Достапни линкови

logo-print

Анекс-договорите лапаат милиони евра


На 6 јануари свечено беше промовирана „Порта Македонија“. Цената на објектот од вчера е зголемена за 820 илјади евра.

На 6 јануари свечено беше промовирана „Порта Македонија“. Цената на објектот од вчера е зголемена за 820 илјади евра.

Цените на објектите што се градат, преку анекс-договори за дополнителни и непредвидени работи значително се зголемуваат. Антикорупционерите реагираат дека на тој начин се урива принципот на конкурентност.

Порта Македонија лапна дополнителни 820 илјади евра. Министерството за култура за оваа сума склучи договор за набавка на занаетчиско ентериерни работи, мебел, опрема, и осветлување за објектот. Со тоа, цената на Порта Македонија достигнува речиси 5,5 милиони евра, наспроти основниот договор што беше потпишан на речиси 4,4 милиони евра.
Се злоупотребува можноста предвидена во законот кога може да има дополнителни работи. Тоа се итни, неодложни, непредвидливи, коишто не зависат од оној којшто предвидел да го изгради објектот. Бројни се случаите кадешто оваа одредба се злоупотребува, бидејќи не може вие да зборувате за непредвидиви работи кога се работи за занаетчиски работи, комплетирање или за осветлување, бидејќи во тендерската документација мора точно, прецизно да бидат наведени сите критериуми.

Пред неколку дена, Министерството за култура склучи договор за изведување на дополнителни и непредвидени работи за објектот Музеј на македонската борба за државност и самостојност - „Музеј на внатрешната македонска револуционерна организација и музеј на жртвите на комунистичкиот режим“ во вредност од 146 илјади евра.

Во март, пак, според податоците на интернет страницата на Бирото за јавни набавки, се склучени три нови договори за објектот на Стариот театар во Скопје – два за проектантски надзор и еден за изведување на дополнителни и непредвидени работи, во вкупна вредност од над 393 илјади евра.
Луѓе на Камениот Мост ги гледаат Музејот на македонската борба за државност и самостојност и Музејот на ВМРО и на жртвите на комунизмот и новиот театар.

Луѓе на Камениот Мост ги гледаат Музејот на македонската борба за државност и самостојност и Музејот на ВМРО и на жртвите на комунизмот и новиот театар.


Во јануари и во февруари, за дополнителни и непредвидени работи за стариот театар се склучени два договори во вкупна вредност од над 560 илјади евра.

За леење и монтажа на 46 бетонски скулптури на Стариот театар во јануари е склучен договор во вредност од 288 илјади евра, а во ноември за истиот објект, за дополнителни и непредвидени работи е склучен договор за околу 340 илјади евра.

За дополнителни работи на Музејот на ВМРО во декември минатата година пак е склучен нов договор за 140 илјади евра.

Со враќање уште назад се покажува дека цената на речиси секој објект што се гради, со анекс-договорите за непредвидени и дополнителни работи, опрема, ентериер итн., значително се зголемила.

Поранешната антикорупционерката Вања Михајлова вели дека со анекс-договорите за непредвидени и дополнителни работи се нарушува принципот на конкурентност. Фирмата што понудила најниска цена на тендерот, со анекс-договорите ја зголемува цената во тек на изградбата и на тој начин ги исклучува другите фирми што конкурирале, можеби со пониска цена, вели таа.

„Се злоупотребува можноста предвидена во законот кога може да има дополнителни работи. Тоа се итни, неодложни, непредвидливи, коишто не зависат од оној којшто предвидел да го изгради објектот. Бројни се случаите кадешто оваа одредба се злоупотребува, бидејќи не може вие да зборувате за непредвидиви работи кога се работи за занаетчиски работи, комплетирање или за осветлување, бидејќи во тендерската документација мора точно, прецизно да бидат наведени сите критериуми и оние што конкурираат точно да знаат кои се тие критериуми, кои се тие елементи и да понудат цена за секој од тие критериуми“, вели Михајлова.

Доскорешниот претседател на антикорупциската комисија Воислав Зафировски во интервју за Радио Слободна Европа пред неколку месеци изјави дека законот за јавни набавки дозволува и овозможува да се прават анекс-договори кои може да ја зголемат вредноста на еден објект за одреден процент и оти досега во објектите од проектот Скопје 2014 не се најдени неправилности.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG