат пад на сметка на оние на ограничено време. Тоа го зголеми бројот на луѓе кои имаат работа, но без долгорочни примања ги доведува да живеат во услови на сиромаштија. Тоа значи дека се повеќе луѓе кои иако имаат работа се сиромашни. Растечката нееднаквост е главен камен на сопнување. Имено, според податоците, сиромашните во светот, односно 30 отсто од населението, држат само два процента од светскиот приход. Доколку меѓународната заедница сака да постигне резултати во нејзината заложба да се справи со екстремната и умерената сиромаштија до 2030 година, се проценува дека треба да бидат трошени по 600 милијарди долари годишно. Оваа сума е 0,8 отсто од глобалниот бруто домашен производ. За земјите во развој ваквата амбициозна цел бара инвестирање од 20 отсто од нивниот бруто домашен производ, додека на пример во сиромашните тој процент ќе изнесува 78 отсто.

Македонија како сиромашна земја не е феномен во светот, заклучуваат експертите и таа е слична со латино-американските земји. Но, за разлика од Бразил каде што во последните дваесеттина години стапката на сиромаштија се намалуваше, во Македонија растеше.

Токму политиката на условени парични трансфери, односно давање на домаќинствата релативно висока социјална помош, во замена за праќање на децата на училиште, а не питачење била клучната мерка која придонела за намалување на овој тренд во Бразил.

Иако сиромаштијата е голем проблем, експертите не очекуваат граѓаните кои се најпогодени да излезат на улица и да се борат за подобро утре. Социјалниот гнев и револт не секогаш се прелева на улица, заклучуваат нашите соговорници. Сепак се надеваат на повисока свест и организираност на граѓанството, со цел да им се помогне на сиромашните да не се чувствуваат како изолирани во општеството.

Денеска ја реобјавуваме саботната анализа што првично беше објавена на 28 мај годинава.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG