Достапни линкови

Неизвесен и турбулентен период за новиот мандaтар


Прес-конференција на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по првичните резултати од парламентарните избори на 11 декември 2016

Турбулентен период исполнет со сериозни преговори за формирање влада, потоа и реформи согласно препораките од Прибе, а и можни протести од незадоволните го очекуваат новиот мандатар, прогнозираат аналитичарите.

Преговарање за редицата барања на партиите на Албанците на краток рок и сериозни реформи согласно препораките од извештајот на Прибе од кога ќе биде формирана владата. Овие неколку клучни работи, според аналитичарите, го чекаат новиот мандатар.

Тој прво, за да стигне до мнозинство, треба да се усогласи со барањата од декларацијата што ја усвоија ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците. Тие по консултациите со албанскиот премиер Еди Рама излегоа со документ поделен во седум поглавја, без конкретни рокови, но со идеја, за како што велат, целосна еднаквост на двата народи, право и правда, економска еднаквост, ЕУ и НАТО, добрососедски односи.

Бараат меѓу другото албанскиот јазик да стане втор официјален во земјава, промена на химната, грбот и знамето, осудување на геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот 1912-1956.

И да прифати некои од барањата на партиите на Албанците и да формира влада, новиот мандатар ќе го чекаат редица комликации, прогнозира Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки.

„Сето тоа што го испорачаа партиите на Албанците ќе биде тешко остварливо за кој било мандатар. Од друга страна, оној кој што ќе се обиде да формира влада ќе мора да ги исполни и неколкуте барања што ги има поставено меѓународната заедница“, вели Гаџовски.

Тој наведува дека тие барања на меѓународната заедница се за да се откочи процесот на евроатланската интеграција, па покрај препораките на Прибе, функционирањето на Специјалното јавно обвинителство без попречување смета дека можно е да се отвори и прашањето за името.

„Ако се формира влада на широка коалиција, а се поизгледна е таа варијанта, независно дали со ВМРО-ДПМНЕ или без неа, мислам дека и тоа прашање ќе биде отворено оти е клучно за откочување на македонските евроатлански интеграции“, вели Гаџовски.

Во која било варијанта, без разлика дали претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ќе успее да формира влада или мандатот ќе му биде доделен на лидерот на СДСМ Зоран Заев, аналитичарите прогнозираат дека на краток рок владата ќе ја очекуваат и протести.

Во првиот случај можно е да излезат незадоволните Албанци поради коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, како што веќе пишуваа некои медиуми, а во вториот случај, со влада на СДСМ, отворена е варијанта поддржувачите на партијата на Груевски да организираат протести.

„Не се исклучува можноста да имаме протести, меѓутоа сметам дека ако владата води правилна политика и ако ги утврди приоритетите што се во интерес на државата и за граѓаните сметам дека постепено ќе почнат да се решаваат проблемите што се поврзани со политичката криза“, вели професорот од Осман Кадриу.

ВМРО-ДПМНЕ веќе организираше протести пред зградата во која се наоѓа Државната изборна комисија. Во декември, преку прогласот кој пред насобраните го прочита Груевски, најави дека нема да му дозволат на „аболицираниот криминалец“ Зоран Заев да формира влада со фалсификување на волјата на граѓаните, што според аналитичарите може да се смета за најава за турбулентен период.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG