Достапни линкови

Скопјани ги евидентираат штетите од земјотресите


Земјотрес - Урната куќа во Стара чаршија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:30 0:00

Земјотрес- Урната куќа во Стара чаршија

Во паниката која настана вчера повредени беа педесетина граѓани. Повеќето повредите ги добиле трчајќи надвор од своите домови, скокајќи од терасите или кога биле погодени од некој предмет.

По мирно поминатата вечер, паниката кај граѓаните во Скопје денеска спласнува, но вчерашниот земјотрес е сè уште главна тема на разговор. Голем дел од граѓаните ноќта ја поминале под отворено небо или подалеку од главниот град поради страв дека ќе се случат нови потреси. Денеска сите раскажуваат за тоа како ги доживеале серијата непријатни земјотреси кои се случија во скопскиот регион.

„Страотно беше. Јас и сопругата бевме дома. Тоа беше нешто страшно, не може да се опише со зборови. Јас 1963 земјотресот како дете го доживеав, ама ова вчера беше нешто катастрофално. Вакво тресење, такво дрмање, јас не сум доживеал. Во паника избегавме надвор.“

„Тоа е. Човек мора да се исплаши. Не очекувавме дека ова ќе ни се случи. Можело сешто да се случи.“

„Седев дома и синоќа околу 10 саат се прибравме. Кај ќе одиш? Во стрес цела ноќ, без спиење“, велат дел од граѓаните во Скопје

Во паниката која настана вчера повредени беа педесетина граѓани. Повеќето повредите ги добиле трчајќи надвор од своите домови, фрлајќи се од терасите или кога биле погодени од некој предмет. Сите дваесет пациенти кои вчера побарале помош во градската болница 8 Септември уште синоќа биле пратени на домашно лекување.

„Околу 20 лица кај нас се јавија со повреди. Нешто што ги удрило во глава, нешто што паднало, па шиено, две-три скршеници имавме, рипнал од тераса, од први спрат, а најмногу повреди имаше при трчање и бегање надоле по скали. Сите се згрижени и вратени на домашно лекување“, информира доктор Сашо Стојчев, директор на болницата 8 Септември.

Падната стока од рафтовите, паника меѓу скопјани
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:30 0:00

Од вчера е активиран и Градски штаб за заштита и спасување. Мобилизирани се екипите на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, како и екипите на сите јавни претпријатија кои реализирале голем број интервенции. Од Град Скопје соопштуваат дека Градскиот штаб континуирано ја следи состојбата на терен и доколку има потреба соодветно ќе реагира. Дел од граѓаните пријавиле штета, но не се сигурни кога и дали воопшто ќе им биде исплатена.

Во напливот на страв и паника која ја предизвика земјотресот од 15:10 минути, повеќето граѓани се исплашија за својот живот и поради несигурноста од квалитетот на зградите во кои живеат. Дали и колку се сигурни градбите во кои живееме и дали денешно Скопје може да издржи земјотрес како вчерашниот? Од Асоцијацијата на архитекти стигнуваат смирувачки тонови.

„Сметам дека Скопје е подготвено за вакви земјотреси затоа што кај нас се проектира според сите стандарди и нормативи за асеизмичка градба. Градежните инженери кај нас имаат искуство со такви проектирања поради претпазливост од катастрофалниот земјотрес што ни се случи во 1963 година. Објектите правени до 90 година се сигурно квалитетно направени како проекти, изведба и надзор, а искрено се надевам дека тоа се случува и со поновите објекти“, вели Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ, претседател на Асоцијацијата на архитекти.

Епицентарот на вчерашните земјотреси бил во околината на Скопје, кое се смета за трусно подрачје. Упатените велат дека посилниот потрес покажал дека е сè под контрола и дека изолираните материјални оштетувања се минимални, пропратни и вообичаени за потреси со таква јачина.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG