Достапни линкови

ЕУ нема да ѝ прогледа низ прсти на Македонија


Димитрова - ЕУ нема да ѝ прогледа низ прсти на Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:44 0:00

Димитрова - ЕУ нема да ѝ прогледа низ прсти на Македонија

На Македонија треба да и се даде кредит поради справувањето со бегалската криза, но на долгорочен план мислам дека сепак ќе се сведе на спроведување на основните реформи. ЕУ тешко ќе дозволи пристап на некоја земја без да ги спроведе фундаменталните реформи, вели во разговор за РСЕ професор Антоанета Димитрова.

Госпоѓо Димитрова, што мислите, каде е Македонија на агендата за проширување на ЕУ, имајќи ја предвид актуелната политичка криза?

Мислам дека е сосема јасно дека Македонија е долу на агендата за проширување на ЕУ, a состојбата е таква веќе извесно време. Така е откако почна да стагнира и ова е во комбинација со фактот дека проширувањето и онака не е на високо место на агендата на ЕУ. Може да се каже дека има два фактори кои влијаат, едниот е дека Македонија е во политичка криза, која навистина се влошува во последниве недели, како што разбрав тука, а втората е дека реформите коишто ги бара ЕУ не се случуваат. И како врв на тоа е дека и самата ЕУ е во криза.

Забелешките на ЕК за влошувањето на состојбите во земјава со години се исти, а препораки добиваме веќе неколку години. Каква вина сноси ЕУ за тоа?

Се разбира. Мислам дека тоа е кога имате двојна динамика, имате негативна динамика од страна на ЕУ, од неколку причини, и имате негативна динамика од страна на Македонија. Така што, вие имате еден магичен круг, кој претходно беше виртуелен круг, каде земјата одеше поблиску до ЕУ, преземаше сè повеќе реформи поради проширувањето.

На страна на ЕУ, очигледно спорот за името не помага и тоа е така веќе подолго време. Сосема е јасно дека не може да се донесе едногласна одлука поради билатералните забелешки на една земја членка на ЕУ, а ние знаеме за која земја станува збор. Јас лично имав илузија дека состојбата со бегалската криза и пред тоа со кризата во ЕУ ќе помогне во тоа ЕУ да ја убеди Грција дека е во нивен интерес да постигнат договор со Македонија во врска со спорот за името за регионот да може повеќе да напредува. Но и оставката на грчкиот министер кој само што го спомна името Македонија, сугерира дека ова и натаму е тешко прашање за грчката страна и ЕУ не може да направи нешто повеќе околу ова прашање.

Од друга страна, пак, постарите земји членки на ЕУ не обрнуваат повеќе внимание на Западен Балкан, како кандидати за членство. Тука зборувам за земји како Холандија, каде што живеам и работам. Вие го немате вниманието и енергијата којашто ја имаат претходните процеси на проширување. Но, тоа може повторно да се смени. Јас веќе подолго време велам дека земјите членки на ЕУ треба да направат случај за проширувањето на кое се обврзале и да преземат мерки, и не само ЕК да ја сноси одговорноста за тоа, туку и земјите членки. Тука како голем исклучок е Германија, која го покрена проширувањето и се труди навистина под лидерството на Ангела Меркел да го потурне и да го унапреди случајот на сите земји од регионот.

Од другата страна, очигледно е дека во случајот на Македонија, сведоци сме на ситуација каде многу специфични препораки не се набљудувани и многу специфични сугестии за реформи се целосно занемарени. Така што може да замислите дека ентузијазмот на ЕУ за да им го промовира проширувањето на своите граѓани е минимален. Така што мислам дека ова може да го наречам двоен проблем.

Фокусот на Европа е на бегалската криза, не и на проширувањето, што треба да стори Македонија да се искачи погоре на агендата?

Па да го срочиме тоа вака. Ако има нешто добро околу бегалската криза, тоа е тоа што им покажува на сите дека Македонија е земја на мапата, која е важна да се погледне и дека е важно да се разгледаат ресурсите кои ги вложува оваа мала земја во справувањето со бегалската криза. Тешко е да се каже точно, има две гледишта. Првото е дека стратегиски гледано ова е можност за Македонија да го изгради својот случај за напредок, но од друга страна е многу јасно, ако ги погледнеме анкетите на граѓаните во Германија, Холандија, никој нема повторно да прифати геополитичко проширување. Мислам дека поради претходни проширувања, во кои од политички причини на одредени земји им беше дозволено да пристапат во Унијата, се многу лошо прифатени. Во основа граѓаните преферираат проширувањето да остане објективен процес кој е базиран на реформи. Мислам дека ќе има стратегиска придобивка ако добро се справи со оваа екстремно сложена ситуација. Како и да е, на земјата треба да и се даде кредит поради вложувањето на своите ресурси и справувањето со ова прашање, но на долгорочен план мислам дека сепак ќе се сведе на спроведување на основните реформи. Без нив тешко дека ЕУ ќе дозволи пристап на некоја земја без да ги спроведе фундаменталните реформи.

Може ли на Македонија и Србија да им се прогледа низ прсти заради бегалската криза?

Мислам дека не може, мислам дека такво нешто би било можно ако на пример Србија или Македонија беа пет години понапред во преговорите, ако земјите имаа отворено или затворено некои поглавја во преговори, ако имаа веќе утврдени и спроведени низа на реформи, тогаш можеби би било можно.

Поентата во процесот на проширување е дека станува збор за сложен процес, со многу скалила кои водат кон членство на крајот. Мислам дека нема сомнеж дека ќе има некаква политичка дивиденда ако Македонија или која било друга земја од регионот учествуваат добро во решавањето или, подобро кажано, адресирањето на овој проблем, затоа што не знам дали може да се реши оваа голема криза која има премногу аспекти. Но на крајот мислам дека тоа нема да биде доволно, пак ќе се сведе сè на спроведување на реформите.

Може ли да се направи една паралела меѓу Македонија и Србија или другите земји од Западен Балкан, ако имаме на ум дека Македонија до пред некоја година беше на врвот во спроведување на реформи, а сега е некаде на дното?

Па не знам дали е на дното, стагнацијата е непријатна состојба и јасно е дека Црна Гора и Србија покажуваат сè поголем напредок. Но, повторно тие работи се менуваат. Тоа што јас го забележав во случајот со Бугарија и Романија дека тие двете заедно се движеа во процесот на пристапување, имаше моменти кога Бугарија изгледаше далеку понапредно од Романија и сите беа зачудени зошто воопшто беа ставени во ист кош и само една до две години подоцна работите повторно се сменија. Така што, преговорите за пристапување во ЕУ се еден долг маратон, а не спринт трка. Така што иако ова е случај, можам да замислам дека е многу обесхрабрувачки ако се дел од оваа земја и ако сакате евроинтеграциите да продолжат, но на крај мислам дека тоа што е важно е дека политичкото и економското подобрување треба да се бараат за доброто на земјата, а тоа не треба да биде различно од она што се бара во ЕУ агендата.

Кои се научените лекции на ЕУ од вклучувањето на Бугарија и Романија, на што внимаваат да не згрешат со Македонија и останатите земји членки?

Да, мислам дека тоа навистина интересно прашање. Мислам дека научија многу лекции, понекогаш мислам дека дури и премногу научија на некој начин. Очигледно е дека основно што научи ЕУ е дека никогаш не треба да се даде датум, никогаш не треба да има конечен датум, затоа што земјите тогаш почнуваат да забавуваат со реформите. Дозволете да кажам дека тоа не е само случај со Бугарија и Романија, кои, кога го добија датумот во 2007 година, покажаа забавување во реформите, туку тоа беше случајот и со Република Чешка. Во моментот кога знаеја со сигурност дека ќе се приклучат, во секој сектор се забележа забавување, особено Законот за јавната администрација којшто беше донесен, никогаш не беше спроведен затоа што тие гледаа дека се стигнати до крајната цел. Една од работите што е научена е дека не треба да се одредува конечен датум. Другите работи се разбира се важноста на владеењето на правото, демократските реформи, баланс на моќта и сите основни елементи на демократијата кои не беа адресирани први, туку последни и на претходните проширувања. Сега, новата стратегија е прво да се почне со нив, сега познати како поглавја 23 и 24 - владеење на право и заштита на човекови права. Главната причина за тоа е дека е потребно многу време за тие реформи. На пример во Бугарија и Романија на ова поле имаше реформи кои не беа завршени или немаше сериозен напредок, во Хрватска тоа го сторија поинаку, мислеа дека овој пат повеќе се осврнале на прашањето, но тоа одеше поспоро. Така што, оваа лекција е сега промена на редоследот на поглавјата во преговорите.

ЕУ исто така сега е многу загрижена за спроведувањето на реформите, затоа што има генерална перцепција дека ништо навистина не се случува, дека работите се само на хартија. Јас не верувам во тоа, затоа што многу истражувања што ги спроведовме покажуваат дека многу политики и стратегии во Бугарија и Романија се спроведени. Но, ЕУ сега вметна и поголем мониторинг и мислам дека тука има премногу научено, затоа што очекувањата се дека реформите нема да се спроведат ако не се мониторираат одблизу. Мислам дека лекциите се сведуваат на една работа, а тоа е дека процесот на пристапување е сè потежок, дека условите се потешки и се очекува поголем реален напредок во реформите.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG