Достапни линкови

Граѓаните во Македонија најмногу подигнуват потрошувачки кредити од банките. Заемите тие неретко ги користат за да покријат долговите за режиски трошоци, за реновирање, бела техника, мебел и слично, Но, некои се соочуваат и со проблеми при враќањето на ратите.

Граѓаните треба многу да внимаваат доколку одлучат да подигнат кредит или кредитна картичка од банките, бидејќи доколку се задолжат со неколку заеми потоа тие тешко се отплаќаат дури и со повисока плата од просечната. Во неможност да се покријат месечните рати, се прави префрлање на пари од една на друга банкарска сметка и на крај кога ќе се испразнат сите картички, ќе дојдете до нула.

Самите банки ни даваа и дебитни и кредитни картици и дури и преку пошта ни ги испраќаа со тоа што нормално ние си ги трошевме. Потоа враќањето одеше многу потешко.

Вакво е искуството на Билјана од Скопје кoја ни раскажа дека била вработена во јавно претпријатие и во исто време во неколку банки исплаќала долгови за потрошувачки кредити и за кредитни картички. Таа сега е пензионер.

„Имам искуство со земање кредит и како вработена во јавно претпријатие или јавна администрација, многу е полесно банките да ви дадат кредит, бидејќи имаат некоја гаранција за поредовна плата. Кредитот оди на плата со тоа што самата служба за сметководство редовно ја зема ратата и со тоа проблемите се помали. Во случај платата да задоцни, не по вина на вработениот, тогаш може да се случи ратата да не се отплати редовно и тогаш банката си наплаќа камата, која што додатно ја плаќаш од ратата.“

Таа вели дека при отплатата на ратите за кредитите не се соочила со посериозни пречки, но проблем имала со кредитните картички, бидејќи како што вели при подигнувањето не била свесна дека може да дојде до потешка состојба.

Граѓаните, за жал, се задолжуваат за да ги вратат или претходните задолжувања или народски кажано земаат кредит да го покријат претходниот кредит или пак доминантно се задолжуваат да ги покријат сопствените тековни основни потреби, бидејќи, за жал, нивниот основен доход не може да ги покрие нивните основни животни потреби и тоа е дефект на македонската економија

„Самите банки ни даваа и дебитни и кредитни картици и дури и преку пошта ни ги испраќаа со тоа што нормално ние си ги трошевме. Потоа враќањето одеше многу потешко, бидејќи самата банка вршеше административна забрана, или преку платата доаѓаше или одеше преку нотар, така што на крај картицата станува нефункционална, што значи дека понатака исплатата доаѓа преку нотар или извршител.“

Се задолжуваат за да вратат долгови

Во оваа насока професорот од Економскиот факултет во Скопје, Игор Ивановски вели дека потребата за пари на граѓаните ги води кон задолжување, а банките преку заемите им овозможуваат дополнителен приход за реализација на нивните потреби. Но, според него загрижува тоа што голем број од кредитите што ги земаат граѓаните се потрошувачки.

„И притоа мислам дека помалку внимание во тој момент посветуваат на висината на каматната стапка, отколку кон можноста да ги добијат средствата, бидејќи ако ја погледнете структурата на кредитите на населението, односно на домаќинствата, доминантно повеќе од три четвртини учествуваат потрошувачките кредити и кредитите за задоволување на тековните потреби преку кредитните картички. Што значи, ако ја гледаме структурата, не може да биде премногу задоволителна, односно по мене е загрижувачка, бидејќи граѓаните, за жал, се задолжуваат за да ги вратат или претходните задолжувања или народски кажано земаат кредит да го покријат претходниот кредит или пак доминантно се задолжуваат да ги покријат сопствените тековни основни потреби, бидејќи, за жал, нивниот основен доход не може да ги покрие нивните основни животни потреби и тоа е дефект на македонската економија, којшто, за жал, ќе продолжи да постои и во следниот период“, вели Ивановски.

Настануваат проблеми кога субјектите што земале кредити имаат проблеми со нивните отплати заради тоа што имаат ниски пати, несигурни плати, изгубиле работно место, а компаниите не ги оствариле приходите од инвестициите, од деловното работење.

Дали е висок долгот што граѓаните и компаниите во Македонија го имаат кон банките? Неодамна гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов излезе со предупредување до банките за кредитната изложеност. Според податоците на НБРМ од минатата година, граѓаните и фирмите вкупно должат 4,55 милијарди евра, а вкупното кредитирање се зголемило за 395 милиони евра. Според тоа сега секој граѓанин во просек должи по 900 евра, а најголем пораст има кај потрошувачките кредити. Истата година вкупните депозити од граѓаните и компаниите достигнале 4,95 милијарди евра, што е пораст за 301 милион евра за период од една година.

Поранешниот гувернер на НБРМ, Петар Гошев вели дека кога се гледаат вкупните бројки, не може да се каже дека постои презадолженост, ниту кај населението, ниту кај компаниите, бидејќи како што вели процентот на кредитната изложеност на депозитните институции не е поголем од 60 проценти од Бруто домашниот производ и дека таа таканаречена банкарска интермедијација во развиените земји е многу повисока, над 100 отсто од износот на нивниот БДП.

„Но, тоа не значи дека нема ризикци. Ризици има, и тие се гледаат од бројките на ненаплатливи или тешко наплатливи кредити и таа бројка според статистиката на НБРМ е нешто подобра во споредба со држави во регионот. Но исто така не е мала затоа што изнесува некаде 11 до 12 проценти од портфолиото на банките. И ако се земе во предвид вкупното портфолио на банките што изнесува 4,6 милијарди евра, 11 проценти од тоа се ближи околу 500 милиони евра, коишто имаат третман според критериумите на НБРМ на проблематични кредити или тешко наплатливи. Така што не може да се каже дека нема простор за кредитирање, но се разбира претпазливоста секогаш е потребна.“

Гошев додава дека генералната бројка за изложеноста на банките кон приватниот сектор, односно монетарната интермедијација, изнесува околу 55 отсто од БДП-то и дека таа не е голема.

„Исто така ако се погледне стапката на кредитите во однос на депозитите, таа изнесува 92 отсто. Значи вкупните кредити се нешто помалку од депозитите и тој индикатор исто така говори за сигурност во банкарскиот сектор. Но, проблемите настануваат на друг план, бидејќи една група на субјекти се штедачи, а друга група се позајмувачи, бидејќи позајмуваат оние што немаат пари. И на тој план настануваат проблеми кога субјектите што земале кредити имаат проблеми со нивните отплати заради тоа што имаат ниски пати, несигурни плати, изгубиле работно место, а компаниите не ги оствариле приходите од инвестициите, од деловното работење“, вели Гошев.

Населението сиромашно, стопанството безперспективно

За економскиот аналитичар Зоран Витанов, овие бројки се покажуваат дека средната класа во Македонија ја снемува и дека сиромаштијата галопира. Растот на долговите на граѓаните и на компаниите кон банките за Витанов е показател дека кај населението владее сиромаштија, а кај стопанството безперспективност.

Задолжувањето преку кредитните картички нас ни кажува многу сериозен индикатор дека граѓаните земаат кредит за храна, за да си ги платат сметките за струја. Тоа Македонија ја прави една од најсиромашните земји, а може и најсиромашна во Европа.

„Меѓутоа ако навлеземе во квалитетот на задолжувањето во намената на кредити, ќе видиме дека во 4 од 5 задолжување се работи за задолжувања преку кредитни картички кое што исто така расте. Задолжувањето преку кредитните картички нас ни кажува многу сериозен индикатор дека граѓаните земаат кредит за храна, за да си ги платат сметките за струја. Тоа Македонија ја прави една од најсиромашните земји, а може и најсиромашна во Европа“, вели Витанов.

Во однос задолженоста кај стопанството тој вели дека компаниите главно позајмуваат за набавување на репроматеријали и за готови производи што е показател за неликвидност на стопанството.

„Сето ова е еден добар индикатор, сериозен индикатор и, за жал, не е добра вест дека македонското стопанство е веќе во црвената линија на неликвидност и мораат да се направат драматични и структурни реформи во монетарната и во фискалната политика, нешто суштински да се смени и јас имам конкретни предлози што во последните десет години ги анализираме со мојот тим и мораме да кажеме дека државата тоа не го прави. Во промената на фискалната политика државата мора малце да навлезе во некои поголеми ослободувања, слични на оние што ги прави во слободните економски зони за да ја растовари ликвидноста на стопанството особено кога имаме 30 проценти невработеност. И втората работа којашто државата мора да ја направи е да ги намали даноците на имот на тие претпријатија. И најважната работа според мене е промена на монетарната политика е промена на монетарната политика. Врзаниот фиксниот курс на денарот за еврото, нас не прави многу скапи како производители“, вели Витанов.

Во однос на прашањето за бизнисот, Ивановски вели дека Македонија нема функционална пазарна економија и дека доминантниот ризик се концентрира во државата, бидејќи таа е доминантен работодавач. Во таа насока, вели тој, во приватниот сектор има бизнис којшто е поврзан со состојбите во државата.

„Во таква ситуација ризикот во државата, од јавниот долг, од отсуството на инвестиции, од некомерцијалните, односно политичките ризици, се префрла во приватниот сектор, а доминантниот вработувач, речиси повеќе од 70 проценти е токму приватниот сектор. На крај тој ризик завршува и кај вработените граѓани коишто се во тој приватен сектор и проблемите со коишто се соочува корпоративниот, приватниот сектор на крај се сведува и на проблеми на вработените односно на населението. Јас очекувам дека во оваа година некомерцијалниот ризик ќе се зголеми и тоа дополнително ќе го отежни функционирањето на бизнисот што на крај ќе заврши со проблеми кај вработените лица во овој приватен сектор“, вели Ивановски.

Тој додава дека приватниот сектор многу тешко обезбедува ликвиден капитал и дека тој капитал доминантно позајмен од банките од банките во Македонија и во странство е со висока каматна стапка во однос на развиените пазарни економии.

„И во таа смисла банките се доминантни во остварување на сериозен профит како разлика помеѓу активните и пасивните каматни стапки. Таа цена на скапиот капитал го плаќа корпоративниот сектор и тоа се одразува со недоволен пораст на платите на вработените и кога вработениот во приватниот сектор има ниска плата, тој мора да се задолжи за да ги покрие своите. И тоа е за жал еден негативен магичен круг којшто нема позитивен пораст или тренд онака како што се очекува. Република Македонија и оваа економија со оваа структура не овозможува и не остварува повисоки стапки на раст, не остварува повисоки стапки на пораст на вработеноста“, вели Ивановски.

Презадолженоста, закана за светскиот развој

Гоце Атанасов

Под површината на глобалниот финансиски систем дебне проблем тежок неколку билиони долари што би можело да ја исцрпи силата на големите економии во наредниве неколку денови. Проблемот е џиновски. Се повеќе луѓе и компании во светот не ги исплаќаат нивните банкарски кредити и заеми.

Ваквите лоши заеми, како што пишува весникот „Њујорк тајмс“, ја намалуваат економската активност уште од финансиската криза во 2008 година, но во последниве неколку месеци опасноста постојано се зголемува.

Најголемата закана секако доаѓа од Кина. Некои аналитичари проценуваат дека кинеските проблематични кредити би можело да ја надминат сумата од пет билиони долари, што е половина од обемот на годишниот бруто домашен производ на таа земја. Официјалните бројки покажуваат дека кинеските банки ги повлекоа заемите во декември лани. Доколку ваквата тенденција продолжи, кинеската економија, втора најголема во светот по онаа на Соединетите држави, би можело да забавува забрзано со што ќе бидат погодени повеќе земји кои со години се поврзани со Кина.

Но, не е само Кина. Секогаш кога владите и централните банки покренуваат агресивни стимулации тогаш следуваат и таканаречените лоши кредити. Исто беше и во Соединетите држави при падот на компаниите кои даваат хипотеки за купување станови.

Во Европа, аналитичарите велат дека лошите заеми изнесуваат над билион долари. Ова натера многу големи европски банки да им ги усложнуваат напорите на политичарите за заживување на заедничката економија на Континентот. На пример, Италија објави план за чистење на лошите кредити од неблагодарниот банкарски систем.

„Ако имате бум, а потоа и крах тогаш создавате економски загуби“, вели за „Њујорк тајмс“, Алберто Гало, шеф во Ројал банк на Шкотска со седиште во Лондон, додавајќи: „Можете да се надевате дека кредитите и заемите еден ден ќе се претворат во профит, но ако не се случи тоа, тогаш тие ја повлекуваат надолу економијата“.

Во подобри времиња компаниите и луѓето земаат нови заеми, најчесто со мали каматни стапки и олеснети други давачки. Кога економијата забавува, овие долгови стануваат товар за исплаќање за повеќето што ги имаат земено. Колку што е поголем економскиот бум, толку е поголем бројот на земените кредити кои пак секако се под опасност да не бидат вратени.

Признавањето на загубите од лошите заеми може да значи туркање на фирмите кон банкрот, а на приватните лица кон неплаќање, на пример на нивните хипотеки. Ваквата неправилност претставува проблем за економијата и бара непопуларни мерки и болни социјални последици за даночните обврзници.

Во таков случај, банките би можело да оценат дека е екстремно тешко да собираат свеж капитал од пазарите и да почнат да не даваат заеми. На пример во Европа, на некои земји им требаа многу години да заздрават од банкарските лоши кредити. И покрај тоа што најголемите банки во Ирска претрпеа огромни загуби од финансиската криза, тие се воздржаа од присилно иселување на оние што не беа способни да ги исплаќаат своите хипотеки.

Во последниве години ирската влада спроведува план со цел да им ги олесни условите за исплата на сопствениците на станови кои беа погодени со кризата. Ваквата воздржаност се чини не ја ослаби дополнително ирската економија и таа се оправува побрзо од другите задолжени европски земји. Сепак, опасноста од предолго чекање е евидентна во Италија, која дури сега објави план за помош на банките во врска со лошите кредити. Критичарите на планот, велат дека банките би можело да не го искористат, бидејќи им се чинел многу скап. „Големиот проблем со италијанскиот систем е што таму се дејствува многу доцна“, вели Силвија Мерлер, соработник во Бруегел, европска фирма која се занимава со економски прашања.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG