Достапни линкови

Во Македонија повторно се игра хокеј на мраз


Во оваа скратена сезона учествуваат екипите на Металург, Вардар, Фаворит Кико и, поради немањето четврти македонски клуб во моментов, на бугарскиот Ред Стар.

По 25-годишна пауза (и натпреварите на ХК Скопје во првата лига на поранешна СФРЈ), во Македонија од пред две недели повторно се игра хокеј на мраз. Историскиот момент се случи во хокеј арената во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, на првиот турнир од македонскиот шампионат. Во него, во оваа скратена сезона учествуваат екипите на Металург, Вардар, Фаворит Кико и, поради немањето четврти македонски клуб во моментов, на бугарскиот Ред Стар.
Претходните години немавме каде да тренираме и каде да играме. Тоа беше проблемот што досега не можевме да организираме ниту првенство, ниту да се формираат клубови. Сега имаме хокеј арена.
Никола Тасев, претседател на Хокеарската федерација на Македонија.

Тие, по принципот секој со секого, во наредните месец и половина ќе ги одмерат силите на уште два турнири, по кои ќе биде познат и првиот македонски шампион во хокеј на мраз. Со тоа, инволвираните во овој спорт кај нас, конечно успеаја да ги реализираат повеќегодишните најави, што досега не беше можно поради немањето услови за работа.

„Претходните години немавме каде да тренираме и каде да играме. Тоа беше проблемот што досега не можевме да организираме ниту првенство, ниту да се формираат клубови. Сега имаме хокеј арена, таа ги задоволува сите услови. Тука се тренира секој ден, се играат натпревари и мислам дека од година во година само повеќе и повеќе ќе се омасовува овој спорт, којшто е многу атрактивен и популарен“, изјави претседателот на Хокеарската федерација на Македонија, Никола Тасев.
Треба да ја направиме репрезентацијата да биде конкурентна во делот на оние екипи кои што играат во трета Дивизија и играат во тие квалификации за Светско првенство Трета дивизија. Во Македонија имаме 5,6,7 хокеари коишто можат да бидат конкурентни во тие рамки.
Никола Тасев, претседател на Хокеарската федерација на Македонија.

За остварување на претходно кажаното, предвидена е богата клупска програма уште за наредната сезона. Во неа, покрај домашното првенство кое ќе се игра од ноември до април, се планира и настап на Металург во најавената регионална лига со клубови од Србија, Грција, Турција, Бугарија и од Босна и Херцеговина. Ако пропадне оваа идеја, тогаш сигурно е учеството во српската лига.

Кога е во прашање репрезентацијата, таа својот прв неофицијален меч најверојатно ќе го одигра во октомври против Босна и Херцеговина. Со учество во квалификации, пак, нема да се брза. Причина - скромниот актуелен играчки кадар, кој мора да се засили со квалитетни хокеари од македонско потекло кои се родени и настапуваат во странство. За нивен ангажман потребна е најмалку една година, во која подобро е да не се игра наместо да се доживеат демотивирачки високи порази.

„Треба да ја направиме репрезентацијата да биде конкурентна во делот на оние екипи кои што играат во трета Дивизија и играат во тие квалификации за Светско првенство Трета дивизија. Во Македонија имаме 5,6,7 хокеари коишто можат да бидат конкурентни во тие рамки. Но, сепак, ни требаат барем уште 10-ина хокеари наши Македонци од странство да дојдат, да сфатат дека тука веќе сериозно се работи во хокејот, да им биде интересно да играат за Македонија. Значи година до две минимум додека да почнеме и официјални натпревари со репрезентација“, додаде Тасев.

Тој е уверен дека хокејот нема да ја доживее судбината на спортовите кои со натурализирање странци имаа метеорски скок, но набрзо, повторно згаснаа. Адут за тој оптимизам му е и големиот интерес меѓу младите за работа во школата што ја организира СЦ „Борис Трајковски“. Таму во моментов тренираат 30-ина младинци, кои, според Тасев, за година – две ќе бидат конкуренти за настап во сениорската лига.
XS
SM
MD
LG