Достапни линкови

Ебола во Македонија? - ќе се знае за два дена


За британски државјанин коj со симптоми на внатрешно крварење денеска попладне почина на Клиниката за инфективни болести во Скопје, постои сомневање дека бил заболен од ебола.

Пациентот кој три дена имал стомачни проблеми и температура од 37,5 степени престојувал во хотелот „Супер 8“ во близина на Мавровка, од каде со итна помош бил пренесен во болница и покрај преземените медицински мерки.

Според доктор Јованка Костовска од Институтот за јавно здравје, пациентот во земјава допатувал директно од Велика Британија на 2 октомври.

Иако беше објавено дека претходно тој престојувал во Нигерија, подоцна негов пријател, кој исто така е под надзор на Инфективната клиника, тврдел дека не биле во ниту една земја која се смета за ризична заради вирусот на ебола.

Здравствените власти испратиле материјал во меѓународно призната референтна лабораторија во Германија за да испитаат дали пациентот кој почина попладнево на Инфективната клиника во Скопје бил заболен од смртоносниот вирус ебола.Резултатите ќе бидат познати за 48 часа.

Костовска изјави дека иако пациентот имал пониска температура од што е карактеристично за ебола (38,5), сепак пациентот ќе се третира како да бил заболен од оваа заразна болест.

Хотелот во кој престојувал починатиот е изолиран и претворен во карантин, а во него под надзор се сите вработени и гости кои биле во контакт со заболениот. Под надзор е и медицинскиот персонал што го третирал пациентот, а Клиниката за инфективни болести е затворена и се дезинфицира.

Според препораката на здравствените работници, еболата не се шири преку воздух. Таа е тешко и опасно заболување, но се шири само во директен контакт со заболен и според доктор Костовска, доколку се покаже дека пациентот починал од ебола, ризик постои само кај лицата кои биле во директен контакт со него.

За состојбата веднаш биле известени МВР и Амбасадата на Велика Британија во земјата.

  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG