Достапни линкови

Македонски железници профитираат на мигрантите


Мигранти на грчко - македонската граница.
Мигранти на грчко - македонската граница.

Илјадници мигранти влегуваат во земјата и заминуваат за Табановце, понекогаш и повеќе од четири илјади дневно. Во меѓувреме Железници неколкукратно го зголемија билетот од Гевгелија до Табановце. Кризниот штаб ќе побара информации за поскапувањето на билетот.

Поради напливот на мигранти кои пристигнуваат во прифатниот камп на нашата јужна граница, изминативе два-три дена потребно е да се обезбеди поефикасен превоз и поефикасно згрижување, велат во невладините организации. Од таму соопштија дека дневно влегуваат од две до три илјади, а некогаш бројката изнесува ичетири илјади мигранти.

Билетот е 300 проценти поскап од оној што го плаќа локалното население. Автобускиот билет чини 25 евра, а за македонските граѓани чини 350 денари.
Мерсиха Смаиловиќ, „Легис“.

Според Мерсиха Смаиловиќ од невладината организација „Легис“, превозот на мигрантите и утрово се одвива интензивно, претежно со автобуси и такси-возила и со воз. Меѓутоа не стивнуваат реакциите околу поскапувањето на билетот на релација Гевгелија – Табановце. До 20 август тој чинеше 350 денари, а сега е 25 евра или 1.500 денари. Покачување на цената на билетот има и на најфреквентната автобуска и такси линија што ја користат мигрантите.

„Билетот е 300 проценти поскап од оној што го плаќа локалното население. Автобускиот билет чини 25 евра, а за македонските граѓани чини 350 денари“, вели Мерсиха Смаиловиќ.

Според информациите на невладините организации од транспортот на бегалците заработуваат и останатите превозници.

Треба да обезбедиме поефикасна евиденција и времено згрижување во прифатниот центар. А исто така и обезбедување ефикасен транспорт. Кога велам згрижување тоа подразбира и јадење и хигиена и одмор и малку рекреација.
Сузана Салиу, директорка на Центарот за управување со кризи.

„Наплаќаат 100 евра до Табановце, а вчера некои мигранти ми спомнаа дека платиле 50 евра за такси превоз“, вели Смаиловиќ.

Односот кон мигрантите кои во Македонија влегуваат од Грција и бараат спас во западните земји загрижува и во однос на условите во кампот, вели Мерсиха Смаиловиќ од „Легис“.

„Последните два дена е пуштена водата. Спијат долу на под, подот е земјен.“

Сузана Салиу, директорка на Центарот за управување со кризи вели дека треба да се обезбеди поефикасно времено згрижување и поефикасен транспорт за бегалците до нивните планирани дестинации.

„Треба да обезбедиме поефикасна евиденција и времено згрижување во прифатниот центар. А исто така и обезбедување ефикасен транспорт. Кога велам згрижување тоа подразбира и јадење и хигиена и одмор и малку рекреација“, вели Салиу.

Истовремено Кризниот штаб ќе побара информации од Македонски железници во врска со поскапувањето на билетот на релација Гевгелија – Табановце, дополни Салиу.

„Никој во Кризниот штаб не бил известен дека ќе се зголемат цените на картите за воз. Ќе бараме информација од Македонски железници како дошло до зголемување на цената на тие карти“, вели Салиу.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG