Достапни линкови

УБК речиси 24 часа му пружа отпор на СЈО


Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, на Седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците - архива

Пo ноќта помината во Управата за безбеднодност и контраразузнавање, тимот на Специјалното јавно обвинителство се уште не може да пристапи до опремата за прислушување, велат извори од СЈО за Радио Слободна Европа.

УБК речиси 24 часа не му дозволува на Специјалното јавно обвинителство да направи увид во документацијата поврзана со прислушуваните разговори од 2008 до 2015 година. Од таму додаваат дека тимот се поделил во дежурства и цела вечер ја поминале во канцелариите на УБК, обидувајќи се да ги дојдат до одговори кој, како и со што прислушувал. Тимот на специјалната обвинителка Катица Јанева вчера во 11 часот со две судски наредби влезе во УБК да преземат документација поврзана со прислушувањето, кое е предмет на повеќе предистражни постапки и истраги.

Во еден часот по полноќ обвинителките Јанева и Ленче Ристоска ги известија медиумите пред Министерството за внатрешни работи дека тимот со денови ако треба нема да го напушти УБК се додека не се постапи според судските наредби.

„Тапкаме во место, дискутираме, дебатираме, но се уште сме на мртва точка“, изјави Јанева.

Ристоска изјави дека Специјалното јавно обвинителство е разочарано од капацитети на УБК.

„Од нашето досегашно постапување, на нашата голема жалост, УБК немаше ниту волја да постапи по наредбата и манифестира недостаток на технички и човечки капацитети за исполнување судска наредба. Не би сакале да инсинуираме дали е тоа намерно или не е. Единствено сме разочарани од тоа што со ваков тип на институција се соочуваме со ситуација на немање на човечки и технички капацитети да се реализира судска наредба“, рече синоќа Ристоска.

Доцна вечерта изјава за медиумите дал и директорот на УБК Владимир Атанасовски кој истакнал дека причината за застојот е техничка и само овластено лице може да пристапи до тој систем. Тој истакна дека УБК ќе постапи по судскита наредби но проблемот за нив било да не се создаде прекин во тековните посебни истражни мерки.

„Тука се судривме, договорено е со претставникот на операторот да испратат нивни експерти и во наредниот период од неколку дена, не зависи тоа од УБК, туку директно од операторот, тоа ќе се надмине“, изјави ноќеска Атанасовски.

Обидот на СЈО со увид во УБК е поврзан со неколку предистражни постапки и истраги кои се однесуваат на прислушувањето, како на пример предметот „Тврдина“ каде станува збор за уништувањето на опрема за прислушување. Во овој предмет првоосомничен е поранешниот началник на Петта управа на МВР Горан Грујевски, а трето осомничена поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Понатаму со скадалот прислушување е поврзано и обвинието „Пуч“ каде што меѓу обвинетите е лидерот на опозицијата Зоран Заев и поранешниот прв човек на разузнавање Зоран Верушевски.

СЈО најави дека денеска на прес конференција ќе ја извести јавноста за две нови започнати истраги.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG