Достапни линкови

Ред ветувања, ред обвинувања


СДСМ ветува минимална плата до 16 илјади до крајот на нивниот мандат. ВМРО-ДПМНЕ, пак, таа до 2020 треба да достигне 14 илјади денари. И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се залагаат за евроатлантски интеграции и за изнаоѓање на решение за името. Ветуваат и дека ќе се борат против криминалот.

Ред ветувања за подобар живот, ред обвинувања за политичкиот противник. Ваква е сликата на почетокот на предизборната кампања на најголемите политички партии. Речиси истите ветувања во различно пакување може да се чујат и од власта и од опозицијата. Различни се само темите за критиките. Власта го обвинува лидерот на СДСМ Зоран Заев дека заговара федерализација, додека опозицијата ја обвинува владејачката гарнитура дека не се политичка, туку мафијашка организација.

Минималната плата ќе расте

СДСМ со „План за живот“ на 264 страници, ВМРО-ДПМНЕ со „Реално“ на 500 страници. И едните и другите ветуваат подобар стандард, повеќе права и правда, интегрирање на земјата во ЕУ и НАТО. СДСМ ветува минимална плата од 12 илјади денари следната години, а до 16 илјади до крајот на нивниот мандат. ВМРО-ДПМНЕ, пак, откако прво оцени дека тоа е нереално, потоа вети дека минималната плата до 2020 треба да достигне 14 илјади денари.

„До крајот на 2020 година ќе ја намалиме стапката на невработеност од сегашните 24 отсто на некаде меѓу 17 и 18 проценти, со отворање на нови 70 илјади работни места во Македонија, ќе ги зголемиме платите во јавниот сектор за најмалку 10, 25 отсто и ќе ги зголемиме пензиите на пензионерите исто так а за најмалку 10, 25 отсто“, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„Ќе се залагаме за повисоки плати. Мора просечната плата да биде не помалку од 30.000 денари, 500 евра. Во семејство со двајца вработени, тоа се 1.000 евра. Така, ќе има и за јадење, и за сметки, и за одмор, и за сето она што значи достоинствен живот“, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Избори 2016 - Претседателот на СДСМ, Зоран Заев на митинг во скопската општина Кисела вода.

Избори 2016 - Претседателот на СДСМ, Зоран Заев на митинг во скопската општина Кисела вода.

Евентуалното решението за името на референдум

За разлика од претходните предизборни циклуси, се чини дека евроинтеграциите не се во фокусот на партиите, барем судејќи по почетните митинзи. Во предизборните програми и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се залагаат за евроатлантски интеграции, иако земјата веќе 10 години е пред вратите на ЕУ и НАТО. Во 2005 доби кандидатура за земја членка и од тогаш нема датум за почеток за преговори за влез во ЕУ, а втора година по ред добиваме и условени препораки за членство.

ВМРО-ДПМНЕ вели дека ќе работи на изнаоѓање на достоинствено решение за името прифатливо за мнозинството граѓани, но оти „нема да прифати промена на Уставот, со цел промена на уставното име“, како ниту предлози што би го загрозиле македонскиот народ и македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и на македонскиот јазик и култура. Евентуалното решение би го ставиле на референдум.

СДСМ исто така ветува дека доколку дојде на власт, реално ќе се ангажира за надминување на спорот за името, но нема да прифатат никаков разговор за идентитетски прашања. Евентуалното решение и тие би го ставиле на референдум.

Криминалците по правило ги гледаат во туѓите редови

И едните и другите најавуваат борба против криминалот, но криминалците по правило ги гледаат во туѓите редови. СДСМ ветува донесување на закон за запленување на криминално стекнатиот имот, вклучувајќи и корупција и организиран криминал, веднаш по првата правосилна пресуда. ВМРО-ДПМНЕ, пак, најавува бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот и ефикасно спроведување на правото, како и продолжување на реформите во судството. СДСМ, пак, ветува генерален реизбор на судиите.

Програмата на ДУИ е распоредена на 220 страници, а како што велат од партијата, на неа работеле 117 интелектуалци. Тие ветуваат посебен закон за албанскиот јазик и двојазичноста на целата територија на земјата. ДУИ се залага за реформи во судството, почитување на препораките на Прибе и на обврските од Пржино. Членството во ЕУ и НАТО за нив се приоритет за кој нема алтернатива.

Опозициската партија во албанскиот блок ДПА ветува ослободување и економско зајакнување на Албанците. Тие бараат разрешување на кризата и забрзување на евро-атлантските интеграции.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG