Достапни линкови

logo-print

Бомба на СДСМ: Груевски го сечел, лепел и монтирал Скопје 2014


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Опозицијата објави нови нелегално снимени телефонски разговори меѓу, како што велат, „премиерот во заминување“ и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и со други претставници на власта во кои тие зборуваат за изгледот на објектите од милионскиот проект во центарот на главниот град, за новите автобуси и за тоа како да не кажуваат колку пари чини проектот, затоа што „ќе изгубат“.

Никола Груевски лично е идејниот творец, планер, дизајнер и реализатор на проектот Скопје 2014, рече попладнево потпретседателот на опозицискиот СДСМ, Дамјан Манчевски, на прес-конференцијата што ја одржа пред владата, објавувајќи ја таканаречената 35 „бомба“.

Опозицијата објави нови нелегално снимени телефонски разговори меѓу, како што велат, „премиерот во заминување“ и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и со други претставници на власта во кои тие зборуваат за изгледот на објектите од милионскиот проект во центарот на главниот град, за новите автобуси и за тоа како да не кажуваат колку пари чини проектот, затоа што „ќе изгубат“.

Во првиот разговор меѓу, како што велат од СДСМ, Никола Груевски и Миле Јанакиески, се слуша како тие разговараат Министерството за надворешни работи да се всели „на диво“ пред да се добие употребна дозвола.

„Машки глас 1: А на диво да се селат овие, МНР?

Машки глас 2: Па нека се вселат, што.

Машки глас 1: Вие ќе им направите нешто?

Машки глас 2: Еее, Музејот на ВМРО работеше на диво.

Машки глас 1: Музејот на ВМРО на диво си работеше?

Машки глас 2: Па не знам дали сега има употребна, ама работеше. Претседателе пола државна администрација не му се упишани објектите во Катастар.

Машки глас 1: Е па диво нека се вселат, а?

Машки глас 2: Кој може да ги запре?“

Во вториот сет од три разговори меѓу Никола Груевски и Миле Јанакиески, како што рече Манчевски, се слуша како премиерот црта и прецртува балкони на барокен хотел, на база на слика од фонтана во Рим сакал да се направи идентична таква со обелиск висок 20 метри, бира стилови и се занимава со уметнички впечатоци. Наместо да биде премиер на граѓаните на Македонија, Никола Груевски бил архитект и дизајнер на ентериер, рече Манчевски.

„Машки глас 1: Не знаеме дали ќе биде хотел. Може ќе, гледам, мене ми е битно убава зграда да биде. Комерцијална ми бара зграда, ЕВН ми бара зграда, може да биде и така, некој деловен објект, ама да биде у пакет со фонтаната. Е сега, како да изгледа фонтаната ние веќе имаме слика како да изгледа.

Машки глас 2: За до МНР.

Машки глас 1: Една тука фонтана има во Рим, со обелиск, многу убава, сакаме таква да биде, ама како тоа да го изведеме, дали претходно да направиме идејно решение или како?“

Манчевски објави разговори меѓу, како што вели Груевски и Јанакиески, кои според него докажуваат дека Груевски одлучувал и за дизајнот на новите автобуси на ЈСП Скопје.

„Машки глас 1: А, му реков да направат на ЈСП дизајн унифициран да биди и за украинските и за овие, да не се разликуваат внатре и очекувам до крајот на неделата да да ми го дадат тој, околу внатре околу столчињата зошто...

Машки глас 2: Малку ми е така многу...

Машки глас 1: Селски ми е материјалот...

Машки глас 2: Значи поубаво по естетски убаво нешто.

Машки глас 1: Да, пластиката значи да биде, треба да биде пошто е таа е... најзидржлива е таа како таква...

Машки глас 2: И да удриме нешто портокалово вака да, како симбол на времето, во коешто се набавени.

Машки глас 1: Внатре тапацирот?

Машки глас 2: Па не знам сеа да... не мора ама така ми текна сеа.“

Во разговорот за кој од СДСМ велат дека е меѓу Мартин Протоѓер и Миле Јанакиески, гласот за кој се тврди дека е на Протоѓер предлага во Скопје да се направи Дизниленд.

Понатаму во разговор меѓу, како што велат од СДСМ, Груевски и Јанакиески, тие зборуваат за каква административна зграда да има Општина Центар. Миле Јанакиески, велат од СДСМ, испланирал барокна зграда од 15 катови, за која и Груевски вели дека е грда, па му држи лекција по барок.

„Во самата тендерска документација да биде фасадата. Каква да биде, фотографија да има. Како вие така ја пуштате, барок. И он сега има милијарда врсти на барок што ќе ги направи и ќе ја земе најевтинатаи на глава ќе ни се качи“, вели машкиот глас за кој опозицијата тврди дека е на Груевски.

Во последниот разговор, велат од СДСМ, може да се чуе како Груевски и Силвана Бонева прават стратегија за настап на пратеници на собраниска седницата посветена на пратенички прашања на која се очекува дека ќе се зборува за Скопје 2014.

„Машки глас: Сте и рекле на Бети утре да доаѓа на седница, во Собрание. За Скопје 2014.

Женски глас: Не јас кажах да размисли убаво дали да дојде.

Машки глас: Мое мислење е не, затоа што целата дискусија ќе биде прашања до неа колку кошта. Ако она каже колку кошта ние ќе губиме.

Женски глас: Ок.

Машки глас: Ако па не кажува колку кошта и да го заобиколува пак ќе губиме, ме разбираш, е, нејќе да каже, те прашавме, кажи колку кошта, и колку и да каже само тоа ќе биде дебатата. Јас мислам ради тоа да не доаѓа она.“

Манчевски рече дека Град Скопје само оваа година ќе потроши повеќе од 40 милиони евра за проектот Скопје 2014 – за нови барокни фасади, за нови плоштади и фонтани, за административната зграда на ЈП Водовод, за Градската куќа и за новиот карусел.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагира дека се работи за сечени, лепени и креирани материјали во кои „нема ни К од криминал“.

„Самите вие потврдувате дека работиме многу и имаме конкретни проекти кои ќе останат како трајно наследство за народот и Република Македонија, како што покрај наведените во денешните креирани материјали се и седумдесете училишта кои ги изградивме и над 350-те кои ги реновиравме, најмодерната медицинска опрема и апарати кои ги обезбедивме, над 120-те милиони евра кои ги инвестиравме во нови здравствени капацитети, аеродромите кои ги изградивме, автопатите кои ги изградивме и градиме, Националната арена Филип Втори, над 130-те илјади работни места кои ги отворивме и уште останати над 2000 проекти кои ги реализираме“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG