Достапни линкови

ЕУ без договор за мигрантите


ЕУ без конечен договор за мигрантите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:47 0:00

ЕУ без конечен договор за мигрантите

Министрите на ЕУ не успеаја да излезат од ќор сокакот за споделување на одговорноста за згрижување на стотици илјади луѓе кои бараат азил во Европа. Унијата најави помош за земјите на Западен Балкан кои се соочени со бегалскиот бран.

Цврстото противење од поранешните комунистички земји во Европската унија ги блокираа напорите на Германија и Франција да обезбедат договор за предлогот на Европската комисија за релокација на 120 илјади луѓе според национални квоти.

Така евро министрите за правосудство и внатрешни работи го одложија договорот за 8 октомври.

Сепак, еврокомесарот за миграциски прашања Димитрис Аврамопулос по состанокот изјави дека конечно бил направен прогрес со тоа што ја одобриле одлуката за релоцирање на 40 илјади бегалци од Италија и Грција.​

„За предложената релокација на уште 120 илјади бегалци немаше одлука каква што сакавме“, рече тој.

Министрите решија деталнo да им помогнат на земјите од Западен Балкан кои се наоѓаат на главниот транзитен пат на мигрантите.
Жан Аселборн, шеф на дипломатијата на Луксембург.

До ова дојде откако Германија донесе одлука повторно да воведе гранични контроли со Австрија за протокот на бегалци, што предизвика домино ефект кој може да биде директна закана за европската Шенгенска зона на отворени граници.

На кризните точки на границите на Грција и Италија треба да бидат воспоставени центри за прифаќање, проверка на идентитетот и за попис на мигрантите со цел да се утврди дали станува збор за бегалци од војни или од прогон кои можат да добијат азил во Унијата или пак за мигранти од материјални причини кои веднаш ќе бидат враќани во земјите од каде што потекнуваат.

„Министрите решија деталнo да им помогнат на земјите од Западен Балкан кои се наоѓаат на главниот транзитен пат на мигрантите“, изјави Жан Аселборн, шеф на дипломатијата на Луксембург, која претседава со Унијата.

Станува збор за дополнителна помош на загрозените земји од Западен Балкан да управуваат со своите граници и да го решаваат прашањето со приливот мигранти.

Во заклучоците од министерскиот состанок се прецизира дека помошта е со цел овие земји да им „дадат заштита на оние што тоа го заслужуваат и да им обезбедат враќање на оние што не им е потребна меѓународна заштита“.

На состанокот е заклучено дека за таквата цел на земјите од Западен Балкан приоритетно ќе им бидат издвоени средства што им се на располагање во рамките на процесот на проширување.

Министрите најавија и посебни финансиски механизми со цел овие земји подобро да се справуваат со мигрантските бранови.

Европската унија ќе ги зголеми и средствата за Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци за згрижување на сириските бегалци во Турција, Јордан и Либан.

Деновиве претседателот на Европскиот совет Доналд Туск изјави дека ќе свика итен самит на Унијата доколку министрите нема да успеат да постигнат договор.

Сепак, повеќето европски влади ја ставаат под прашалник важноста на таквиот самит пред средбата на министрите закажана за идниот месец

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG