Достапни линкови

СЈО: Преседан е УБК да одбива да спроведе судска наредба


Ленче Ристоска, Прес на СЈО, Скопје, 20.10.2016

Обвинителката Ленче Ристоска рече дека остануваат во УБК додавајќи дека се убедувале да се спроведе судска наредба што било преседан. УБК не е посебна држава, контрола мора да се спроведе, а особено да се испочитува судски налог, оценуваат кривичарите.

Истражителите и обвинителите на Специјалното јавно обвинителство кои од вчера се менуваат во смени во Управата за безбедност и контраразузнавање, утрово не можеле еден час да влезат во Министерството за внатрешни работи, рече денеска на прес-конференција обвинителката Ленче Ристоска. Причината за тоа, како што рече Ристоска, била тоа што МВР утринава вовело нова процедура за влегување.

Подоцна тимот бил пуштен да влезе, а специјалната обвинителка Катица Јанева останала во Управата за безбедност и контраразузнавање. Двете одговорни лица кои имале пристап до системите, како што рече Ристоска, биле во странство и од Управата им ветиле дека ќе се обидат да се вратат.

Обвинителката Ристоска појасни и дека СЈО од Основниот суд добила две судски наредби - една за одземање на службена документација за посебните истражни мерки и книгите за евиденција и другата - наредба за претрес на компјутерски систем и податоци со која е дозволено да се изврши претрес и пребарување на специфични и круцијални податоци врз основа на кои ќе се утврди кои броеви биле предмет на следење. По судската наредба за одземање веќе се постапува и се врши попис за одземени предмети и потоа ќе следува одземање на книгите за евиденција, изјави Ристоска.

„Се убедуваме дека треба да се спроведе судска наредба што е преседан и прашуваме каква порака испраќаат до граѓаните луѓето од УБК кога државна институција не почитува судска наредба и бара изговори зошто судската наредба не може да се спроведе “, рече Ристоска.

Таа додаде дека во УБК подолг период се убедувале за тоа дека треба да се спроведе судската наредба, дека побарале асистенција од полицијата и дека е формирана посебна комисија од министерот за внатрешни работи во која имало и членови на управата.

Со недозволувањето СЈО да влезе во УБК, апсолутно се крши кривичниот законик, вели адвокатот Звонко Давидовиќ. Судската наредба е неприкосновена и важи за сите и таа единствено може да се оспори во судска постапка пред повисок орган, додава тој.

„Ова е незамисливо и ги покажува опструкциите со кои се соочува Специјалното јавно обвинителство. УБК не е посебна држава, контрола мора да се спроведе, а особено да се испочитува судски налог“, вели Давидовиќ.

Според него, со тоа што го направија неколкумина вработени во Управата се прават две кривични дела - попречување истрага и непочитување судска одлука.

„Секој од нас ќе беше веднаш приведен и ќе беше процесуирано обвинение. Истото треба да се случи и со нив“, вели Давидовиќ.

Нека повели, не знам врз која основа би не привел нас и тоа би бил уште еден скандал на СДСМ, рече рано утринава заменик-министерот Оливер Андонов, одговарајќи на новинарско прашање за повиците до министерот Оливер Спасовски да ги приведе тие што попречуваат спроведување судска наредба.

Тој, заедно со директорот за јавна безбедност Митко Чавков и директорот на УБК Владимир Атанасовски, тврдеше дека не вршеле опструкции и ја обвинија Јанева за нестручност.

„Ќе постапуваме по судската наредба, но таа треба да биде во согласност со позитивните законски прописи. Тоа значи да немаме прекин во спроведувањето на посебните истражни мерки (ПИМ). Судската наредба се однесува на завршени ПИМ, а во посочениот период има и други ПИМ кои се уште се активни“, рече Атанасовски.

Ристоска и денеска демантира дека се интересираат за активните посебни истражни мерки и дека бараат нивен прекин, туку дека сакаат да ги испитаат досегашните злоупотреби.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG