Достапни линкови

Истраги на СЈО за криминал, Канческа-Милевска и Јанакиески демантираат


Музеј на македонската револуционерна борба, 18 јули 2016.

Специјалното јавно обвинителство истражува незаконско работење во Министерството за култура за објектот Музеј на ВМРО. Министерката за култура тврди дека е работено според закон, а СЈО било непрофесионално и во функија на СДСМ.

Корупцијата и културата се поистоветиле, иако се сосема различни концепти, но СЈО постои и се бори за да им даде спротивен пат, рече обвинителката Фатиме Фетаи, претставувајќи ги двете нови истраги „Топлик“ и „Тендери“. Во случајот Тендери, првоосомничена е раководно лице во Министерството за култура, а други осомничени се тројца членови на тамошната комисија за јавни набавки кои местеле тендери и ја фаворизирале градежната фирма Бетон Штип при извршување работи на Музејот на ВМРО. Тие се сомничат дека и овозможиле на градежната форма да добие тендер од еден милион евра. Фирмата почнала да работи уште пред да се распише тендерот, рече таа.

„Првоосомничената му кажува на сведокот дека веќе средила со второосомничената претседателка на Комисијата за јавни набавки, откако ќе се објави огласот, договорот да го додели на Бетон Штип, бидејќи договориле да предвидат такви услови и такви критериуми кои единствено ги исполнувал Бетон Штип“, рече Фетаи.

На пресот на СЈО, реагира министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, со прес-конференција во Музејот на ВМРО. Не сум виновна, сè е работено по закон, а истрагата на СЈО е во функција на предизборна кампања, рече таа.

Канческа-Милевска вели дека од СЈО очекувале професионален и објективен однос, кој ќе биде во служба на вистината, а денешната прес-конференција била, како што вели, во функција на изборите и само за оцрнување на вработените во Министерството за култура. Тоа нема да го дозволам, рече министерката.

„СЈО докажа дека работи по инструкции на СДСМ и работи површно без анализа и аналитика, врз основа на паушални претпоставки. Сите изнесени обвинување се неточни и енергично тврдам дека тезите на Фетаи се „рекла-казала“, со кои СЈО сака да стави дамка на моето работење и на Министерството за култура. Целиот проект е воден согласно законите“, рече министерката.

Таа вели дека договорот со градежната фирма се однесува на градежни и градежно-занаетчиски работи, набавка која не се однесува за изградба на Музејот на ВМРО, туку за партерно уредување околу музејот.

За осомничените во овој случај, СЈО ќе побара мерки за обезбедување присуство, но не прецизираа какви, но велат дека не станува збор за мерката притвор.

Министерката вели дека проектот е чист како солза, запазени се законите, а транспарентноста во целост е испочитувана.

Министерката за култура на крајот на август беше на распит во СЈО, како што рече во својство на сведок. А пред два дена(18 октомври) Обвинителството заплени документи од Министерството за предмети поврзани со Скопје 2014.

За Музејот на ВМРО можеше да се слушне и во „бомбите“ на опозицијата, кога беа објавени прислушувани телефонски разговори во кои раководни луѓе во државата зборуваат за изгледот на објектите од милионскиот проект „Скопје 2014“ во центарот на главниот град и за тоа како да не кажуваат колку пари чини проектот, затоа што „ќе изгубат“.

Случајот „Топлик“, пак, се однесува на сомнежи дека се сторени злоупотреби од страна на раководно лица и членови на комисија во Министерството за транспорт при продажба на земјиштето за изградба на Сончев Град во Скопје.

Првоосомничен во случајот Топлик е раководно лице во Министерството за транспорт, и уште пет члена на Комисијата за јавно наддавање. Раководителот, иако знаел дека не се исполнети условите за продажба на земјиште, инсистирал тоа да се случи, па ги сменил и членовите на Комисијата за јавно наддавање и формирал нова, која потоа и покрај недостатоците во документацијата објавила оглас за продажба на земјиштето. Истрагата се однесува на периодот од 2007 до 2011. Обвинителката Фатиме Фетаи, презентирајќи го случајот, рече дека при продажбата на земјиштето за Сончев Град, буџетот е оштетен за 1 милион и 44 илјади евра и е прибавена имотна корист за едно лице. Огласеното земјиштето го купила фирмата Сан сити, но во 2011 договорот бил раскинат, затоа што по вина на Министерството за транспорт и врски условите не биле исполнети. Министерството на фирмата и ги вратило парите, заедно со камата од 1 милион и 44 илјади евра.

Со реакција се огласи и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески. Целокупната постапка при продажба на земјиштето за изградба на Сончев град во Сопиште е спроведена согласно законот, реагира тој во писмено соопштение. Што се однесува на раскинувањето на договорот со фирмата победник на тендерот, до тоа дошло со одлуката на Уставниот суд за укинување на урбанистичкиот план, а не поради пропустите во работата на комисијата, пишува тој.

На денешната прес конференција не беше присутна специјалната обвинителка Катица Јанева, оти таа е зафатена со истрагата што се спроведува во УБК.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG