Достапни линкови

Тактизирања околу доделувањето мандат за новата влада


Годишно обраќање на Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов

Претседателот Ѓорге Иванов најдоцна до понеделник треба да го даде мандатот за формирање на нова влада. Аналитичарите велат оти е можно да бидат искористени крајните рокови, поради можните алтернативни мнозинства.

Дали Иванов ќе го чека крајниот рок кој истекува на деветти јануари за да го додели мандатот за состав на нова влада, од неговиот Кабинет не прецизираат. Оттаму само посочуваат на изјавата на Иванов дадена во неделата, кога само кратко рече дека ќе ги почитува процедурите и Уставот. Од неговиот кабинет не добивме одговор ниту на прашањето дали Иванов веќе се консултирал со некој од лидерите за нивниот коалициски капацитет.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не би сакале во име на претседателот да откријат дали ги повикал на консултации, а од СДСМ тврдат дека досега немале контакти со Иванов на таа тема.

Претседателот најдоцна до понеделник треба да го даде мандатот за формирање на нова влада. Според член 90 од Уставот, во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот му го доверува на кандидат на партијата, односно на партиите што имаат мнозинство во Собранието.

Потоа мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на владата.

Во целиот овој процес изгледа оти има тактизирање, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу. Тој додава дека бавното темпо е поради можните алтернативни мнозинства, кои се се повеќе реални.

„Мислам дека сето ова користење на крајните термини ќе се случува и во процесот на формирање на мнозинство. Ако владеачката партија дојде до заклучок дека нема да може да формира мнозинство, тогаш верувам дека ќе го искористи крајниот рок од 20 дена за формирање мнозинство пред да го врати мандатот. Ако таа се договори, секако дека тоа веднаш ќе се ефектуира“, вели Муслиу.

Не се работи за одолговлекување и чекање на крајниот рок од страна на Иванов, туку станува збор за нешто што е наметнато, бидејќи сега ниту една партија нема мнозинство во Парламентот, коментира професорот Темелко Ристески.

„Во конкретниот случај ниту една партија нема мнозинство и претпоставувам дека претседателот го чека исходот на евентуалните преговори, кои уште не се почнати како што слушнав. Партиите ќе се договорат со кого ќе коалицираат за да се воспостави потребното парламентарно мнозинство и за да се знае кому ќе се довери мандатот за состав на владата. Мислам дека тоа е причината“, вели Ристески.

Инаку партиите засега молчат за тоа дали веќе преговараат за формирање на коалиции. Од СДСМ велат дека имаат редовни контакти со повеќе партии.

На прашањето дали преговараат или пак ќе чекаат Иванов прво да им го даде мандатот, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски, вели дека партијата ја добила довербата на граѓаните и победила на овие избори, така што очекувано е да се почитува волјата на народот и мандатот да се додели на партијата која освои најмногу гласови.

„Штом ќе го добиеме мандатот ќе започнеме преговори и ќе вложиме максимални напори за да формираме влада, бидејќи наша обврска е да преземеме сè што е во наша моќ за да ја реализираме програмата што ја гласаа граѓаните“, вели Котевски.

Инаку, и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во која било варијанта не би имале силна владина коалиција.

Ако партијата на Груевски формира влада само со ДУИ, тогаш би имала 61 пратеник, точно колку за мнозинство. Ако пак со нив се и тројцата пратеници од Алијансата на Албанците и двајцата на ДПА тогаш коалицијата би била малку поцврста и би имала 65 пратеници.

СДСМ пак, не може да формира влада само со една партија на Албанците, бидејќи има 49 пратеници, па ако на нив, покрај БЕСА која има пет мандати, им се приклучат и ДУИ со десетте пратеници тогаш би стигнале до бројка од 64. Во таа варијанта можно е во коалицијата да влезат и Алијансата за Албанците и ДПА, но очекувањата на аналитичарите за такво сценарио се мали.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG